Аргументите на силата ја убиваат силата на аргументите на меѓународното право

За голема жал, во светот изминативе декади меѓународното право често беше заобиколувано, а во низа ситуации и флагрантно прекршувано. Поновата историја сведочи дека во светот беа извршени серија воени интервенции, во отсуство на целосна согласност на ООН. Беа направени невидени преседани, чии последици до ден-денес не може да се санираат. Се отвори рана на меѓународното право и меѓународниот поредок што ја чувствуваат сите мали земји и нации. Нема веќе кој да ги заштити! Аргументите на силата ја убија силата на аргументите на меѓународното право! Но, за среќа, има меѓународна јавност и медиуми што ја будат свесноста за овој глобален општествено негативен феномен

Меѓународното право е систем на правни норми и прописи со кои се регулираат односите во меѓународниот поредок помеѓу државите, како и другите предмети на меѓународната комуникација меѓу земјите.
Од оваа широкоприфатена дефиниција во правната наука, следува заклучокот дека најзначајните карактеристики на меѓународното право се токму посебните односи меѓу земјите, кои се темелат на еднаквост во меѓународниот поредок, и тие се регулирани со систем на принципи и стандарди што се фундамент во меѓународните односи и заемна комуникација, уважување, почитување и признавање.
Имено, во самата повелба на Обединетите нации, која практично и е основачки документ што го регулира светскиот поредок, е испишано дека меѓународното право ги обврзува сите земји-членки на ОН да се придржуваат кон целосно почитувањето на меѓународните правни норми и правила.
Меѓународното право не е пластелин за некој самонаречен балкански „уметник“ во политиката да ја калапи и моделира онака како тој си ја замислил. Тоа не може да биде глинен грнчарски сад за готвење „зачинети манџи“ од кујната на Софија.
Станува збор за комплексен и задолжителен правен канал на норми, низ кои „течат“ релациите на меѓународната заедница на сите полиња и во сите сфери. Токму затоа, од непроценливо значење за светскиот современ поредок е и почитувањето на меѓународното право, кое треба да се врши по тесно одредени правила, бидејќи, во спротивно, последиците може да бидат опасни, како за земјите чии релации се нарушени така и за светот.
Но, за жал, не секогаш светската политика интерферира со универзалните хумани и интернационални правни принципи на меѓународното право. Низ годините што изминаа, станавме сведоци на серија битни економски и геополитички настани што се „одиграа“ пред очите на јавноста, а во кои беа прегазени постулатите на меѓународното право. Моќните држави во светот и без пардон ја кројат политиката, онака како што тие замислиле, без притоа да ги земат во обзир потписите на меѓународните конвенции за почитување на меѓународните релации што и самите ги потпишале.
За голема жал, во светот изминативе декади често беше заобиколувано меѓународното право, па дури и флагрантно прекршувано. Поновата историја сведочи дека во светот беа извршени серија воени интервенции, во отсуство на целосна согласност на ООН. Такви беа случаите со нападите и бомбардирањата на Ирак, Сирија, Либија, кои години подоцна го дестабилизираа и целиот Блиски Исток, па и целата планета, со масовната преселба на народите од Азија и Африка кон Европа. Слично беше и на Балканот, со интервенцијата во војните во Југославија и со бомбардирањето на Србија, каде што без целосна поддршка од Советот за безбедност на ООН се направи невиден преседан, чии последици до ден-денес не може да се санираат, не само во Србија и Косово туку генерално, се отвори рана на меѓународното право и меѓународниот поредок што ја чувствуваат сите мали земји и нации. Нема веќе кој да ги заштити! Аргументите на силата ја убија силата на аргументите на меѓународното право!
Во таквиот контекст на случувањата, ништо поинаку не е ниту со нашиот пример. Имено, отворено негирајќи ги македонскиот јазик, македонската историја и македонскиот народ пред претставниците на ЕУ, софиските политичари под покровителство и заштитен чадор на големците на геополитиката се обидуваат да демонстрираат сила, насилство над помала нација и силување на меѓународното право. Но без уважувањето на основните постулати на меѓународното право се губи секоја логика на заемното уважување на народите и меѓудржавната соработка. Крајно време е Софија да разбере дека меѓународното право е стриктно и јасно, така што кој било потпишан договор, како оној за добрососедството, државата мора доследно да го почитува и исполнува, бидејќи тоа зборува за нејзиниот кредибилитет како меѓународен партнер.
Токму почитувањето и спроведувањето на она што го прифатила како меѓународна обврска ја етаблираат секоја држава како доверлив партнер на меѓународната заедница.
Македонија не е моќна земја (и нема моќни сојузници) за да си дозволи поигрување со меѓународното право, како што тоа го правеше Грција, а сега го прави и Бугарија. Токму затоа ние се држиме до својата репутација на легалисти, релевантен партнер на ЕУ, ОН и НАТО и секогаш до најмалите ситници ги почитуваме меѓународните договори во целост на кои сме ставиле параф, иако некогаш се и на сопствена штета.
Иако состојбите со напредокот на Македонија кон членство во ЕУ личат како да се надвјасани од темни облаци (со игнорирани принципи на меѓународното право од страна на нашите соседи), мора да се истакне дека сепак постои и надеж дека настаните може да се подобрат. Имено, изминативе недели сме сведоци на серија написи објавени во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, „Дојче веле“, РТС и други медиуми каде што се забележуваат грубите прекршувања на Бугарија на меѓународното право. Седмата сила во Европа на најдобар начин покажува како е возможно да се издигне свеста за овој балкански проблем ако за него се говори, пишува и известува, односно се користат најразлични канали на комуникација за да се испрати јасна порака до Брисел за грубите прекршувања на неговите вредности. Сето тоа во медиумите е и повик кон самата ЕУ да се придржува на универзалните утврдени принципи, врз кои е изградено и самото европско семејство! А ако е поинаку, имплозијата на ЕУ е сѐ поблиску!

[email protected]