Факт е дека од независноста до денес Македонија не остварува сериозни стапки на раст. Македонија и македонските граѓани, со ова темпо, нема никогаш да го достигнат животниот стандард на европските граѓани, бидејќи на земјата ѝ се потребни високи стапки на раст. Нашата држава треба да се развива со т.н. кинески, индиски и малезиски стапки, кои се движат од 6 до 10 отсто, бидејќи само со такви бројки би можеле барем малку да се доближиме до стандардот на ЕУ
Веќе се ближи крајот на тековната 2019 година, што, секако, само по себе е повод за анализи и оцени на сработеното. Во овој период компаниите ги прават завршните сметки, ги затвораат проектите, барем оние што се со рок на завршување во тековната година и ги сублимираат резултатите од своето работење. Ова е најпогодниот момент да се осврнеме накратко и на она што е сработено во изминатиов период во земјава, особено она што е постигнато во доменот на економијата. Јавноста беше сведок на ветувањето дека оваа година ќе биде година на економијата, но, сепак, недостига вистинското чувство дека ова беше година на економијата и дека во неа беше постигнат навистина голем економски раст. И додека политиката во свој стил ги презентира состојбите низ розови или низ црни очила, граѓаните и јавноста остануваат со прашалници, зошто животот и понатаму е во некоја сива зона.
Со вакви проекции тешко дека ќе успееме да се приближиме до посакуваниот европски стандард. За да се оствари тоа, потребно е да се применат радикални промени во монетарната и во фискалната стратегија, за што е потребна голема
храброст, каква што досегашните влади не ја покажаа
Владините претставници во неколку наврати посочуваа дека имавме успешна година, во која, покрај економскиот раст, имаме и значително намалување на невработеноста. Од друга страна, пак, опозициските претставници ја оценуваат како најлоша економска година, во која животниот стандард на граѓаните е значително намален.
Ако ги оставиме настрана политичките центри и нивните изјави, неоспорно треба да ги погледнеме забелешките и предлозите на бизнис-заедницата. А токму бизнис-заедницата неодамна посочи дека состојбите во економијата оваа година не се значително променети, особено не во однос на минатата година. Бизнис-фелата подолг период апелира дека мора да се подобри работењето на администрацијата, на јавниот сектор, што ќе придонесе да се подобрат перформансите на претпријатијата.
Неодамнешната анкета направена меѓу 596 компании покажа дека бизнис-заедницата смета дека условите за развој на бизнисот се непроменети, односно на слично ниво како и лани. Резултатите од анкетата покажаа дека само 13 проценти од анкетираните компании сметаат дека има подобрување на условите, додека, пак, 38 отсто сметаат дека бизнис-климата е полоша, а 36 проценти дека нема промени. Најлоши резултати во однос на ставот на компаниите за бизнис-климата во земјава имаше во 2016 година, кога над половина од компаниите сметале дека бизнис-климата е влошена.
Сепак, постигнатото мора да го гледаме низ призмата на бројките, кои велат дека има раст, бидејќи оваа година имаме стапки на раст од 3 отсто, па дури и од 4,1 отсто на самиот старт на година. На некој начин карактеристично за Македонија, годината се очекува да ја завршиме со стапка на раст околу три проценти. Иако не можеме да го оспоруваме фактот дека има раст, само по себе се наметнува прашањето дали тој е доволен и дали граѓаните чувствуваат некакво подобрување во животот.
Бројките се небитни ако нема промени во секојдневието, ако граѓаните и понатаму се жалат и посочуваат дека најголем дел од приходите им оди на храна и сметки, без притоа да имаат можност да се релаксираат или пак да спортуваат, да посетат театар или кино…
Факт е дека од независноста до денес Македонија не остварува сериозни стапки на раст. Тоа, пак, негативно се одразува врз стопанството и врз економијата и директно влијае врз нискиот животен стандард, вработувањата, но и врз одливот на стручни кадри. Истовремено, и во контекст на нашите аспирации за членство во ЕУ и во НАТО, сакале тоа да признаеме или не, есенцијалноста за реално исполнување на тие стремежи се радикалните промени на полето на економијата, реструктурирањето и модернизацијата на македонската економија… Но како да се постигне тоа?
Такво нешто не може да се оствари со хронично низок БДП. За да ја оствари Македонија својата цел, потребна е јака економија. Факт е дека низ годините земјава нема направено значајни подвизи, бидејќи растот што ја карактеризира Македонија од осамостојувањето наваму е просечно 2-3 отсто. Иако имало години кога сме имале и 6 отсто раст на БДП, сепак, тоа се исклучоци.
Македонија и македонските граѓани, со оваа темпо, никогаш нема да го достигнат животниот стандард на европските граѓани, бидејќи за тоа на земјата ѝ се потребни многу повисоки стапки на раст. Нашата држава треба да се развива со т.н. кинески, индиски и малезиски стапки, кои се движат од 6 до 10 отсто, бидејќи само со такви бројки би можеле барем малку да се доближиме до стандардот на ЕУ.
Проекциите на релевантните светски институции се дека наредната и понаредната година Македонија повторно ќе има економски раст нешто над три проценти. Со вакви проекции тешко дека ќе успееме да се приближиме до посакуваниот европски стандард. За да се оствари тоа, потребно е да се применат радикални промени во монетарната и во фискалната стратегија, за што е потребна голема храброст, каква што досегашните влади не ја покажаа.