За некој од соседите тежиштето на идентификацијата на македонизмот сега се префрли на македонскиот јазик, кој во актите на Обединетите нации фигурира од 1977 година, а своја признаена лингвистичка реалност и постоење има речиси 12 века, т.е. од 9 век. Тоа всушност е и најголема потврда за посебноста, континуитетот, вековната традиција и за постоењето на македонскиот јазик
Какви и да се очекувањата и амбициите од изборите, на сите во Македонија им е јасно дека и во денот по нив, кога некои ќе се разбудат, а некои нема ни да заспијат со сознанието за изборните резултати, сепак тоа нема да биде денот за будење во европскиот сон. Колку и да звучи парадоксално, но главната амбиција на македонската политика е да се разбуди во некој поубав сон, за кој консензуално е прифатено дека стратегиската определба на земјава е тој да се бара во евроатлантската иднина. И таквата (надворешно)политичка определба или сон, е нашата и нова и стара реалност, со која уште од првиот ден по изборите ќе мора да се соочат и да ја прифатат оние што ќе се изборат за позицијата да формираат влада. Всушност и еден од најгласните аргументи за одржување избори во услови на пандемија, како на домашните политички чинители така и на претставниците на меѓународната заедница, беше дека за почеток на преговорите со ЕУ, на Македонија ѝ се потребни легитимни и функционални институции. По долгогодишно поигрување со македонските желби, настојувања и идентитетски жртви да биде дел од европското семејство, се чини дека последните сигнали на ЕУ за започнување на преговарачкиот процес се сериозни.
Со почетокот на германското претседателство на ЕУ, на 1 јули, Европската комисија го предаде документот со преговарачката рамка за Македонија до земјите-членки на Унијата, кои треба кај нив институционално да ја разгледаат – па да ја прифатат или да дадат свои забелешки и дополненија, кои евентуално би влегле во конечната верзија на формалниот преговарачки акт… Но предизвиците и неизвесноста за македонскиот пат до европскиот сон, и покрај „сериозноста на сигналите на ЕУ“, не оставаат простор за какво било олабавување и невнимателност во однос на поставувањето на сопствените национални позиции во однос на преговорите.
Македонија во преговарачкиот процес со ЕУ влегува со багажот на Преспанскиот договор со Грција и договорот за добрососедство со Бугарија, кои, според едни, се клучните потези што ги направила државата за приближување до европско-бриселските порти, додека за други претставуваат токсични стапици за македонскиот идентитет во преговарачкиот лавиринт на европските услови. Секако, официјалните примарни очекувања и задачи на ЕУ за Македонија се однесуваат на усогласување на македонското законодавство во европското, функционалноста на правната држава и владеењето на правото – што значи справување со системската корупција и криминал… Со новата методологија на преговори и понатаму првите поглавја што се отвораат и последни се затвораат, се токму 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото, со тоа што дополнителен предизвик е принципот на реверзибилност, т.е. можноста за повторно навраќање на некое (затворено) поглавје, доколку некоја членка има забелешки од развојот на настаните во земјава по затворањето…
Во секој случај, уште „првата радост“ за нацрт-рамката за преговори за Македонија е засенчена со уцените на соседите (и покрај договорите) како Бугарија, за прифаќање на нивните услови за ревизија на македонската историја и автентичноста и самобитноста во развојот на македонскиот јазик. Конкретно и недвосмислено, Бугарија за поддршка на македонската евроинтеграција условува со прифаќање на бугаризацијата на македонскиот идентитет. Колку и да звучи несериозно и апсурдно такво условување на земја-членка на ЕУ, во 21 век, со што флагрантно се загрозува фундаменталниот принцип на демократскиот свет за самоопределување, во периодот на својата тридецениската самостојност македонската држава била ставена и пред голем број други апсурдности и условувања, кои резултираа со менување на уставното име на државата.
Таквата состојба на променето државно име, како последица на друг соседски договор, се покажува во практика дека често го става во искушение и именувањето на националниот идентитет, иако според тој соседски договор тој е дефиниран како македонски и е заштитен. Исто така, според Преспанскиот договор, и јазикот на државата е – македонски. Сепак, тоа не го спречува другиот сосед, Бугарија, да го користи своето право за поигрување со механизмите на ЕУ и да поставува непринципиелни и апсурдни услови, игнорирајќи ја сосема реалноста на македонското постоење.
Во условите создадени по Преспанскиот договор и промената на името, тежиштето на идентификацијата на македонизмот се префрли на македонскиот јазик, кој во актите на Обединетите нации фигурира од 1977 година, а своја признаена лингвистичка реалност и постоење има речиси 12 века, т.е. од 9 век. Новата реалност на македонските евроинтеграции е дека покрај исполнувањето на правните критериуми, постојано ќе треба да се внимава на зачувувањето и афирмацијата на македонскиот идентитет, за да не ни стане европскиот сон кошмарна реалност.