Едно нешто сепак не смее да се изостави од ум. Зашто политички пазар дома е една работа, а меѓународно право нешто сосема друго. И под претпоставка лидерите и
пратениците да се убедат да прифатат евентуално ново решение во однос на
спорот со Грција, тоа не може да го смени членот број 1 на ОН, ниту да ги промени одредбите на меѓународното право. Да не говорам и за волјата на македонскиот народ, која исто така не може да се промени, кога станува збор за неменливоста на уставното име
Зад добар коњ прашина се крева, а јас сум добар коњ. Оваа изјава на пратеникот Амди Бајрам некако најсликовито ги илустрира политичко-дипломатските состојби во последно време, иако Амди ја дава лично за себе и во прво лице еднина. Потоа веднаш му се нафрлија на човекот од сите страни, ќе го растргнат медиумски, иако тој всушност ништо страшно не направи. Само стана дел од власта. Има ли нешто лошо во тоа. Затоа не се согласувам со изјавата дека е само добар коњ. Повеќе би рекол дека е само прекален политичар, во својство на трговец поединец, кој знае како да ги намагарчи преостанатите и пак да остане во трка. Со овие свои докажани квалификации верувам дека може да се снајде и доколку, сега како дел од власта, му доверат улога на преговарач или посредник во спорот со Грција. Ќе биде интересно да видиме како ќе ги намагарчи Коѕијас и Ципрас и ќе им даде гол со пета. Во 90. минута или во судиско продолжение, како што најдобро знае, зашто токму сега влегуваме во временски теснец околу спорот со Грција и меѓународната заедница очекува некаков епилог до јуни.
Сериозните времиња бараат сериозни одлуки, но политичките состојби станаа толку несериозни што станува навистина тешко каков приод да заземете и со каква диоптрија да ги гледате нештата. Згора на тоа, никогаш не сте на сигурно што е вистина, што полувистина, што измислица или дезинформација. Стана практика во јавноста да се пуштаат многу пробни балони за суштествени прашања, па откако многумина ќе истрчаат со коментари и мислења, да разберете дека веста не била вистинита.
Во таа насока не заслужува сериозен коментар ниту предлогот „Република Илинденска Македонија“, кој се појави во јавноста по последната средба во Софија меѓу премиерите Заев и Ципрас. Зашто можеби е само обид за намагарчување. Од кога и за кого, допрва ќе дознаеме.
Утре можеби некој ќе излезе со варијанта „Република македонско црешово топче“ или „Република Мечкин Камен“… И до каде ќе стигнеме. Притоа нејасно е како ќе се произнесе општината Илинден, која е директно засегната со варијантата Илинденска Македонија, бидејќи може да го сфати како директно мешање на централната и локалната власт. На авторски права може да се повика и поранешната стоковна куќа „Илинден“ во Старата чаршија или игроорното друштво „Илинден“ итн. Шегата настрана. Веќе ништо не може да нѐ изненади кога стана возможно да се стави на пазар и да се тргува со име, идентитет, јазик, култура, историја на цел еден народ и држава. Замислете, денес за врвна политичка или дипломатска вештина се смета – креативноста. И тоа не во осмислување подобра иднина за граѓаните, туку во смислување и измислување имиња. Кој покретеноиден, пардон, „покреативен предлог“ може да измисли за име на држава, која патем веќе си има свое уставно и од сопствениот народ избрано име.
Грчките медиуми и аналитичари пак се занимаваат со други предлози и варијанти што таму се вртат во јавноста, што потврдува дека реалноста е сосема поинаква од она што се сервира пред граѓаните и за што се опипува пулсот на јавноста и во двете земји. Но настрана шпекулациите, пробните балони, импровизации и комбинации. Како што споменав и погоре, ова се сериозни времиња и бараат сериозен приод. И бидејќи некако стана тренд колумнисти, аналитичари да реобјавуваат свои претходни ставови во однос на одредено прашање, редно е и ние уште еднаш да ги реобјавиме позициите на нашиот весник во врска со наметнатиот спор со Грција. Со наслов „Што треба да им се каже в лице на Ципрас и на Нимиц“, нашите позиции беа објавени во поширока форма пред средбата на двајцата премиери во Софија. Во оваа пригода само накусо ќе потсетам на клучните точки од овие препораки.
Уште Бадинтеровата комисија во 1990-тите години има заклучено дека Грција нема право да се противи на терминот Македонија и нашата држава може да се именува како Република Македонија. Со тоа преку Бадинтер и неговата комисија составена од експерти и уставни судии од најмоќните држави практично Европа нѐ призна под уставното име.
Замислете, денес за врвна политичка или дипломатска вештина се смета – креативноста. И тоа не во осмислување подобра иднина за граѓаните, туку во смислување и измислување имиња. Кој покретеноиден, пардон, „покреативен предлог“ може да измисли за име на држава, која патем веќе си има свое уставно и од сопствениот народ избрано име
Следен моќен аргумент во наши раце што препорачавме да им се каже и прочита на Ципрас и на Нимиц е членот број 1 од Конвенцијата за човековите права на ОН. Тој член е многу краток и гласи вака: „Сите народи имаат право на самоопределување“. Да не забораваме дека Конвенцијата за човековите права на ОН е своевиден устав во светски рамки, кој важи за сите држави и сите мора да ги почитуваат нејзините одредби. Ако ОН така го дефинирале и прифатиле тоа, тогаш веднаш се наметнува прашањето зошто овој член не би важел и за Република Македонија, од која во процесот на разговори и со метод на притисок и уцена се бара да се откаже од своето вековно име и да се преименува.
Следна важна точка на која посочивме и која треба да им се воочи и каже в лице и на Ципрас и на Нимиц е фактот дека сегашните разговори и преговори се беспредметни доколку резултираат со нешто што ќе претставува повреда на правото на самоопределување и нормата јус когенс. Оттаму и евентуалниот иден договор за ново име би бил беспредметен и ништовен бидејќи е во спротивност со меѓународното право. Нема компромис за нешто што е спротивно на меѓународното право.
По разговорите во Софија со Ципрас, премиерот Заев изјави дека сега ќе се бараат начин како опцијата околу која имало заемно совпаѓање да помине институционално и да добие согласност од претседателот на државата и од другите политички лидери.
Едно нешто сепак не смее да се изостави од ум. Зашто политички пазар дома е една работа, а меѓународно право нешто сосема друго. И под претпоставка лидерите и пратениците да се убедат да прифатат евентуално ново решение во однос на спорот со Грција, тоа не може да го смени членот број 1 на ОН, ниту да ги промени одредбите на меѓународното право. Да не говорам и за волјата на македонскиот народ, која исто така не може да се промени, кога станува збор за неменливоста на уставното име.
Оттаму на сите треба да им биде јасно дека промената на уставното име е практично невозможна мисија. Веројатно затоа и според пишувањата на грчките медиуми се оди на сценарио преку потпишување меѓународен договор и преку временски одложен рок за промена на Уставот и со Европската Унија и ОН како гаранти. Ова е уште еден обид за намагарчување на македонските граѓани. Можеби посоодветен израз би бил и капитулација на Македонија – на рати. Како пациент што е приклучен на апарати за преживување и е под постојана закана дека ќе му ги исклучат еден по еден, иако самиот веќе за ништо не може да одлучува. Многу познати светски мислители имаат кажано дека идентитетската смрт е многу пострашна од клиничката. Може ли да се доведеме во една таква ситуација?