Јас воопшто не сум параноичен и зад кулисите на конструираното безумие и проектираната паника, лесно го наѕирам заговорот. Не можам сè уште да ја дофатам крајната цел. И тука врие од контрадикторни „теории на заговор“. Глобален социолошки експеримент за контрола на човештвото
Која е разликата помеѓу модерен човек, производ на технолошки напредна цивилизација и една златна рипка ставена во аквариум? Златната рипка помни три секунди подолго.
Се сеќава ли некој на ситуацијата со птичјиот грип и Светската здравствена организација? Е, како да се сеќава кога тоа беше пред неколку години? Во меѓувреме, Карлеуша се скара со дечкото, Косово ѝ воведе санкција на Русија, Обама флертуваше со данската премиерка на погребот на Мандела, се залапаа Гандалф и Жан Лук Пикард, Грета Тунберг им објави војна на климатските промени и што уште не.
Се крена паника околу птичјиот грип. Не како сега, ама мејнстрим-медиумите ја ширеа. Потоа се појави вакцина. СЗО и медиумите хистерично апелираа дека вакцини мора да се купат. И државите купуваа. Во огромни количества. Фармацевтските компании заработија огромни суми. Потоа излегоа докази дека паниката е вештачки пумпана. Голем дел од светската популација одби да се вакцинира.
Вакцините завршија во ѓубре. И презеде некој одговорност? СЗО на пример? Никаква. Па, светската изопачена моќ уби милион цивили во Ирак тврдејќи дека Садам Хусеин има хемиско оружје за кое се докажа дека не постои, туку, напротив, Буш, Блер и нивните влади лажирале извештаи, и никому ништо, а не за неколку милијарди долари украдени од луѓето преку лажните информации на СЗО. Не само што не презедоа одговорност туку истото тоа го повторија со еболата. И тогаш кренаа паника. Се малтретираа луѓе по аеродроми. Ставаа цели области, згради и хотели во карантин. Се ширеше медиумска паника. И сѐ така до појавата на големата мигрантска криза. Наеднаш еболата се изгуби во вестите за мигранти. А мигрантиве во огромен број доаѓаа од Африка, каде што е жариштето на еболата. И никому ништо.
И сега јас треба да ги земам за сериозни овие од СЗО? Кои откако почна пандемијава дадоа десетина контрадикторни изјави. Не ви е доволно за да видите дека има нешто крајно сомнително во нивното однесување? Знам дека не ви е доволно. Всушност, што и да се случи, нема да има реакција. Луѓето не треба да се чипираат, веќе се чипирани. Се обелоденуваат лажни извештаи за хемиско оружје по кои изопачената моќ масакрира милиони Ирачани, и никому ништо. Се уништуваат цели држави, како Либија и Сирија, заради профит и кражба, и никому ништо. Излегува на виделина целата манипулација околу глобалното затоплување, и никому ништо.
Викиликс објави милиони фајлови докази за изопаченоста на глобалистичката моќ, ама Асанж е во затвор. Уште ракоплескаат чипираните. Од една страна имаш злосторничко здружување на светски влади, корпорации и организации што сеат лаги и смрт, од друга страна имаш популација на испрани мозоци на кои може и гомна како специјалитет да им сервираш. И зошто да не продолжат кога нема реакција?
Всушност, мене веќе не ме интересира дали некој од позиција на моќ спроведува нов планетарен ужас. И кога ќе се докаже, нема да има реакција. Оттука, сеедно ми е. За мене, глобалистичката моќ сосе нивните СЗО, влади и корпорации е дел и од овој заговор, кој секако еден ден ќе биде докажан, ама никому ништо.
А ха, рече заговор. Значи мислиш на теорија на заговор.
Можеби сум јас параноичен, ама не значи дека заговорот не постои.
Цитирам пријател. Одиме понатаму.
Паниката е проектирана. Тоа е очигледно. Ако се следи со вклучен ум сето она што го соопштуваат медиумите и политичарите преку нив, јасно е дека паниката е проектирана. Со исклучен ум, како што повеќето го доживуваат битисувањето, мозокот е бескорисен орган. Нонстоп се бомбардираат консументите со смрт. Ама овој пат се користи друг метод. Наместо сите медиуми хорски да билдаат иста мантра, како со хемиското оружје во Ирак, сега луѓето се мелено месо во машината од бесконечно многу контрадикторни информации.
Да си рече човек, или медицината како наука е комплетно бескорисна или нешто чудно се случува. Јас онолку контрадикторности во една научна дисциплина не сум сретнал никаде. Излезе дека секој доктор е своја наука. Двајца да се совпаднат во анализата, тврдењето и советите, веќе изгледаат како злосторничко здружување во очите на политичарите и мејнстрим-медиумите. Морничаво е дека медицината најверојатно нема поим каде тера. Или сето ова, сепак, има некое налудничаво сценарио. Па, како е можно во една држава да има катастрофа, а во друга смртноста да биде како од сезонски грип? Тоа се прашуваат луѓето. Знаете што е одговорот? Најверојатно погрешно ги лекуваат. Па, од тоа може ли да има нешто поморничаво? Во 21 век. Кога Илон Маск „лета сателити“, а нам, верниците, ни се смеат дека сакаме со исто лажиче да се причестуваме.
За мерките и препораките не ми се отвора уста. Носете маски! Не, ако сте здрави, не носете маски. Шетајте во природа! Не, подобро е да се заклучи природата. Џогирањето е добро. Не, Париз забрани џогирање. Ги лекуваме со овој лек. Не, подобар е оној другиот. Не, најдобро е коктел од двата. Не, тој коктел е смртоносен. Тестирањето е корисно. Не, тестовите не се сигурни. Пушачите се под голем ризик. Не, најмалку заболени се пушачи. Следете го искуството од Кореја. Не, подобро е она од Јапонија. Ама Германија се покажа најдобра. Не, Шведска гради колективен имунитет. Не, во Шведска сите ќе умрат. И така во недоглед. Додека не го избезумат обичниот преплашен човек, седнат пред телевизор или компјутер, кој полека, испаничен од близината на смртта отаде мониторот, се претвора во психопат подготвен да го убие секого што одбива да ги прифати оние безброј контрадикторни мерки. И повторно дилемата, или овие не знаат кај тераат или ова е однапред напишано сценарио.
Така доаѓаме до пикот. До врвот. Кулминацијата.
Која ќе се случи во јуни. Не, ќе се случи сега, во мај, затоа што државите попуштаат со мерки. Не, ќе се случи во септември и ќе биде најстрашно. Грешка, пикот ќе удри в година ова време. Не, тоа ќе биде втор бран. Не, всушност, најдобро е сите да одите по ѓаволите, откаде сте дошле.
Заклучок! Јас воопшто не сум параноичен и зад кулисите на конструираното безумие и проектираната паника, лесно го наѕирам заговорот. Не можам сè уште да ја дофатам крајната цел. И тука врие од контрадикторни „теории на заговор“. Глобален социолошки експеримент за контрола на човештвото. Надградена етапа во мастерпланот за создавање светска диктатура. Биолошка војна за превласт.
Очаен потег на „длабоката држава“ за рушење на Трамп и суверенистите низ светот заради враќање на нивната моќ. Лабораториски експеримент излезен од контрола. Принудно вакцинирање на целата светска популација. Не сакам да навлегувам во целта на заговорот. Може веќе утре да се покаже дека сите овие теории едноставно ќе се склопат во една вистина. Мене ми е важно да го детектирам заговорот, за да го исклучам стравот. Имајќи ги досегашните искуства и никако заборавајќи ги, јасно ми е дека има нешто повеќе од „опасен вирус што мутира многу брзо само за да ги збуни генијалните научници на 21 век, па затоа мораме да седиме затворени, изолирани и преплашени додека не помине пикот во мај, не, во јуни, односно септември, како и в година напролет“.
Вистината секако ќе излезе на виделина. И потоа ќе биде никому ништо, до следното лудило.