Борбата против корупцијата не може да се води кампањски и само со слатки зборови, кои треба да ја искажат „решителноста“ на власта дека „нема компромис“ со корумпираните лица, без оглед на националната и партиската припадност. Успешноста против корупцијата зависи и од еднаквото искрено залагање и на претставниците на опозицијата, кое ќе го покаже со своја поддршка на спроведувањето на реформите во судската власт, која очигледно е последниот бедем против спроведувањето на еднаквата правда за сите граѓани
Корупција, лошо владеење или отсуство на демократија, селективна примена на правото и бавен економски пораст. Колкупати досега сме ги слушнале овие четири клучни нешта, кои се содржани во сите меѓународни извештаи што се однесуваат за земјите од Западен Балкан. Овие оцени се непроменети од почетокот на транзицискиот период низ кој со децении поминуваат балканските држави. Различни се само годините и интензитетот на критиките за секоја поединечна земја за степенот на корумпираноста, кои се во зависност од тоа какви ветрови дуваат од „Западот“. Општиот заклучок е дека корупцијата останува длабоко вкоренета во сите земји и уште долго ќе остане да биде дел од нивниот општествено-политички систем. Слично на коронавирусот, тој „невидлив“ непријател, кој никогаш не ќе може да се искорени и ќе продолжи да се појавува секоја година во нечии извештаи, како оној на „Транспаренси интернешнл“, во кој толку ревносно ја мерат „перцепцијата за корупција“!
Најновата листа на најкорумпирани држави не донесе нешто ново, што досега не сме го знаеле за состојбите во регионот. Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово и Македонија бележат пад во општата перцепција, а единствено Албанија бележи напредок за две места. Генерално, сите земји останаа таму каде што и беа, во групите на земји со најголема корупција. Македонија е на историски најлошото, 111-то место на ранг-листата за индексот за перцепција на корупцијата за 2020 година, заедно со БиХ, Монголија и Панама.
И повторно рангирањето на Македонија на листата за корумпираноста на земјите во светот предизвика исти реакции кај домашната политичка јавност, со тоа што се сменија улогите на критичарите. Партиските реакции реално немаат никакво пошироко значење, освен што служат за меѓусебно обвинување. Тие што некогаш беа на власт или во опозиција, сега имаат поинакви ставови и објаснувања за лошата слика за земјата и виновникот за тоа го посочуваат на спротивната страна. Тоа што е невообичаено, по објавувањето на последниот извештај, е што во критиките за лошиот „пласман“ на Македонија се вклучија и оние институции и функционери што се задолжени да се справат со најголемото зло – корупцијата. Внимавајте, Државната комисија за спречување на корупцијата реагира дека влијанието на политиката, злоупотребите на службената положба и овластувања, непотизмот, клиентелизмот и кронизмот сѐ уште се широкораспространети!? Во соопштението на Државната комисија за спречување на корупцијата најпрво се потсетува дека индексот на перцепција на корупцијата што го објави „Транспаренси интернешнл“ покажува дека, со освоените 35 индексни поени, Македонија стагнира во борбата против корупцијата, но и дека едновремено бележи и пад од пет места на ранг-листата на земјите. Во слична насока се и објаснувањата што доаѓаат од самата „Транспаренси интернешнл“, чија улога се сведува само на голото соопштување на рејтинзите на државите, без нивен досегашен видлив придонес за ефикасна борба против корупцијата во Македонија.
Тоа што е невообичаено по објавувањето на последниот извештај е што во критиките за лошиот „пласман“ на Македонија се вклучија и оние институции и функционери што се задолжени да се справат со најголемото зло – корупцијата. Внимавајте, Државната комисија за спречување на корупцијата реагира дека влијанието на политиката, злоупотребите на службената положба и овластувања, непотизмот, клиентелизмот и кронизмот сѐ уште се широкораспространети!?
Во делот на протоколарни изјави, како оние на вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, се смета и реакцијата на Кејт Брнз, амбасадорка на САД во Македонија. Таа на социјалните мрежи објави дека „борбата против корупцијата останува критично важна задача за нашата држава и е во фокусот на стратегиското партнерство на двете држави. „Корупцијата ги загрозува сите елементи што ги врзуваат нашите општества – меѓусебната доверба едни во други и во Владата, вербата во правичност и правична правда и довербата да гради, поттикнува раст и да се унапредува економијата“, подвлекува американската амбасадорка.
Борбата против корупцијата не може да се води кампањски и само со слатки зборови, кои треба да ја искажат „решителноста“ на власта дека „нема компромис“ со корумпираните лица, без оглед на националната и партиската припадност. Се чини, главните политички фактори во државата се однесуваат на истиот принцип како спортистите, кои влегуваат во овој натпревар со намера да извлечат „нерешен“ резултат за да поентираат на некој друг план, без да го направат завршниот удар и да освојат победа. Успешноста против корупцијата зависи и од еднаквото искрено залагање и на претставниците на опозицијата, кое ќе го покаже со своја поддршка на спроведувањето на реформите во судската власт, која очигледно е последниот бедем против спроведувањето на еднаквата правда за сите граѓани. Со бескрајното одолжување на судските процеси, судиите се и главните заштитници на високиот криминал во земјата.
Рецептот за справување на коруптивниот систем, кој е длабоко вкоренет во секоја сфера од општеството, во добивањето на тендерите за јавните работи, вработувањето во државните служби, во образованието, здравството…, колку и да изгледа сложено, е премногу едноставен. А тоа е да постои искрена волја кај политичките партии, но и кај секој граѓанин за искоренување на ова зло, кое нѐ влече сѐ подлабоко во пропаст. Не се потребни анализи за да се констатира дека најнапредните економии имаат и најмало ниво на корупција. На самите нас е да одлучиме што сакаме: да бидеме на горниот дел од листата на некорумпирани земји или да продолжиме да живееме во заробени држави, во кои владеат корупција, клиентелизам, непотизам, кои се израз на целосно партизирано општество. Изборот на второто ќе значи и целосно предавање, односно капитулација пред корупцијата.