Кога веќе се зборува за рекреативно-забавни содржини во Градскиот парк и на кејот на Вардар, неизбежно е да се направи паралела на нешто изградено и на нешто нечепнато. Како црно и бело или како ден и ноќ се разликуваат кејот од страната на паркот и оној што се гледа отспротива, на другиот брег
Сигурно не треба да се докажува дека Градскиот парк во Скопје е едно од најпосетените места во градот. Таму во летните месеци е врвулица од народ, а особено е посетен за време на викендите, особено овој период, кога поради коронавирусот скопјани не се решаваат да патуваат на подолги релации. Градскиот парк се покажа како вистинско место за релаксација и краткотраен престој за родители со деца, за млади, но и за пензионери, кои ги користат дебелите сенки за одмор. Но, сепак, она што може да се забележи е дека во него, освен природните погодности, нема некои позначајни содржини што би го привлекувале вниманието или што би им овозможиле на посетителите и некаков вид друга забава.
Нема кој не се радува на нешто ново и убаво, а особено ако тоа ново се прави во неговиот град. А некои скопјани не кријат дека навистина ги радува изградбата на трите нови летни сцени во Градскиот парк. По старата, позната и славна сцена „Школка“, радува најавата дека ќе се изградат три нови летни сцени на кои ќе се изведуваат културно-забавни, музички и други програми и настани.
Особено радува што се предвидени сцени на кои можеби ќе има и манифестации за деца, како и други содржини што може да бидат од интерес за поголем број граѓани од сите возрасти.
Ако некогаш славните кафеани „Езерце“, „Кермес“, „Опатија“, „Кампинг“ биле местата на вечерни собирања на сега повозрасните скопјани, новонајавените и веројатно идните објекти што ќе се градат во паркот ќе обединуваат на дружба нови и нови генерации. Езерцето во првиот дел од паркот ќе ја добие првата летна сцена, кружна форма што ќе ги поврзува сите четири страни на паркот. Ако на ова место посетеноста на скопјани беше поради старата и позната кафеана „Езерце“, сега тоа многу повеќе ќе биде поради летната сцена. Малку погоре, кај Сточарскиот институт, посетителите ќе ги обединува втората сцена, која во своето архитектонско решение има интересна илуминација на коцките поставени за седење на публиката. А третата уште повеќе ќе собира народ во вториот дел на паркот, кај кајак-кану клубот „Илинден 90“.
Но колку што од една страна се прави нешто, од другата остана заборавен лунапаркот, место на кое израснаа неколку генерации скопски деца, а сега е само носталгично сеќавање на нивните родители. Просторот на поранешниот забавен парк е само ископано земјиште, на кое се гледаат некакви бетонски столбови, за кои е тешко да се претпостави за што би служеле во идната конструкција. Откако беше направено тоа, понатаму не е мрднато со прст, стои како грда слика за немоќта да се изгради модерен лунапарк. Нема никаква најава дека таму наскоро ќе бидат поставени нови реквизити за забава и дека местото набрзо ќе заживее.
Малку понатаму, пак, од лунапаркот остана пуста таканаречената градска плажа, која откако беше изградена, едвај преживеа две лета, а потоа ништо не остана од тој промашен проект, кој требаше да ги оживее спомените за старите некогашни плажи на Вардар. И за сето тоа беа фрлени пари, иако уште на почетокот скопјани изразуваа големи сомневања дека такво нешто е потребно, особено покрај загадениот Вардар и предупредувањата дека е забрането капење. Денес нема ниту трага од лежалките, шанковите и тушевите, под кои се освежуваа оние најхрабрите. Секако, за пофалба е што пред извесно време на неколку места на кејот на Вардар се поставени справи за физичка активност, кои ја оправдуваат инвестицијата. Во тие рамки може да се изрази задоволство од она што го прават или планираат општинските власти, кои најавуваат пообемни зафати и проекти со кои би се збогатиле можностите за поголема посетеност и за рекреација.
Од една страна, се планираат нови проекти за скопскиот градски парк, а од друга страна остана заборавен лунапаркот, пуста е таканаречената градска плажа, која, откако беше изградена, едвај преживеа две лета, а потоа ништо не остана од сиот тој проект, кoj требаше да ги оживее спомените за старите некогашни плажи на Вардар
Кога веќе се зборува за рекреативно-забавни содржини во Градскиот парк и на кејот на Вардар, неизбежно е да се направи паралела на нешто изградено и на нешто нечепнато. Како црно и бело или како ден и ноќ се разликуваат кејот од страната на паркот и оној што се гледа отспротива, на другиот брег. Ако од оваа страна е раздвижено од раните утрински часови, кога може да се сретнат мноштво рекреативци, спортисти, граѓани што шетаат или спортуваат на поставените реквизити, од другата страна е вистинско мртвило. Нема шетачи, нема урбана опрема, нема реквизити. Освен стариот полигон за обука на возачи и ѓубриштето од тој потег до скалите под Кале, нема никакви други содржини.
Вистинско прашање е зошто и овој простор не би бил уреден, со клупи и друга урбана опрема, осветлен како и шеталиштето отспротива. Зошто и тука, на левиот брег на Вардар, да нема спортски реквизити, па и од таа страна да можат граѓаните да спортуваат, да шетаат и да уживаат. Тогаш просторот ќе се прошири до под Кале, тоа би бил еден целосен урбанистички уреден простор, кој би му дал поинакво, многу подопадливо лице не само на тој дел на градот туку на цело Скопје.
Осмислувањето, урбанизирањето и облагородувањето на тоа пусто и темно место може да биде одлика на целина на градскиот простор во централното градско подрачје, освежување на амбиентот. Тој простор може да се претвори во вистинска врска на Центар со општините Чаир и Бутел.
Левата страна на Вардар можеби има простор и за уште една летна сцена, а зошто да не?! И пандемија еден ден ќе заврши, а тогаш сите многу повеќе од кога било ќе сакаме и да се дружиме и да се забавуваме, но и многу повеќе културно да се издигнуваме. Тоа некако најмногу ни недостига последниве месеци, кои ги поминавме повеќе затворени во своите домови, па затоа секоја прошетка во Градскиот парк ни е само ново полнење на батериите. Предвидените проекти, доколку се реализираат навреме, навистина ќе бидат несомнен придонес кон збогатување на рекреативните и културно-забавните содржини во градот.