За жал, кај нас превентивата и брзата реакција многупати досега беа заменети со импровизација. Тоа што ги иритира граѓаните е што одредени антиковид-мерки се носат ад хок, прекуноќ или со одложена примена, како сега, но и тоа што голем број од нив не се спроведуваа. Затоа и чудно и збунувачки изгледа најновата одлука да му се дадат седум дена грејс период на вирусот и новите мерки да важат од 16 август. Или можеби некои мислат дека и ковид-19 заминал на седумдневен годишен одмор?!
Само до пред неколку дена Битола наликуваше на отворена летна музичка сцена. Во градот под Пелистер на неколку локации: летната сцена на Хераклеја, Ракометното игралиште, Олимпискиот базен, Старата битолска чаршија, новоотворениот ноќен клуб, многубројните ресторани… се одржуваа голем број концерти и забави на познати музички групи и пејачи, како од државата така и од поранешните југословенски простори. Битола, покрај Охрид, прекуноќ стана најпосакувана дестинација за голем број стари и нови музички ѕвезди. Колку Битола стана атрактивна за естрадата најдобра потврда е што за кратко време некои (не)познати менаџери желни за брза заработувачка, а со сесрдна поддршка на државните и општинските институции во Битола, донесоа голем број популарни српски пејачи и групи од Бајага и инструктори, Хари Мати Хари, Сергеј Четковиќ, Аки Ракимовски до Дадо Топик, а по речиси три децении пауза во Битола настапи и Лепа Брена. Битолчани не паметат кога Битола била повесела и пораспеана. Време е да се провеселиме по колективната депресија што нѐ снајде со пандемијата! Цела 1,5 година живеевме во неизвесност, страв, загриженост… Сега е време да се израдуваме на животот, говореа организаторите на концертите, кои во таквата своја филозофија успеаја да ги (раз)убедат општинските и државните власти, финансиски да ги поддржат таквите музички настани. Битола стана град каде што во еден ден се одржуваа и организираа по неколку културни и музички настани, за кои се бараше влезница повеќе. Кога тука ќе се додаде организацијата и на многубројните веселби, венчавки, крштевки, свадби, забави, журки… тогаш сликата е комплетна. И по една ваква целосна распашаност и немање контрола, наеднаш стоп. Повторно задоцнето се сетивме дека коронавирусот сѐ уште е тука меѓу нас и никогаш не си заминал. Дури откако повторно нагло почнаа да растат бројките на новозаразени, хоспитализирани, па и починати лица.
Како што прекуноќ, во минатата година нѐ снајде пандемијата, која во целост ни го смени животот, така прекуноќ како да заборавивме низ што сѐ поминавме кога се справуваме со коронавирусот и почнавме да се однесуваме како да е сѐ нормално и како пандемијата да е нешто што ни се случило во далечното минато. На мерките за заштита од коронавирусот веќе никој не обрнуваше внимание, ни граѓаните ни тие што треба да се грижат за нивното спроведување. И додека надлежните државни институции и инспекциски органи се правеа како сето тоа да не го гледаат и забележуваат, стигна казната за таквото наше опуштање и олабавување. Прекуноќ бројот на позитивните на ковид-19 почна драматично да се зголемува, па дојдовме во ситуација дневно да имаме и по неколку стотици новозаразени. Дека пандемијата сѐ уште е тука, меѓу нас, брзо се уверивме кога почнаа да се полнат инфективните одделенија и со млади заболени. Смртта на неколку млади пациенти беше последна опомена дека мора да се прибереме од преголемото опуштање и дека со коронавирусот нема играње и поигрување. Деновиве тоа го сфатија и луѓето од Комисијата за здравство, кои ѝ предложија на Владата да се донесат рестриктивни мерки, со кои од 16 август во сила ќе бидат задолжителни потврди за вакцинација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба, при влез во секаков вид објект, вклучувајќи и во угостителски објекти каде што има повеќе од 30 присутни лица, за каков било настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани). Донесувањето на ваквите мерки со одложена примена многумина го коментираат со тоа дека тие се донесени да важат од 16 август за да помине прославата на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кога се очекува во државата да пристигнат голем број гости. А дотогаш до 16 август вирусот, ете, доби дополнителен грејс период од седум дена за дополнително да се шири и заразува. Потоа од 16 август целосно се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти (и во кафетерии), вклучувајќи и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип. Со новите мери на Владата се задолжуваат надлежните инспекциски служби во претстојниот период да ги интензивираат контролите со цел стриктна примена и почитување на превентивните препораки, привремените мерки и наредените мерки по однос на ковид-19.
Јавното здравје и колективната заштита се приоритет за Министерството за здравство, изјави министерот Венко Филипче. На почитување на мерките и протоколите повика и министерот за економија Крешник Бектеши, кој нагласи дека на тој начин ќе се спречи ширењето на коронавирусот. Донесувањето мерки за заштита од коронавирусот не е никакво изненадување и сосема е во ред превентивно да се дејствува и да се заштити јавното здравје. Но, за жал, кај нас превентивата и брзата реакција многупати досега беа заменети со импровизација. Тоа што ги иритира граѓаните е што одредени антиковид-мерки се носат ад хок, прекуноќ или со одложена примена како сега, но и тоа што голем број од нив не само што не се спроведуваат туку и ретко се санкционираат. И со досегашните мерки беа предвидени протоколи за безбедно организирање разни манифестации. Но како тие да се однесуваа за други, а не за организаторите, кои на концертите и забавите гледаа да продадат влезница повеќе, а на свадбите да се игра и пее како пред пандемијата. Колку ќе се спроведуваат старо-новите мерки останува да покаже времето. Но дека тоа нема да оди многу лесно се уверивме деновиве кога министери, кои предложија донесување на овие мерки од Владата не ги почитуваа мерките и во затворени простории дебатираа без заштитни маски.
Македонија е во самиот врв не само по бројот на заразени лица туку и по бројот на починати. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 157.251. Од нив дури 5.502 не успеаја да ја преживеат пандемијата. Тоа е огромна бројка. И во Битола, која имаше над 6.350 заболени лица, голем број не успеаја да се изборат со оваа подмолна и досега невидена заразна болест. Многу наши роднини, пријатели, соседи, колеги не ја преживеаја пандемијата. Сите ние во оваа 1,5 година изгубивме понекој наш драг роднина, пријател, другар… Од тие што ја прележаа пандемијата имавме можност да слушнеме и разбереме колку коронавирусот е опасна зараза и какви тешки последици предизвикува. Тоа постојано ни го кажуваа и здравствените работници, кои 1,5 година не ги соблекоа скафандерите. И кога сето тоа го знаеме, се чини крајно е време конечно да научиме дека нема играње со пандемијата. Како народ што се грижи за себе и своите најблиски треба да го знаеме тоа. Затоа крајно време е да престанат сите тактизирања и импровизација во однос на борбата и заштитата од коронавирусот. Надлежните институции и инспекциски органи да не си поигруваат ни со мерките ни со пропустите, кои се евидентни при организацијата на многубројните настани и случувања. „Лекување“ од депресијата што ни ја донесе пандемијата со организирање забави и музички журки без контрола не препорачува никој. Напротив сега повеќе од кога било порано не ни требаат ни најмали импровизации.Импровизациите знаеме до каде нѐ донесоа. Музичката „антидепресивна терапија“ да ја оставиме за други подобри времиња. Има време за забави и журкања.
Сега приоритет број 1 треба да ни биде зачувување на здравјето, на своето и на своите најблиски. Доволно скапа цена плативме од соочувањето со пандемијата. За разлика до нас, таа не знае да импровизира или да прави селекција. Таа е безмилосна во остварувањето на својата цел да го покори светот. Затоа и чудно и збунувачки изгледа најновата одлука да му се дадат седум дена грејс период на вирусот и мерките да важат од 16 август. Или можеби некои мислат дека и ковид-19 заминал на одмор. За жал, искуствата покажаа дека иако непоканет, тој секогаш е прв на кој било собир или манифестација, иако од нас зависи дали и колкава шанса ќе му дадеме.