Во услови на влошена здравствено-економска состојба незабележано поминаа забелешките од реномирани меѓународни организации за состојбата во која се наоѓаат балканските земји, кога се имаат предвид почитувањето на демократските принципи, слободата на почитување на човековите права за слободата на движење и стопанисување, слободата на информирањето и сл.
Двомесечниот тајмаут за политичките теми, кои пред епидемијата на коронавирусот преовладуваа во секојдневниот живот на балканскиот граѓанин, а кој им беше наметнат од политичките елити, полека истекува. Сите земји во регионот веќе најавуваат релаксирање на мерките за спречување на ширењето на вирусот. На дневен ред повторно се старите теми и дилеми на Балканот. Во медиумите се враќа познатиот политички евергрин за обновување на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Српскиот претставник во тричленото Претседателство во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, повторно зборува за своето омилено прашање за „опстанокот на дејтонската држава“.
По укинувањето на мерките за ограничено движење во Црна Гора, се најавува продолжување на литиите за одбрана на сопственоста на имотот на Српската православна црква. Во Хрватска некако срамежливо се пишуваше за заедничкото чествување на жртвите од концентрациониот логор во Јасеновац, со присуство и на претставници на националните малцинства во земјата. Во периодот на општата изолација, Србија беше преокупирана со зацврстување на пријателските односи со Кина и со Русија. А во Македонија животот се одвиваше, главно, меѓу две видеоконференции на првиот човек од Кризниот штаб за спречување на заразата, министерот за здравство Венко Филипче, а кои се сведуваа на здравствената статистика за заболени и починати лица во изминатите 24 часа…
Секако, имаше и прилози за економските мерки на Владата и за предлозите од опозицијата, која се покажа „неуморна“ и доста „иновативна“ во давањето препораки за кои ни самата не беше доволно сигурна колку се целисходни… Во основа, ова беше еден монотон период, кој граѓаните на Балканот ќе сакаат брзо да го заборават.
Укинувањето на вонредната состојба за земјите од Западен Балкан не значи и нивно брзо враќање во вообичаената динамика на граѓаните и на деловните субјекти, кои се директно изложени на последиците од неколкунеделниот карантин.
Во основа, ова беше еден монотон период, кој граѓаните на Балканот ќе сакаат брзо да го заборават. Укинувањето на вонредната состојба за земјите од Западен Балкан не значи и нивно брзо враќање во вообичаената динамика на граѓаните и на националните економии, кои се директно изложени на последиците од неколкунеделниот карантин
Дополнително ограничување претставува тоа што во повеќето балкански земји годинава треба да се спроведат парламентарни избори. Познато е дека секогаш кога има избори во некоја балканска држава сите други неопходни активности се одложуваат на „неопределено време“. Наместо да се фокусираат на главните приоритети, кои се од важно значање за подобрување на животниот стандард на граѓаните, главните политички елити своето време и енергија ги насочуваат на споредни прашања, како што е на пример кога е најоптималниот период за одржување на изборите. Таков е случајот со политичарите во Србија, Македонија, Хрватска…, на кои им претстои неизбежното соочување со гласачите. Поради тоа, тие ќе се обидат и оваа корона-криза да ја искористат за сопствена партиска и лична корист, а тоа е да остварат победа на денот на изборите, кога и да бидат. Затоа, во времето што следува нѐ очекува „бурен“ период, во кој актуелната власт во матичните земји ќе настојува состојбата со епидемијата да ја искористи во политичка предизборна кампања. За тоа тука се сите ресурси што во услови на криза им стојат на располагање за придобивање на довербата на граѓаните, додека настапите на опозицијата ќе се сведуваат на ветувања и критики за тоа што е направено или не за спасување на животите на граѓаните и за зачувување на работните места.
Во услови на влошена здравствено-економска состојба незабележано поминаа забелешките од реномирани меѓународни организации за состојбата во која се наоѓаат балканските земји, кога се имаат предвид почитувањето на демократските принципи, слободата на почитување на човековите права за слободата на движење и стопанисување, слободата на информирањето и сл. Најстрашно е што сето тоа може да продолжи и по корона-кризата. Во анализата на БиЕПАГ, советодавна група на Балканот во Европа, се разгледувани девет критични области во земјите од регионот во периодот на глобалната криза, како што се улогата на државата, демократијата во заробените општества, геополитичките промени, новиот национализам, социјалната отпорност, влијанието врз животната средина, миграцијата и здравствената заштита, социјалната сигурност и економските импликации.
Заклучокот е дека корона-кризата исфрли на виделина многу структурни слабости во државите во регионот, со кои самите тешко ќе можат да се справат доколку не се ангажира и Европската Унија за нивното побрзо надминување. Во основа, со актуелната криза Балканот се наоѓа на „пресвртна точка“. Или ако се употреби добропознатата реченица на епидемиолозите, „пред нас е најкритичната фаза“, во која се избира меѓу изградба на демократско и здраво општество, со зголемување на довербата на граѓаните во државните институции или влегување во просторот на нарушување на демократијата и влегување во автократија. Погрешниот избор ќе значи ново враќање на регионот неколку години и чекори назад. Изборот е на сите нас.