Наместо да ја намали концентрацијата на канцерогените честички, градскиот татко ни пушти во сообраќај стари зглобни автобуси, кои едвај се тркалаат по градските улици, па како божем со исти такви крнтии ја потпомогна и Битола, градот на конзулите. И наместо гризење на совеста, тој пред новинарите на таканаречената прес-дружба истури двочасовна доза хумор и сатира за сите актуелни градски проблеми, па и за воздухот
Загадувањето на воздухот и оваа зима се чини ќе биде наш најголем проблем, тивок убиец што нѐ прогонува веќе неколку години. Сериозен проблем на скопјани, битолчани, тетовци, но и на жителите од други градови во земјава. Уште на почетокот на грејната сезона во главниот град на државава штетните и канцерогени ПМ 10 честички беа над дозволените граници. Граѓаните веднаш почнаа да се жалат на проблеми со респираторните органи, а жителите на Ново Лисиче и на непријатната миризба на чад од која навечер се задушуваат.
Ситуацијата со воздухот е повеќе од сериозна и алармантна во речиси повеќето скопски општини за да бидеме спокојни. Вознемирува фактот дека надлежните не настапуваат поагресивно за системско решавање на проблемот, иако земјава е на врвот на листата со воздух што има највисоки дневни и годишни концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички. Токму затоа треба да се направи многу повеќе од обични инспекциски контроли. Не е доволно да се казнуваат само оние што истуриле два камиона шут или, пак, направиле дива депонија близу некоја населба. Не е доволно ниту ветувањето дека ќе бидат набавени нови еколошки автобуси, што патем тешко дека ќе се случи зимава. Не се доволни ниту мерките на градот за субвенционирање печки на пелети, електрични тротинети или, пак, чистењето на оџаците, изградбата на велосипедски патеки или, пак, поставувањето на прочистувачите на воздух во градинките.
Сѐ ќе биде сеење магла во густата магла од чад и канцерогени честички зимава, кога здравјето на граѓаните ќе биде загрозено од загадувањето на амбиенталниот воздух. Уште пострашно е што на светската мапа на градови со најзагаден воздух Скопје се најде меѓу најзагадените, факт што уште повеќе загрижува, бидејќи од загадувањето на воздухот згаснуваат сѐ повеќе животи. Тоа, пак, го става Скопје на листа на градови со црни статистики. Минатата година секој четврти смртен случај во главниот град на земјава бил поради аерозагадувањето. Надлежните од Институтот за јавно здравје пресметале дека од 5.500 починати лани, смртта на дури 1.250 ја поврзуваат со загадувањето, земајќи ја предвид методологијата за процена на ризик. Според мислењето на здравствените експерти, половината од нив би можеле да се спасат, ако надлежните преземеле мерки да ја намалат концентрацијата на опасните и канцерогени честички во воздухот. Но наместо тоа, градскиот татко ни пушти во сообраќај стари зглобни и единечни автобуси, кои едвај се тркалаат по градските улици, па како божем со исти такви крнтии ја потпомогна и Битола, градот на конзулите. И наместо гризење на совеста, тој пред новинарите на таканаречената прес-дружба истури двочасовна доза хумор и сатира за сите актуелни градски проблеми, па и за воздухот. А сето тоа така спакувано, го нарече нова традиција на дружба. Ама дружба е дружба, а служба е служба и затоа нема шега со загадувањето на воздухот, бидејќи сите дишеме воздух. Затоа надлежните институции и градоначалникот Петре Шилегов заедно со нив посериозно да се зафатат со решавањето на проблемот, бидејќи ако продолжат да се однесуваат како досега ќе бидат директни виновници за зголемувањето на црната статистика. По сите обвинувања во јавноста, градот се јави и ги повика и сите други институции и општините со заеднички напори да се борат против загадувањето на воздухот, што секако е своевидно признание дека проблемот е тука.
Здравјето на граѓаните мора да биде највисоко на листата на приоритети, особено здравјето на децата,а кои се најмногу на удар на згадувањето на воздухот. И тие како и ние имаат право на здрав живот и здрава животна средина и никој нема право тоа да им го одземе или загрози. Прочистувачите на воздухот во градинките нема многу да им помогнат ако на патот до нив и оттаму до дома дишат загаден воздух. А колку е тој загаден деновиве, не можеа да измерат мерните станици на државава зашто и тие откажаа послушност, веројатно се претпоставува. Токму затоа губејќи верба во институциите граѓански организации се заземаа самите да набават мерни уреди, кои ќе го мерат загадувањето на амбиенталниот воздух. Други, пак, праќаа онлајн-петиции до надлежните, здравјето на граѓаните да го стават највисоко на листата на приоритети. Побараа итна примена на краткорочни и на среднорочни мерки насочени кон намалување на загадувањето на воздухот од Министерството за животна средина и од градот Скопје. Дека граѓаните на Македонија дишат најзагаден воздух, потврдува и Светската здравствена организација.
И затоа прашањето за загадувањето на воздухот ни на сон не е за шега, хумор и сатира на прес-дружби и средби. Напротив надлежните треба дури и да не спијат туку да бараат решение. А академиците самите кажаа дека земјава има соодветни закони, само треба правилно да се имплементираат. Поточно, јавно кажаа дека не се спроведуваат, па, така, компаниите ги избегнуваат обврските за заштита на животната средина и посветени се на зголемување на профитот, наместо на вградувањето филтри за прочистување на воздухот или технологии за прочистување на водата. И тие беа децидни дека државата треба да им каже стоп на сите оние што ни го трујат воздухот. А веројатно помеѓу компаниите, некаде можеби се кријат мали погони што можеби топат и акумулатори. Стоп треба да им се рече на ситните собирачи на старудии, кои палат кабли и ни ги трујат воздухот и кејот на Вардар, на оние што наместо со огревно дрво се греат со стопена пластика и искористени градежни материјали. Стоп на оние што ни ги уништуваат зеленилото, парковите, дрвјата. Стоп на уништувањето на Водно, белите дробови на Скопје, зашто сите си го сакаме нашиот мал планински рај. Сите сакаме чист воздух, здрави граѓани, здрави деца и конечно здрави поколенија. Не сакаме повеќе да дишеме загаден воздух, а уште помалку да си правиме хумор и сатира со вакви сериозни прашања кои не чинат животи.