Веќе длабоко сме навлезени во фазата кога некои центри ја злоупотребуваат ситуацијата и кога и покрај нивните амбициозни пиарчења, паѓа довербата во институциите, а со тоа и во пропишаните мерки за заштита на јавното здравје. Особено ако се следат и бројките на починатите и на новозаразените во споредба со други земји
Пораснаа тензиите, хипертензиите, но и бројот на починатите и на заразените од коронавирусот во државава во исчекување Комисијата за заразни болести да го објави договорот на партнерите во Владата во однос на натамошното траење на домашниот притвор на нацијата. Особено деновиве, во пресрет на празничниот викенд кога се одбележува Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и се прославува Бајрам. Нималку лесна одлука, ни за политичките партии што партиципираат во Владата, ни за здравствените експерти, кои некако ќе треба да ја објаснат.
Но да не се разбереме погрешно, секое решение во однос на понатамошното спроведување на полицискиот час, што требаше да биде усогласено додека овие редови се подготвуваа за печатење, доколку тоа се покаже како делотворно, е добредојдено. Се разбира, за добронамерното мнозинство.
Одредени групи и поединци инструирани од некакви сомнителни центри во секој случај ќе негодуваат. А колку оваа административна мерка ќе се почитува зависи од тоа како јавноста ќе ја перципира, што повторно е работа на власта.
Вистина, досегашната перцепција не ѝ оди во прилог. Откога државата помина два месеца во вонредна состојба во текот на кои, паралелно со воведувањето други мерки за заштита на јавното здравје, повеќепати се менуваше времетраењето на полицискиот час, а до неодамна дури и различно се применуваше за одделни старосни групи граѓани, резултатите воопшто не се охрабрувачки. Според некои оцени, стануваат дури и контрапродуктивни, особено со затоплувањето на времето.
Нескротливите биланси на жртвите од ковид-19, починатите и заразените во Македонија, покажуваат дека воведувањето на најригорозниот полициски час во регионот и пошироко, нема ефекти. Секојдневните објави на Јавното обвинителство во однос на прекршувањата на полицискиот час се навистина многубројни. Ако државата успее сите казни да ги наплати, ќе се оформи солиден фонд, што секако би требало да биде предмет на натамошен интерес на јавноста. Исто како и феномените на неевидентираните и на несанкционираните прекршувања на полицискиот час и на злоупотреби на таканаречените пропусници што во изобилство се делеа од страна на надлежните органи. Во распространетоста на овие „феномени“ сите можат да се уверат со проста опсервација од своите прозорци и балкони.
Паралелно со овие, често и масовни прекршувања на полицискиот час, имаше периоди за слободно движење на граѓаните, кои во одделни фази на борбата против коронавирусот беа определувани, исто така, во различни интервали. На моменти навистина кратки, особено за одредени категории на населението, не само за децата и за повозрасните туку и за оние на кои поради работните обврски им остануваше премалку време за други активности. Затоа имаше многу поголема концентрација на луѓе во маркетите и во банките, на пример од вообичаеното. Со разубавувањето на времето, истото тоа се случува и во парковите и на шеталиштата. Дали некој од повиканите го воочил тоа и дали смета оти тоа е безбедно? А луѓето имаат потреба и да пазаруваат и да прошетаат. Тоа, всушност, им е неопходно за одржување и на физичкото и на менталното здравје.
А доколку тоа го прават додека некој им го мери времето, се изложуваат на непотребен стрес, кој, според сите медицински истражувања, е дополнителен, а често и пресуден фактор за нарушување на имунитетот и за развој на разни болести. Не може само да се порача нешто непроверено од достава или да се влезе во дуќан и да се соберат неколку конзерви, треба внимателно да се одберат месото, овошјето и зеленчукот за квалитетна исхрана. Често е потребно да се влезе и во повеќе дуќани. А секаде се чека во редови. Освен квалитетни намирници, на луѓето им е потребен и простор за движење на чист воздух. Не живеат сите во куќи со големи дворови. Народот ќе се испотепаше деновиве трчајќи дома во последен момент од кејот на Вардар или од блиските паркови. И тоа во услови на сѐ повисоки надворешни температури. И додека главниот партиципиент во власта уверува оти наскоро би можело да се оди и на избори.
Правните аспекти и правната издржаност на сѐ што се прави се посебна тема за која веќе се дискутираше и ќе се дискутира и што, ако оваа општество воопшто има таква среќа, понатаму ќе резултира со одредени законски решенија што би оневозможиле повторување на слични правни конфузии и социјални конвулзии во некои идни слични ситуации
Во целата оваа слика нешто сериозно е изместено. Просечниот граѓанин сето тоа немоќно го гледа и го трпи со сиот ризик по своето здравје не само од коронавирусот туку и од константната изложеност на притисокот, за која сѐ потешко наоѓа рационално објаснување.
Од една страна се некои од веќе неоправданите репресивни мерки, пред сѐ полицискиот час, а од другата нивното непочитување и селективна примена. Освен тоа, вонредната состојба и полицискиот час сѐ поочигледно се користат и за активности, меѓу кои и за донесување некои уредби од страна на Владата, кои немаат врска со пандемијата. Некои анализи покажуваат дека повеќето договори за јавни набавки поврзани со заштитата од коронавирусот, со вкупна вредност од над три милиони евра, се извршени преку ограничен број фирми, често и со само еден пријавен понудувач и со несфатливи разлики во постигнатите цени. Тоа и уште многу други нешта кажуваат дека веќе длабоко сме навлезени во фазата кога некои центри ја злоупотребуваат ситуацијата и кога и покрај нивните амбициозни пиарчења, паѓа довербата во институциите, а со тоа и во пропишаните мерки за заштита на јавното здравје. Особено ако се следат и бројките на починатите и на новозаразените во споредба со други земји.
Правните аспекти и правната издржаност на сѐ што се прави се посебна тема за која веќе се дискутираше и ќе се дискутира и што, ако оваа општество воопшто има таква среќа, понатаму ќе резултира со одредени законски решенија што би оневозможиле повторување на слични правни конфузии и социјални конвулзии во некои идни слични ситуации.
Засега, некој би требало да објасни само зошто короната е најопасна од седум часот навечер до пет наутро.