И можеби сега е добро јавно да се види какво тоа „наследство“ оставивме ние граѓаните, но и некои од претходните локални власти. И тоа токму во нашиот двор, пред нашите очи. Навистина сме за жалење. Сами си создаваме проблеми, за сами „победнички“ да ги решаваме. И пак да не успееме!? Какво поле за работа им оставаме на нашите новоизбрани локални власти? Наместо да ги оставиме народните избраници да се фокусираат на проекти што ќе го донесат градот рамо до рамо со најубавите европски метрополи, тие мора да решаваат и да се трошат за најприземни проблеми, кои и воопшто не би требало да се проблеми, ако ние самите се однесуваме педантно, културно, цивилизациски, да не речам европски…, барем што се однесува до хигиената
Старо-нов проблем за Скопје и скопските општини се депониите и тоа не е никаков новитет. Ниту една власт досега не успеа да им стави крај на креаторите на дивите депонии, сите се справуваа со нив како знаат и умеат. Едни расчистуваа, други санкционираа, но факт е дека досега не се најде трајно решение.
Чистење диви депонии, собирање ѓубре, чисто зеленило, се само мал дел од насловите што изминатите денови ја преплавија интернет-мрежата, а кои се однесуваат на првичните активности на новоизбраните општински градоначалници во Скопје.
И можеби е добро да се види какво тоа „наследство“ оставивме ние граѓаните, но и некои од претходните локални власти. И тоа токму во нашиот двор, пред нашите очи.
Навистина сме за жалење. Сами си создаваме проблеми, за сами „победнички“ да ги решаваме. И пак да не успееме!? Какво поле за работа им оставаме на нашите новоизбрани локални власти?
Наместо да ги оставиме народните избраници да се фокусираат на проекти што ќе го донесат градот рамо до рамо со најубавите европски метрополи, ние мора да решаваме најприземни проблеми, кои и воопшто не би требало да се проблеми, ако ние самите се однесуваме педантно, културно, цивилизациски, да не речам европски…, барем што се однесува до хигиената.
Добро, ајде да речеме дека најдобро е да се почне со метење на „својот двор“!
Ете, сите градоначалници ги почнаа своите мандати со полна пареа. Сите се фатија првично за генералки во своите општини. Градоначалниците, вклучувајќи ја и Данела Арсовска, која граѓаните ја избраа да го води Скопје во следните четири години, својот првичен фокус го ставија на депониите.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, уште од првото утро почна со генералка во својата општина. Чистење лисја, миење улици речиси во сите населени места во неговата општина. Ништо поинаку не почнаа и другите градоначалници.
Бобан Стефковски, предводникот на Гази Баба, исто така се зафати со расчистување на депониите, кои, за жал, и во оваа општина, како и во сите други, никнуваат побрзо и од печурки. Слична е состојбата и во Бутел, Аеродром, Карпош…
И градоначалничката на Скопје, Арсовска, на социјалните мрежи сподели активности за расчистување неколку диви депонии во метрополата. Првично, фокусот е ставен на депонии во Бутел, Сарај и во Карпош, кои веќе се мапирани и се расчистуваат. Расчистување на депониите е проект што Арсовска вети дека ќе го реализира за 82 дена од почнувањето на нејзиниот мандат, а евидентно е дека нема во план да го прекрши тоа што го ветила пред граѓаните. Збор си е збор. Ветено – сторено. На голем дел од овие локации ќе никнат паркови и зелени површини, а со тоа индиректно ќе се влијае на намалувањето на загадувањето на воздухот, кое исто така е една од болните точки за главниот град. Паралелно со овие депонии се чистат и диви депонии во Гази Баба, Кисела Вода и во Ѓорче Петров, а со помош на граѓаните ќе се откриваат и сите новонастанати локации каде што несовесните граѓани фрлаат разни видови отпад, со цел нивно расчистување. Еден од поголемите проекти што заслужуваат поздрав е и ветениот парк што ќе биде лоциран во општината Аеродром, а кој ќе се простира на површина од сто илјади квадратни метри, почнувајќи од последна „петка“, па до паркот познат кај граѓаните како „авион“, чија реализација е веќе почната во соработка со локалните власти од Аеродром.
Сето ова е за поздравување, но зборот ми беше, наместо водачите на општините да се окупираат до проекти што ќе нѐ однесат поблиску до европските метрополи, да носат инвестиции, да реконструираат и создаваат паркови, улици, детски игралишта, градинки и училишта, градоначалниците мораа да се фатат за чистење. Ние сме тие што им ги одземаат (читај исцицуваат) енергијата, времето, парите… И сето тоа затоа што скопјани не си го сакаат доволно сопствениот град, па во сите паркови наменети за рекреација фрлаат догорчиња и разни други отпадоци, а на кантите за отпадоци на самите автобуски постојки го фрлаат ѓубрето од дома. Во реките лоцирани на територија на Скопје, пак, си ги мијат возилата, а во подзатскриените зелени површини со камиони истураат градежен шут, кабаст отпад и што ли уште не.
Граѓаните сепак се скептични, што е и нормално, бидејќи Скопје има проблем со диви депонии насекаде, и во руралните и во урбаните средини и во близината на општините и во близината на сообраќајниците… Некои од жителите воопшто не се загрижени за тоа што фрлаат разни видови отпад каде што ќе стигнат, а очигледно казните што ги добиваат оние што ќе бидат фатени од страна на инспекторите за животна средина им се премали, па фрлањето на отпадот продолжуваат да го прават на штета на животната средина.
Очигледно казните за загадувачите се премали, штом голем дел од нив ги повторува своите дела. Можеби треба да се зголемат казните, некои да се заменат со општокорисна работа, односно чистење на нивни трошок на тоа што го извалкале, а некои дури да се заменат со затворска казна.
Можеби тогаш злосторниците против животната средина ќе стават прст на чело и ќе размислат за своите недела, кои, за жал, ги окупираа и градоначалниците во главниот град.