Северна: проект на европскиот фашизам (1)

Сум пишувал често за европскиот или, во современа варијанта, евроамерикански фашизам. Знаеш, драг читателу. Особено по повод западниот идентитетски геноцид врз Македонците во Преспа 2018. Тоа е важна перманентна тема за нас, оти ако ја баталиме неа, тоа е срам и грев. Тоа би значело дека сме се помириле со смртта во која нè фрлиле.
Сега, пак, на поширок план темата на западниот фашизам ја актуализира и годинашниов јубилеј 75 години од американските атомски бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки во август 1945 година. Чин со кој на местото на поразениот Хитлеров, германски, на светската сцена се искачи американскиот фашизам. Хари Труман, чија ментална структура со тој варварски чин не се многу разликува од таа на германскиот фирер, се гордееше со тоа и во психата на Американците го всади силното чувство за светскиот супрематизам на нивната нација, на која ѝ е дозволено сè. Ѝ е дозволено и понатаму да го третира светот како Хирошима и Нагасаки, како длабока држава што стигнува насекаде со раката на смртта за свој материјален или каков било друг вид бенефиција: од Блискиот Исток, кој го спепели до Авганистан, и од Авганистан до Украина, Србија, Македонија…

Црниот Нобелов „миротворец“, црната дамка на прекрасната црна раса, која јас ја обожавам, драг читателу, Барак Обама што уби стотици илјади цивили низ светот, како американски претседател дојде на местото на злосторството, ја посети Хирошима, но не им се извини за него на Јапонците, како што го направи тоа во Аушвиц Вили Брант кон Евреите. Колку да се знае дека Империјата не се извинува, оти злосторството е, како и што се покажа во практиката, нормална агенда на нејзината политика. Но, и покрај тоа, најголемиот парадокс, вие морате да бидете нејзин пријател, каков што е случајот и со нас Македонците, кои знаеме дека Вашингтон е главниот промотор за Преспанскиот, а потоа и на бугарскиот договор и тиранската платформа, трите чекани за наше дробење и идентитетско уништување.
Тоа е вистината, драг читателу, по овој нужен вовед, за новиот фашизам на Западот по Хитлер, кој, како што вели генералот Камингс од романот на Норман Мајлер „Голи и мртви“, е повитален од оној на Германците, кои според него, за разлика од Американците, не се доволно способни и витални за таа уметност. Ние Македонците, наивни, мислевме дека бранот на тој неофашизам нема да нè допре со фактот дека сме во Европа, божем лулката на модерната демократија во светот. Ама не нè одмина тој црн ветер. Сум пишувал доволно за тоа, ама тоа е перпетуум мобиле, мôра за нас. Варијација на иста тема. Оти ако некој од Македонците, а има доста такви изроди, не ја чувствува како јанѕа на своето колективно битие неа, тој и не ѝ припаѓа на сортата на nomo sapiens што е омозган и опремен со ’рбет и емоции, туку ѝ припаѓа на некоја друга сорта од зоосемејството на влечугите на Галапагос.

Тоа. Туку од кај доаѓа таа канибалистичка страст за ништење на Македонија и Македонците, како од нашите околни соседи, така и од Брисел и Вашингтон: Оти тоа што се случи во Преспа пред две години не е ни најмалку случајно, иако е завиткано божем во целофанот на некојси цивилизациски потфат за просперитетот и среќна иднина. Не, драг читателу. Тоа е понапред резултат на една супрематистичка шизофренија на големите западни демократори и демократури што го претворија денес светот во сликата на римскиот колосеум на Нерон и Калигула. Оти и Јунг и Тен и некои други што се занимава со психологијата на колективната душа на еден народ, но и на цели раси, па и епохи (Тен) укажаа, ја дијагностицираа патологијата на супрематистичкото его, чија болест под маската дека сака да го оздрави и постави на здрави нозе светот, него го ништи и урива. Всушност, по долгата империјална моќ, кантовски речено, како што е тоа случај со Европа, а и со Америка, која е нејзино англосаксонско копиле, се стигнува до еден вид априористички генетски структуиран рефлекс за апсолутна ариевска превласт и играње со судбината на послабите од нив.
Тоа што го говорам може да ти изгледа како метафизика, драг читателу, ама не е, туку е болна реалност. Оти ако не е така, од кај извира тој толку голем, неверојатен анимозитет на таканаречената демократска цивилизација на Западна Европа кон толку многу малечката, мирољубива и столчена со безброј историски рани Македонија? А? Случајно ли е тоа, драг читателу? Не! Но со тој неверојатен феномен, за жал, никој од македонските историчари, академици, антрополози и психолози не се позанимавал посериозно, да го расветли и објасни докрај. Велиш: МАНУ. Не.

Тие таму, покрај брегот на Вардар, во удобните егзистенцијални фотелји, исто така, никогаш посебно не се позанимавале како што треба со ова трауматично, а и „опасно“ прашање. А нашите академици не се подготвени за опасност, иако Хелдерлин вели дека таму кај што е опасното расте и спасоносното. Тие не се способни како Емпедокле да скокнат во кратерот на Етна. Тие едноставно спокојно ја преспаа, како мечките во зимски сон, нашата идентитетска ликвидација. Од тој мртовечки сон го изземам Блаже Конески, кој и во гробот бдееше, бдее и ја боледува раната на Македонија и Македонците. Во тоа сум апсолутно сигурен, и никој друг туку само тој може да ги извлече од вагата на страшниот суд горе за гревот кон колективот нашите нимбусирани академици.
Тоа е посебна тема за анализа на хипокризијата и фарисејството на интелектуалниот ум. Туку да се вратиме на генезата на анимозитетот на западната европска цивилизација, сега амалгамизирана и со американската по крвна родствена линија, кон Македонија, Македонците и македонизмот како духовна струја на нивната меморија и културно-цивилизациско благо како влог и во светската цивилизација и култура. In medias res, тој анимозитет не е од вчера и современ, туку има длабоки антички корени, уште од времето на Александар Македонски и неговата светска империја на народите од Пела до Хималаите на исток и до пирамидите на Египет на југ. Империја на еднакви и суверени народи, со сопствен идентитет, богови, традиција и култура. Империја во која првпат е укинато ропството, кое уште владее во Атина, која сенилна Европа ја смета за извор на демократијата. А не е. Империја во која Аристотел, Македонецот од Стагира, и неговиот ученик Александар Први во светот го заведуваат како правен кодекс со царски печат „природното право и правото на народите“.

Тоа што, имено, парадоксално во Преспа им беше одземено на нивните генерички наследници Македонците.
И во што е всушност работата? Пак се враќаме на генезата на анимозитетот кон сега веќе столченото (Конески), та докрај дотолчено племе. А во неа е одразена како кристал сликата на судирот на две концепции и визии на владеење со светот: македонската и римската. Сум пишувал и за тоа, драг читателу. Македонската концепција е космополитска што нуди еднаквост и разбирање меѓу народите врз принципот на љубовта, и како таква е претслика на христијанството што доаѓа со Спасителот потоа. Ако се земе предвид тоа, и не е воопшто случајно што најревносниот Исусов апостол Павле е, имено, по божја промисла испратен во Македонија, од каде што ѝ е понудено за причест новозаветното вино на канибалистичка Европа. Но, и покрај тоа, таа не се откажа од темниот канибалистички слој на својата потсвест што го проектира во „свест“ за демократија и просперитет на светот. Како и Сатаната, и таа со христијанството се послужи за свои лични прагматични цели. Залудно изгради толку многу студени велелепни катедрали во кои, бидејќи не е глуп, Бог не сака да престојува. Имено, тој залегнат темен варварски слој на психата, која не ја разбира и прифати Радосната вест што ѝ беше пренесена како штафета од Македонија, излезе на површина и Европа него маестрално го демонстрира како факт во двете светски војни. Умниот космополит и генијален германски писател Томас Ман, имено, како да го дијагностицира уште еднаш тој темен синдром на Западна Европа кога по навршувањето на Втората светска војна рече: „Хитлер е победен, но не и фашизмот“. Пророк.

Па, и не му беше многу тешко на Ман да ја даде таа дијагноза. Оти тој виде дека модерниот свет на Западот ја обнови сликата на римскиот колосеум, сатурналии и други светли и темни, многу темни обредни свечености на римската цивилизација. Неа Западот едноставно ја фотокопира. Ја фотокопираа неговите нови нерони и калигули. Оти не случајно во таа смисла и Европа не ја побара својата културно-цивилизациска генеза, на пример, во јудеохристијанската цивилизација, како што мислеше пак Томас Ман, туку во Античка Грција. Од психоаналитички фројдовски аспект тука пак се работи за некои залегнати талози и архетипови во потсвеста, а тоа е, како што веќе нагласивме, потсвесно приклонување кон паганскиот, а не кон христијанскиот ерос на љубовта, правдата и вистината. Имено, затоа Европа и никогаш не била христолика, туку атеистичка и безбожна. Додуша, во некои и подолги периоди, како што се тоа на пример ренесансата и просветителството, таа успевала на еден сјаен начин да го сублимира, односно трансцендира својот темен пагански ерос, но потоа пак ѝ се враќала на деструктивноста, на нејзиниот колонијалистички (римски) порив за владеење на туѓи народи заради материјална придобивка, при што заслепени од бескрајната материјалистичка лакомост дури и нејзините силни нации се насочувале една против друга.

Оти кој е главниот цивилизациски изум со кој, за жал, се гордее европскиот Запад? Тоа е либералниот капитализам со сомнителна демократска маска и слободниот пазар, кој требаше да им даде иницијатива на способните и креативните во областа на економијата и производството. Така. Арно ама многу бргу тој цивилизациски западен изум се изроди во канибализам за профит. Општествениот и социјалниот дарвинизам го покажа своето најсурово лице. Тука целосно се извитопери филозофијата на Ничеовата волја за моќ и неговиот натчовек. И, конечно, до што доведе тој изум, прашуваш драг читателу? До поделбата на многу богати и многу сиромашни, до колонијалистички походи и спроведување од страна на богатиот европски Запад на многу геноциди, асимилации и културоциди низ светот. На крајот доведе и до двете светски војни, Првата и Втората, кои се пак последица на темниот римски нагон на западната цивилизација за материјален профит. Но и по таквите големи катастрофи, тој нагон на западната обезбожена колективна душа не е ни исчезнат, ни сублимиран во некој вид нов хуманизам за еднаквост, братство и љубов меѓу народите. Напротив, сведоци сме на новите деструкции врз одредени региони на богатите од Западот во светот. Доволна е во таа смисла, да не одиме потаму, разорената пеплосана слика на Блискиот Исток, кого Американците, но и со час отворена час прикриена поддршка за личен профит на нивните моќни, иако импотентни кон нив (освен Британците) европски партнери.
Тебе сега ти изгледа дека се оддалечивме како во прашума од главната тема на нашата колумна, драг читателу, но не е така.

Сето тоа е контекст во нејзиниот сложен мозаик. Значи, воопшто, во потрага сме по одговор на прашањето од кај е тој толку голем анимозитет на Европа, та посегна дури и идентитетски да ја ликвидира, да ја откорне од нејзината меморија Македонија и да ја стави како пепел од која е украден огнот во мртовечка урна. Како што ѝ го стори тоа во Преспа пред две години. Рековме, и тоа е важна појдовна точка кон одговорот, Европа од двата типа на владеење, македонскиот и римскиот, го избра овој вториот. Модел на владеење со железна сила и волја, кои не трпат спротивставување, наместо македонскиот модел на владеење со љубов и меѓусебно разбирање на народите со целосно почитување на нивните идентитети, традиција, религија и култура. Тоа беше изумот на Александар Македонски и неговиот учител Аристотел, Македонец од Стагира, чија основа е космополитизмот, социјалната, културолошка и секаков друг вид правда. Нешто што залегна и како онтолошки код во македонската психа, а потоа се предава по генетичка линија на поколенијата. Но како што ќе се покаже потоа, космополитизмот го слабее пламенскиот нагон за затворање и одбрана на својот национ. Нешто што ги чинеше скапо Македонците, па низ столетијата лека полека доживеаја редица историски погроми, за на крајот да ја дотераат работата до ова дереџе до кое се сега како смачкано племе (Б. Конески), кое во Преспа се досмачка.

(продолжува)