Има една поговорка, која вели дека здравјето низ уста влегува, алудирајќи токму на правилниот избор и баланс на храната што се користи. Еколошка и чиста Македонија, со незагадени почви и води и огромен број сончеви денови во годината, нуди идеални услови за одгледување здрава храна и тоа треба да биде нашиот најсилен адут
Откако станав родител сфатив што во буквална смисла на зборот значи да се бориш за здрава исхрана и за здрав начин на живот. Читав разна литература, се консултирав со нутриционисти, педијатри, други родители и ништо не дознав, освен дека секој се води според сопствениот инстинкт. Да станеш информативно поткован со квалитетни и точни податоци за здрав начин на живот практично е невозможно, затоа што на Интернет се достапни разни информации, но и експертите од тие области едноставно се со различни тези. Па, за да знаеш дали одреден производ е здрав за консумирање секој ден, не можеш да добиеш 100 отсто сигурен податок, затоа што некаде пишува дека треба да се јаде двапати неделно, докторите велат секој ден, нутриционист вели пет пати месечно, а организациите за здрава храна велат нешто сосема трето… што значи, инстинктот е тој што треба да нѐ води.
Пред да станам мајка, пазарењето ми беше многу лесно. Не се растрчував од пазар на пазар, туку си заминував во најблискиот маркет и купував сѐ што ми беше потребно, вклучувајќи ги и овошјето и зеленчукот. Сега веќе тоа е минато. Каде има помалку прскана храна, па фаќај врски за да ти дадат да купиш (зашто нели, продаваат само на свои луѓе), трчај во Буњаковец, на Бит-пазар, Тафталиџе…
Секојдневната борба за здраво мени на моето дете, навистина понекогаш знае да биде исцрпувачка. Меѓутоа продолжувам истото тоа да го правам со засилено темпо, а знаете зошто? Затоа што ние сме тоа што јадеме. Во услови кога загаденоста сѐ повеќе расте, квалитетот на животот опаѓа, па здравата и помалку хемиски третирана исхрана некако е последната алка од синџирот за поквалитетен живот, за која ние, родителите се фаќаме.
Македонија е родно поднебје. Умерената клима, сончевите денови придонесуваат за родни години. Сезонското овошје и зеленчук ги имаме на претек, но битката за профит си го прави своето. Колку повеќе се прска со хемикалии, толку полични за око ќе бидат производите, но и многу поголем ќе биде родот. А убавото за око, не секогаш е убаво и за душа. Читајќи и барајќи разни информации, дојдов и до податокот дека колку потретирана храна им даваме на децата, толку им ги зголемуваме шансите за разни болести, кои до пред само 50-60 години не беа познати во нашиот крај. Тоа значи дека сепак и во иднина ќе продолжиме да пазариме исклучиво од проверени извори, од „наши“ луѓе, за кои знаеме дека не користат хемикалии при одгледувањето, или ги користат, но во далеку поумерени количества.
Со ваква битка не се соочувам само јас. Секој родител секојдневно троши минимум два часа од денот во размислување каде да пазари, од каде да купи и што да му даде на своето дете.
Но не се само децата во прашање, тука сме и ние, како пример за нив. Ако сакам детето да не јаде храна богата со шеќери и со штетни масти, морам и јас да се придржувам до тој режим на исхрана. За финансискиот аспект воопшто и да не говориме. Ако се знае дека брокулата е застапена речиси секојдневно на масата, тогаш цената за килограм ќе достигне и до 200 денари за килограм па и повеќе. Па, така, месецот ќе потрошите повеќе од стотина евра, само да обезбедите поквалитетно мени.
Модерните трендови исто така земаат сѐ поголем замав меѓу граѓаните. Па, така, сега е модерно децата да јадат авокадо (не дека не е богато со витамини, но не е карактеристично за нашето мени), разни семиња увезени од далечните земји, за кои постојат податоци дека се суперсемиња, кои на организмот му даваат разни витамини и минерали.
И по ова прашање копјето се крши врз главите на родителите. Низ групите на социјалните мрежи постојано има преписки за тоа, кое од тие семиња е здраво за консумирање, а кое не е.
Па тука се вклучуваат и разни маркетиншки интереси, објавувања студии, анализи, па се отвораат долги дискусии и расправии само затоа што секој се води според сопствениот инстинкт и секој смета дека е во право.
Секое поднебје си има свои плодови што се најдобри за населението, кое живее таму. Нашите бавчи се родни и нудат сѐ што му е потребно на организмот. Македонија е позната по убавата и квалитетна храна, а туристите што еднаш пробале наше традиционално јадење, едвај чекаат да се вратат за повторно да уживаат во вкусните оброци. Тоа не смееме да го уништиме, по тоа Македонија е позната, по тоа се разликуваме од другите. Има една поговорка, која вели дека здравјето низ уста влегува, алудирајќи токму на правилниот избор и баланс на храната што се користи. Еколошка и чиста Македонија, со незагадени почви и води и огромен број на сончеви денови во годината, нуди идеални услови за одгледување здрава храна и тоа треба да биде нашиот најсилен адут. Но и покрај тоа на пазарите и во маркетите ќе најдете земјоделски производи увезени од далечни земји и со послаб квалитет. Во таа насока едукацијата за здрава исхрана треба да почне уште од најмали нозе и тоа да не биде само обврска на родителите туку и на образовните установи како градинки и училишта. Идејата за консултација со нутриционист, кој ќе дава насоки и ќе препорачува што треба да содржи дневниот оброк кај децата, во овие установи е исто така во тој правец.
На крајот, најважно е ние заедно со нашите поколенија колку-толку да успееме да обезбедиме поквалитетен живот. Секојдневните стресови и нервози лесно можат да го уништат витаминскиот ефект на храната. Заборавивме да се смееме, да уживаме во животот. Во битката за гола егзистенција заборавивме дека прошетката со децата, играњето со нив, испиеното кафе со пријателите, се единствениот еликсир за убав, здрав и квалитетен начин на живот.