И во ова време, кога требаше да се манифестира заедничка солидарност, дојде до израз оној наш балкански менталитет. Многумина видоа шанса да остварат некој ситен политички поен, а тоа го користат поединци, партии и високи државни функционери, но и фирми што сакаат да профитираат на маката на граѓаните. Се јавија многу стари и нови „спасители“ и експерти за здравство, економија, епидемии, пандемии…
Балканските народи се соочени со нов предизвик. По долги години меѓусебни препирки, јавни конфронтации и отворени воени судири, првпат сите се наоѓаат на една иста страна. Наспроти нив е непознатиот и невидлив противник – коронавирусот. Во целиот регион е вклучено црвеното светло на опасност. Заразата што се шири забрзано еднакво ги напаѓа сите лица и нации, без разлика на етничката, верската или политичката припадност. Сите се наоѓаат на првата линија на „фронтот“, соочувајќи се со епидемијата, која однесе многу животи, а многу се водат како заразени или се наоѓаат во самоизолација и во карантин. Од коронавирусот еднакво стравуваат и Србите, Хрватите, Бошњаците, Црногорците, Албанците, Македонците, Бугарите, Грците… Сите тие што порано, закопани во своите етнички ровови „пукаа“ со сите средства едни против други, се повлекоа во своите домови, стравувајќи болеста да не им „затропа“ на нивната врата. Наеднаш запреа сите недоразбирања, негирања, присвојувања на туѓи територии и истории… На Балканот првпат сите се единствени.
Завладеа неподнослива тишина и стравот за сопствениот живот.
И во ова време, кога требаше да се манифестира заедничка солидарност, дојде до израз оној наш балкански менталитет. Многумина видоа шанса да остварат некој ситен политички поен, а тоа го користат поединци, партии и високи државни функционери, но и фирми што сакаат да профитираат на маката на граѓаните. Се јавија многу стари и нови „спасители“ и експерти за здравство, економија, епидемии, пандемии… Речиси во сите земји, во оваа атмосфера на општа несигурност за зачувување на сопственото здравје и живот, граѓаните се изложени на голем број политички саморекламери, кои наместо да придонесуваат за подобра заштита од заразата, тие со своите, понекогаш и неразумни предлози, внесуваат дополнителен немир и паника кај луѓето.
Ако се погледне малку во заднината на настаните и во време на глобалната здравствена криза, не изостанаа ни големите политики, кои во изминатиот период беа присутни на овие балкански простори. Короната беше искористена во надмудрувањата за одложувањето на парламентарните избори во Србија и во Македонија, кои беа истакнати на почетокот од појавата на епидемијата. Сега партиските лидери се префрлија на здравствен терен, за тоа дали актуелните власти добро се справуваат со опасноста. Како најдрастичен пример за водење „висока“ политика е изгласувањето недоверба на новата косовска влада, предводена од Албин Курти, чија цела операција беше водена оддалеку, од Вашингтон, во време кога Косово ги бележи првите жртви од заразата. Колку беше неопходна смената на Курти во овој момент за решавањето на српско-косовскиот проблем е дискутабилно, ако се има предвид дека Србија се соочува со десетици жртви од коронавирусот и со стотици заболени, кои сѐ повеќе ги има во секој нареден ден.
Можеби за во иднина националните лидери ќе сфатат дека сите поединечно како држави се немоќни, мали, неспособни и неорганизирани и, ако сакате, со слаб здравствен и економски систем, што во периодот по кризата ќе се одрази многу на животите на милиони балкански граѓани. Колку побрзо се справат со „политичкиот“ вирус на поделби, раздвојувања и завојувања на блиските народи, толку побрзо ќе се излезе од безнадежната состојба во која се наоѓа цел Балкан
Но тоа, секако, не беше причина и српскиот претседател Александар Вучиќ да ја истакне поблиската поврзаност со Кина, кој на голема врата ја дочека медицинската помош од Пекинг, што беше причина да добие коментар од европскиот дипломат Карл Билт дека српските власти не покажале доволна „почит“ за помошта што ја дава Европската Унија за српскиот народ!
Но во ова време на сеопшта криза има една светла точка. Тоа е акцијата на белграѓани „Аплауз во 8“, кога на 22 март, во 20 часот вечерта, жителите на Белград ги отворија прозорците и балконите за да им дадат поддршка на загрепчани, кои истиот ден ги погоди земјотрес, додека се соочуваа со периодот на строгите мерки за самозаштита од коронавирусот. Во оваа акција се придружија и сараевчаните. Овој гест на соседите беше примен со големо одобрување од хрватските граѓани. Ова беше првпат во последните 30 години да се искаже толку блиска поддршка меѓу соседните народи, кои долго време беа во војна, а политичките и националните разлики сѐ уште се длабоки и по завршувањето на воениот период. Мал гест но со силна порака, што треба да се продолжи во периодот по заразата.
Колку глобалната епидемија ќе влијае да се променат некои работи што долго време регионот го држеа во целосна политичка, па и економска изолација? Дали политичките водства ќе извлечат поука од оваа здравствена закана за сите народи еднакво и која не познава никакви етнички и државни граници? Кому му е важно сега чија сопственост е црковниот имот во Црна Гора или за тоа дали Дејтонскиот договор за БиХ треба да се редефинира или не!?
Можеби за во иднина националните лидери ќе сфатат дека сите поединечно како држави се немоќни, мали, неспособни и неорганизирани и, ако сакате, со слаб здравствен и економски систем, што по периодот по кризата ќе се одрази многу на животите на милиони балкански граѓани. Ќе успеат ли да ги надминат сопствените суети и да го сменат вокабуларот што го користеа досега, затворени во своите етнички табори, и наместо за големонационални идеи, да почнат да говорат за солидарност, толеранција и меѓусебна соработка на Балканот. Корона-кризата покажа дека земјите од регионот се недоволно подготвени за справување со посериозен предизвик. Отворањето, зближувањето и поврзувањето едни кон други се наметнува како неопходност, заради побрзо економско заздравување на целиот регион. Колку побрзо се справат со „политичкиот“ вирус на поделби, раздвојувања и завојувања на блиските народи, толку побрзо ќе се излезе од безнадежната состојба, во која подолго време се наоѓа целиот Балкан.
За крај, дали некој овие денови ја забележа веста дека турските војници ги „дислоцирале“ мигрантите што беа во голем број сместени во пограничната зона со Грција во пределот на реката Марица. Сепак, нешто се менува на Балканот, но до кога ќе важи ова „привремено примирје“?