Катализатор

Според многумина, до 2020 година спортот беше речиси земан здраво за готово во секојдневниот живот, но спортот за време на пандемијата стави фокус на кризите, на управувањето во итни случаи, донесе нови погледи на сите сегменти поврзани со спортот и со рекреацијата, иницира целосна ревизија на вообичаените политики за местата на одржување на спортските настани, ги принуди спортските организации да креираат повеќе резервни планови за иднината на спортот и на натпреварувањата, спортистите ја употребија својата моќ на глобални или локални ѕвезди за општествено добро, за прашања важни за нив и за нивната публика, еволуираа спортските објекти, начините на продажба на билети и комуникациите на спортските организации со публиката, беше катализатор на научни истражувања од повеќе области поврзани со спортот, се појавија филозофски гледања за тоа како пандемијата ќе го промени нашето разбирање и ценење за спортот, но и теми како што се природата на спортот и неговиот интегритет, а некои истражувачи ја разгледуваат и самата дефиниција за „спорт“

Како и многу други индустрии и активности, спортот претрпи катастрофални влијанија од пандемијата, но иако спортот не беше веднаш отпорен на ефектите од пандемијата, одредени делови од индустријата покажаа голем успех во приспособувањето на новите начини на работа, а спортот во пандемичното опкружување иницира и голем број научни истражувања од многу области, промени многу погледи на нештата (односот кон спортот, рекреацијата, менталното здравје и др.). Пандемијата генерално отвори многу нови видици, перспективи за развој…, а спортот со својата уникатна позиција, со која влијае, но и има влијание од многу сфери, го истакна уште повеќе своето значење во општеството.
Спортот се соочи со огромни комерцијални предизвици, светот во еден период ги загуби сите форми на организиран спорт и на рекреација, но спортската индустрија брзо се приспособи на новата ситуација, а ова двегодишно „патување“ направи можност индустријата да се адаптира, преобликува… во обидите да не запре со движење. Спортот во пандемијата беше и катализатор на научни истражувања. Економистите ги проучуваа влијанијата на ковид-19 врз спортот, и обратно, влијанија многу подалеку од терените. Вкупно, пандемијата предизвика и истражувања на различни полиња, како, на пример, за тоа дали спортските настани значително предизвикуваат ширење вирус, дали отсуството на притисок од гледачите влијаело на одлуките и на пристрасноста на судиите, на што следно економистите треба да гледаат во спортот…
Според многумина, до 2020 година спортот беше речиси земан здраво за готово во секојдневниот живот, но пандемијата стави фокус на кризите, но и на управувањето во итни случаи. Пандемијата ги погоди спортските федерации, клубовите и натпреварувањата, но и низа поврзани комерцијални области важни за опстојувањето на спортот.

Секако, фудбалот, како најбогат и спорт со големо влијание, најбрзо заздраве (меѓу другото, континенталните и планетарните фудбалски организации финансиски ги помагаа сите свои членки во екот на пандемијата), а за што показател е и летниот преоден рок годинава, со рекордни суми вложени во трансфери.
Ограничувањата значеа и суспензија на голем број физички активности, некои се преселија на интернет или на отворени места…, а вкупно пандемијата создаде неред. Но и нови погледи. Како одговор на затворањето се зголемија можностите за вежбање на отворено или виртуелно, се појавија нови деловни модели, многу луѓе купуваа домашна фитнес-опрема, значително се зголеми шаховската популација со настаните преку интернет, многу повеќе има активности надвор (спортски, рекреативни, културни, забавни…), повеќе се возат велосипеди итн. Пандемијата прво го сопре спортот, но потоа таа донесе и шанса за „ресетирање“, отпорноста и важноста на спортот се засилија, откако тој опфаќа образовни, социјални, економски, здравствени… аспекти. Спортот користи многу економски сектори, како телекомуникациите, градежништвото, туризмот итн., а од тој аспект од голема важност е и, на пример, организирањето голем број меѓународни спортски настани, како што беше и годинава во Македонија, во многу спортови, во повеќе возрасни категории.
Во постпандемичното време организаторите на спортските настани им даваат приоритет на здравјето и на безбедноста на учесниците и на гледачите. Пандемијата донесе и целосна ревизија на вообичаените политики за местата на одржување на спортските настани. Некои истражувачи велат дека долгорочно спортската средина ќе се трансформира како одговор на пандемијата. Коронавирусот беше катализатор за нов тип искуство на спортската публика, беше создадена виртуелна средина за гледање и за комуникација.

Пандемијата ги принуди спортските организации и да креираат повеќе резервни планови за иднината на спортот и на натпреварувањата, откако светот беше шокиран кога Летните олимписки игри во Токио во 2020 година беа одложени за една година поради пандемијата, како и многу други големи планетарни, континентални и локални натпреварувања. За сите тие, организаторите потоа подготвија и планови Б, Ц, Д…, како ретко кога, сега се истакна токму потребата да имаат планови и повеќе опции и за секое идно натпреварување. Спортистите, пак, ја употребија својата моќ на глобални или локални ѕвезди за општествено добро, од финансиска и друга помош, до прашања важни за нив и за нивната публика, како што е и ментално здравје… Еволуираа и спортските објекти. Тие се менувале и во минатото за да ги надминат финансиските предизвици, при што многу од тие спортски објекти станаа повеќенаменски, за дополнителни приходи надвор од соодветниот спорт. Се сменија и начините на продажба на билети и комуникациите на спортските организации со публиката, повеќе спортски организации продаваат дигитални билети и т.н. токени…
Ограничувањата за време на пандемијата на коронавирусот имаа влијание врз секој аспект од нашиот социјален, културен и економски живот, вклучувајќи го и спортот. Во меѓувреме имаше многу истражувања за тоа влијание, но и за начините за адаптација на „новото нормално“ и за враќање на „старото нормално“, филозофски гледања за тоа како пандемијата ќе го промени нашето разбирање и ценење за спортот, но и теми како што се природата на спортот и неговиот интегритет и односот на спортот со технологијата… Спортот е испреплетен во економското, социјалното и културното ткиво во многу земји. И покрај многуте и различни предизвици во спортот, пандемијата создаде досега невидена шанса за увид во многу полиња, како што се, на пример, интеракцијата со спортот, партнерства со технолошки фирми, увид во финансиската отпорност на спортските организации, а некои истражувачи ја разгледуваат и самата дефиниција за „спорт“, дали е тој дефиниран само со она што се случува на теренот.

[email protected]