Дали автокефалноста на МПЦ станува заложник на византиски игри на Руската црква? Веќе се знае дека Вселенската патријаршија и Руската патријаршија со години се во битка за превласт во православието. Таа битка меѓу овие две цркви значи и битка за МПЦ, во насока дека Руската црква е со намера да спречи признавање автокефалност, а Вселенската патријаршија е со мотив да демонстрира дека таа е црквата што има право да потпишува томоси за автокефалност
Македонската црковна автокефалност станува прашање со голем меѓународен публицитет и нејзиното решавање ќе биде уште една причина за продлабочување на конфликтот меѓу Руската православна црква и Вселенската патријаршија. Во таа битка очигледно е дека црковна Москва не избира средства за да ја постигне целта, односно да го спречи или одложи на долг рок признавањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Последниот случај со телефонските разговори на премиерот Зоран Заев со „руските комичари“ покажува дека некој има смислена цел за дискредитација пред сѐ на МПЦ, а потоа и на вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој треба да биде претставен како корумпиран и дека за пари потпишува томоси за автокефалност на православните цркви.
Очигледно е дека мотивот за овие разговори што „руските комичари“ ги снимиле е да го наместат премиерот Заев и да обезбедат аргумент дека тој е подготвен да плати и пари за автокефалноста на МПЦ.
Но дали сево ова може да влијае негативно на целиот процес што го почна Вселенската патријаршија за нашето црковно прашање?
Дали некој навистина мисли дека за 100 илјади евра може да се купи томос за автокефалност? Многумина ќе ги интересира и тоа како ќе реагираат на ова другите православни цркви?
Сево ова се логични дилеми што во јавноста чекаат одговор.
Реално, ова не е првпат некој да го обвинува патријархот Вартоломеј дека е корумпиран. Руската црква и порано јавно го тврдеше тоа, на што Вартоломеј јавно одговори. Од овој аспект, сепак, можеби, и не треба да се очекува дека Вартоломеј би подлегнал на овие обвинувања и би се откажал од нашиот процес, но сепак за очекување е дека ова може да го одолжи носењето на одлуката за признавање на автокефалноста на МПЦ.
Можеби најспорен момент во целата приказна е што премиерот Заев наседнал на руската провокација и искажува подготвеност да испорача пари во кеш. Но и тој самиот сигурно знаел, а и да не знаел, лесно ќе му посочеле дека за 100 илјади евра не се купува томос за автокефалност. Можеби неговата, како што вели, отвореност и транспарентност во случајот се злоупотребени за руски црковни интереси, иако тоа не го оправдува фактот дека за такви прашања најмалку се разговара по телефон и не на таков начин.
Веста дека Македонија би платила пари за автокефалност, веќе е проследена во сите православни цркви и таа се користи во зависност од тоа која црква кон кого е наклонета.
Очигледно е дека мотивот за овие разговори што „руските комичари“ ги снимиле е да го наместат премиерот Заев и да обезбедат аргумент дека тој е подготвен да плати и пари за автокефалноста на МПЦ. Но дали сево ова може да влијае негативно на целиот процес што го почна Вселенската патријаршија за нашето црковно прашање? Дали некој навистина мисли дека за 100 илјади евра може да се купи томос за автокефалност? Многумина ќе ги интересира и тоа како ќе реагираат на ова другите православни цркви?
Премиерот минатата година испрати и писмо до Вселенската патријаршија, кое беше проследено заедно со писмото на МПЦ, по што патријархот Вартоломеј одлучи да го почне процесот за разгледување на прашањето за признавање на нашата црква.
Тука има и една коинциденцијата со временскиот период кога премиерот Заев го испратил писмото до Вартоломеј во мај 2018 година, а руските комичари првпат со него стапуваат во контакт во август 2018 година. Токму во тој период во Македонија е актуелно црковното прашање, откако во јуни 2018 година, Вселенската патријаршија објави дека го става во процедура прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА.
Дали автокефалноста на МПЦ станува заложник на византиски игри на Руската црква?
Веќе се знае дека Вселенската патријаршија и Руската патријаршија со години се во битка за превласт во православието. Таа битка особено се заостри откако вселенскиот патријарх даде томос за Украинската православна црква.
Но битката меѓу овие две цркви значи и битка за МПЦ, во насока дека Руската црква е со намера да спречи признавање автокефалност, а Вселенската патријаршија е со мотив да демонстрира дека таа е црквата што има право да потпишува томоси за автокефалност.
И на крајот од целата оваа приказна, прашањето што се наметнува е која е главната придобивка од тоа МПЦ да добие документ за томос за својата независност.
Што ќе добијат верниците од сето тоа?
Автокефална МПЦ во православието значи отворено канонско признание за посебноста на македонскиот народ и држава. Тоа е печат што омеѓува една територија, која, според каноните на црквата, е автокефална затоа што е самостојно државно уредена и водена од владици произлезени од овој посебен народ.