Животот во Македонија стана премногу стресен. Иако е сезона на годишни одмори, при што за очекување е една поопуштена и порелаксирачка атмосфера, настаните и скандалите што се редат едноставно не ни даваат мира. Речиси нема ден да не сме изненадени и шокирани од некоја нова случка, објавено видео, изјава, настан…
Било да станува збор за „некој бисер“ на странски политичар, кој Македонците ги споредува со Марсовци и Ескими, изјава на странски новинар, кој истерува правда наместо нас, било да е изјава од наши функционери. Со домашните е дури и полошо. Кај странците и политичарите од соседството барем сме на чисто. Одамна е позната нивната негаторска позиција кон Македонците и тука нема ништо ново.
Со реториката на нашите не знаете на што сте. Сѐ нешто во шифри се преговара и договара.
Притоа едните избегнуваат да споменат, ако не мораат, сѐ што има предзнак или атрибут на македонско, глумејќи така некаква добрососедска политика, додека други јавно се удираат во гради како „силни македонци и патриоти“, иако потајно се заколнати дека ништо нема да променат, ниту пак имаат желба за такво нешто.
Сетете се само на реториката на Мицотакис, во однос на Македонија, како опозиционер и сега по доаѓањето на власт. Повеќе од јасно е дека прашањето за името е веќе апсолвирана тема кај власта и кај опозицијата и во двете земји и со оваа тема никој од нив нема желба да се занимава. Тоа што го говорат пред јавноста е само за уметнички впечаток, како што обично велат во лизгањето на мраз.
Сега главната задача да утврдат кои сме, што сме, каде ни се корените, кои ни се предците им е доделена на некакви заеднички комисии составени од по неколку лица. Па, така, имате мислења и ставови на 3-4 луѓе наспроти голем број историски докази, архивски материјали и вековни сведоштва за постоењето и самобитноста на македонскиот народ и неговите најистакнати дејци.
Но што ќе договорат и усогласат оние 3-4 од комисиите, веројатно тоа и ќе биде. Може навистина еден ден и да нѐ прогласат за вонземјани или Марсовци како што предвиде странскиот политичар. Идејата за идентификување со ескими потешко ќе помине бидејќи овде вистински мраз не сме виделе со години, а згора на тоа и сонцево како да ѝ се противи на Северна, па пржи ли пржи. Но да се вратам на домашните стресни и парадоксални околности и случувања. Зошто парадоксални? Па затоа што дочекаваме за Илинден главна вест да биде дека некој ја отпеал химната во целост, без да ги изостави Гоце, Питу, Даме и Јане. Целосната изведба на државната химна со сите нејзини строфи е правило од кое не треба да се отстапи, а не некаков исклучок, кој демек треба сега да се истакне или пофали. Понатаму.
Кога ги слушате домашните политичари и лидери добивате впечаток како тие да живеат во два паралелни света. Во два одвоени универзуми, во кои Македонија речиси и да не се препознава. Без разлика дали тема на меѓусебни реплики и политички расправии се економијата, инвестициите, политиката, судството, владеењето на правото, борбата против корупцијата нивниот показалец е секогаш вперен кон политичкиот противник. Мрачните сили се секогаш во спротивниот политички табор, а ангелите и праведниците во својот?
И ваквата политичка реторика провејува со години и посебно е изразена во последниот период, што може да се забележи и од последните реакции поврзани со случајот „Рекет“ и објавувањето на видеоснимките од страна на италијанскиот весник „Ла верита“
Сѐ тече, ништо не се менува во Македонија.
Порано имавме жолти комбиња и странски служби, сега имаме мрачни сили и повторно инволвираност на странски елементи.
Претходно ечеа аудиоснимки или таканаречени бомби, сега се вртат аудио и видеоснимки. Важно да се забавува народот со нешто, иако во суштина станува збор за една навистина крајно трауматична и болна состојба за целото општество и држава.
Во таа насока збор-два и за најновите објави и бомби од Италија.
Без разлика што и колку од објавените материјали се веродостојни или не, епилогот и последиците врз државата се исти. А тие говорат за целосно урнисани институции и систем, кои не се способни да препознаат, превенираат и да остранат какви било закани и опасност по интегритетот на институциите, а, пак, камоли да ги заштитат обичните граѓани. Кога некој може на ваков начин да си поигрува со угледот на Обвинителството, судството, или некоја друга власт, да се посочуваат имиња и сето тоа да поминува несанкцинирано и без одговор, тоа значи дека институциите и државата немаат капацитет да се носат со задачите и одговорноста што им е доверена. Дека се целосно неспособни и заслепени од моќта што им е дадена, па не можат да видат што им се случува пред нос.
Или од друга страна тоа може да значи и дека самите тие се целосно вмешани и заплеткани во незаконски дејства, криминал и корупција па можеби затоа и отсуствува брза и енергична реакција. Кое и да е од овие претпоставени сценарија или некое сосема трето, не е на добро, ниту за државата ниту за граѓаните.
А дека наместо стратегиско водење на политиките со меѓусебна координација и субординација многу често потезите се влечат брзоплето, ад хок, по принципот кому иде, најсвеж пример е и случајот со Управата за водење на матични книги и дилемата што да се запишува во графата за државјанство.
Првично излезе информација дека стигнало известување дека во полето државјанство за лицата родени пред усвојувањето на Преспанскиот договор, односно родени до февруари 2019 година, да се означува со коса црта додека за оние родени по февруари 2019 да се пишува Република Северна Македонија. Парафразирано тоа значи како времето во Македонија да почнало да се смета пред и по Преспанскиот договор, па, така, ќе се води и документацијата.
Потоа беше пренесено дека нема да има коси црти и на сите граѓани, без разлика дали се родени пред или по февруари 2019 г., односно по стапувањето во сила на Преспанскиот договор, во графата државјанство ќе им стои македонско, граѓанин на Република Северна Македонија. Во однос на претходното означување на државјанството со коса црта од управата посочуваат дека тоа било така бидејќи морало да се спроведе соодветна процедура во електронскиот систем за издавање изводи за родени, венчани и умрени.
Но додека се спроведе процедурата скандалот, поточно срамот, пукна. Документи со коси црти, наместо државјанство излегоа во јавноста. Да не е жално би било смешно. Преку едно упатство или заради несоодветна процедура македонски граѓани се маркирани како граѓани без државјанство и се претопени во најобична безначајна коса црта. Жигосани се како погрешно родени во сопствената држава, бидејќи немаат државјанство туку само коса црта. И после ќе се чудиме зошто не се намалува бранот иселувања од државата, особено меѓу младите. Па можеби и затоа што никој не сака да биде третиран како коса црта.
Од друга страна, длабоко сум уверен дека не се погрешно родени оние што биле маркирани со коса црта, без разлика колку тоа е резултат на некаква електронска процедура. Тие наши граѓани се само жртва и колатерална штета на некои други погрешно родени или уште попрецизно погрешно ставени кадри на позиции што не ги заслужуваат. Индивидуи што и сега и години наназад ја уништуваат и не ја чувствуваат за своја државава, кои ги урнисаа институциите, го разграбаа и распродадоа нашето национално богатство, погазија и осквернавеа сѐ што беше свето, ја опустошија економијата, ги испразнија селата и градовите, однесоа сѐ што можеше да се земе, а потоа нѐ задолжија до деветто колено, ја засенија секоја и најмала светла точка за подобра иднина.
Тоа се вистинските наши погрешно родени, односно погрешно одбрани, на кои не им свето ништо, ни коса црта, ни запирка, ни придавка, ни именка и поради нив страдаме сите. Кои се подготвени да си го продадат и сопственото чедо само да си ја спасат кожичката.
Затоа доста беше од избегнување на клучните теми и прашања и замајување на јавноста со некакви безначајности и со политичка пропаганда. Граѓаните и јавноста бараат не само одговори, туку одговорност за сите досегашни скандали.
Обвинителството отворило постапка, антикорупциска отворила постапка… Ма дајте доста веќе со тие приказни. Не нѐ интересира тоа воопшто. Граѓаните сакаат да чујат која постапка е затворена, кој е повикан на одговорност. Има ли такви случаи? Некој деновиве порача дека никој не е света крава за да биде заштитен и секој што се огрешил ќе одговара.
А кога ќе се случи тоа, ако смеам да прашам? Убаво што ќе нема свети крави во Македонија ама нема ниту телиња на кои може да им се нуди празна слама, пардон празни зборови и фрази, без разлика кој и за која намена ги користи и изговара. И само што ставив точка на текстот, слушам некој препознатлив глас од компјутерот како порачува: „Не се секирај за ништо, сѐ ќе биде океј“.
Е тоа уште повеќе ме дотепа и разочара. Зашто знам дека ништо нема да биде океј.
[email protected]