Замрзнувањето на цените е привремена мерка и ќе важи до крајот на јануари 2022 година, а со неа се заштитува стандардот на најранливите категории граѓани. Владата истакна дека ако има потреба ќе ја продолжи оваа одлука, но дали оваа мерка на долг рок може да донесе стабилизација на цените. Во јавноста веќе одекна прашањето дали замрзнување на цените на основните производи е опасност или спас за граѓаните, но и за економијата
Стравот од уште подраматичен раст на цените на основните прехранбени производи ја поттикна македонската влада деновиве на двапати да најави замрзнување на цените. Најпрво беа ставени под „мраз“ цените на лебот, шеќерот, брашното, сончогледовото масло за јадење, млекото, свежото месо и сувомесните производи, сирење и урда, а потоа се најави замрзнување и за цените на оризот и јајцата.
Замрзнувањето на цените е привремена мерка и ќе важи до крајот на јануари 2022 година, а со неа се заштитува стандардот на најранливите категории граѓани. Владата истакна дека ако има потреба ќе ја продолжи оваа одлука, но дали оваа мерка на долг рок може да донесе стабилизација на цените. Во јавноста веќе одекна прашањето дали замрзнување на цените на основните производи е опасност или спас за граѓаните, но и за економијата.
Во екот на енергетската криза кога инфлацијата се заканува, Владата донесе заштитни мерки со кои очекува на извесен период да се стабилизира ценовната спирала, но колку реално може да се подобри состојбата… Многу е веројатно дека ако ваквата мерка трае подолго од два месеца, тоа може да доведе до недостиг од овие производи на рафтовите, одредено зголемување на сивата економија и други несакани последици.
Македонската економија е отворена и увозно зависна, а со тоа и ранлива. Може ли таа да мине неповредена?
Стопанствениците се скептични во врска со одлуката, односно ако се продолжи мерката, затоа што ќе се продлабочи кризата и наместо поддршка за граѓаните ќе доведе до намалување на производството во компаниите и отпуштање работници, а притоа граѓаните ќе се соочат со празни рафтови.
За ваквото замрзнување да даде ефект, потребно е мерката да биде донесена истовремено со други дополнителни мерки. Потребно е влезните инпути во сите компании да се стабилизираат, односно суровините и репроматеријалите, конкретно во прехранбената индустрија, да се овозможи да имаат соодветна минимална цена. Тоа може да се направи преку активирање на државните стоковни резерви.
Но може треба да се размислува и за замрзнување на маржите, наместо за замрзнување на цените, бидејќи тоа е она што во вакви услови може да спречи нереално зголемување на цените, а да нема контраефект.
Исто така, можно е да дојде и до пораст на сивата економија, бидејќи во неможност производите да се набават по регуларен пат, граѓаните ќе бидат принудени да ги набавуваат на друг начин, што ќе донесе и до формирање цени што се многу повисоки од реалните, но ќе предизвика и несигурност во квалитетот на производите.
На стопанството му претстои тежок период ако цените останат замрзнати подолго време, бидејќи бизнисите би се соочиле со отпуштање работници.
Треба да се има предвид дека како земја сме увозно зависни и не можеме да си дозволиме замрзнувањето да трае долго, бидејќи тоа може и да нѐ доведе до ситуација да имаме дефицит од некои производи на пазарот. Да не заборавиме дека ние како држава немаме капацитети да произведуваме на ниво со кое ќе ги задоволиме потребите на домашниот пазар и затоа замрзнувањето треба да се спроведе само на краток рок, како мерка што ќе го регулира дисбалансот помеѓу понудата и побарувачката, а не преку оваа мерка да се обидуваме да ја средиме лошата состојба во која се наоѓа нашата економија.
Цените на поголемите прехранбени производи ги диктираат светските берзи, а ние како увозна земја, која нема доволно домашно производство, не можеме на краток рок да промениме нешто. Ние сме увозници на основните прехранбени производи како пченица, млеко, маслото за јадење, увозници сме и на месо, освен во категоријата свежо свинско месо, каде што ги покриваме домашните потреби.
Доколку цените на пазарите од каде што ги носат производите продолжат да растат, компаниите нема да имаат интерес да ги увезуваат и може да се појави недостиг од одредени производи, особено ако замрзнувањето на цените трае подолг период.
Иако некои од земјите во регионот пред нас ја донесоа оваа одлука, сепак не можеме да правиме споредба. Бидејќи, на пример во Србија, одлуката за замрзнување на цените има друга логика и оправданост, тие се производители и извозници на основните прехранбени продукти, ги покриваат сопствените потреби и плус извезуваат. Но кај нас ако трае одлуката подолго, може да предизвика недостиг од храна.
Може е пореално да се размисли за мерка што ќе ги ограничи можностите за додавање маржи за профит, отколку само да се ограничат цените. Треба да се размислува и да го изнајдеме најдоброто решение, за да не ја турнеме и така кревката економија во бездна.