Честитам, Нордистан! Аирлија, датум! Со здравје да си го носиш! Баш убаво ти стои. Нека пукнат душманите! На 14 декември, Нордистан доби датум од Европската Унија. Трет по ред. Првиот го доби во авион. Вториот на Телма. Овој третиот е бетон. Како нордистанскиот идентитет. И блескав како неговата економија.
Сега е јасно зошто Меркел и Макрон го молеа Заев да не се повлекува. Зошто сите западни лидери го правеа истото тоа. Зошто Макрон ја крена цела дипломатија за Нордистан да добие датум. И оној Руте дотрча дури од Холандија само да ја спаси Владата од непрогресивната наезда на злото, кое сакаше сексапилната дама ЕУ да не му даде на потентниот Нордистан. И не само тоа.
Тука е и оној генијален политички визионер Кастриот. Тој, како некогаш старозаветните пророци, ѕирна во иднината со своето срце заспано во Брисел и Вашингтон и виде… го виде тој 14 декември како ден кога Нордистан ќе го добие датумот. Ех, да беше само Кастриот. Неговата сопруга лично го слушна Макрон како се залага за истото тоа. Направи посебни напори, Бугарија да не стави вето. Притисок вршеа и Американците. И успеаја.
Сите овие напори, секако, ги забележа и партијата Алтернатива, која беше дел од опозициска коалиција за рушење на Владата. Забележаа и се просветлија. Глупо е САД, ЕУ, Меркел, Макрон, Кастриот и жена му да знаат дека ќе има датум на 14 декември заради прогресивната влада на Нордистан, а тие да се дел од деструктивно непрогресивно здружување. Затоа и тие влегоа во блескавата влада, за да ја зголемат пред големиот ден, свеченото врачување датум на страната на ЕУ. И за возврат не побараа ништо. Само 47 министерски и директорски фотелји. Што во модерниот свет навистина се смета за ништо. Тука секако не смеам да ги заборавам ниту Заев, Артан Груби и Бујар Османи. Тие цело време, на нас слепците ни велеа еве го датумот, само што не стигнал, ама ние, злонамерници, не сакавме да веруваме, им се потсмевавме. Но виде ЕУ дека во Нордистан е добро и би ден, 14 декември, па би датум.
И така, Нордистан наскоро ќе биде дел од елитната европска заедница. Затоа што и самиот елита е. А кога си елита не се однесуваш како банана-република. Земја од третиот свет. Како Кина и Русија, боже ме прости. Се однесуваш како скандинавска моќна држава. Затоа Нордистан веднаш реагира. Укина К-15 за администрацијата. Нормално. И онака со добивањето датум јасно е дека ќе има скандинавски плати. Тука е и струјата. Ќе се покачи за 30 посто, а може и за 100. Апсолутно оправдано. Кога се има обилно, треба така и да се троши. Мора да се покажеш дека си моќен. Да ти завидуваат неспособните.
Со добивањето датум не рипаат само чаталот и стандардот. Се случија и други промени. Интелектуалната бижутерија стана скапоцен накит. Градовите се накитија со европски вредности. Датумот почна да ги плаќа сметките. Злото се напика во глувчешка дупка, ама и глувците го истераа на клоци. Странски гиганти само што не се степаа кој прв да инвестира во моќната нордистанска економија. Бајката започна и, секако, со хепиенд завршува. Затоа, честитам, Нордистан!
Откако Нордистан доби датум и светот почна да се менува, Бајден веднаш и се сасна на Русија. Путин, фатен во тесно, мораше да прифати онлајн-конференција. Го видовте како трепери пред прогресивниот бистар поглед на Џо? А несразмерни тоа силите на онлајн теренот, оти Путин еден, а Бајден и неговите сами. Секако, Русинот, блед како крпа, мораше да ги слуша моќните, разумни и длабокоумни закани на американскиот ол стар претседател. Го масакрираа со прогресивна дијалектика на креативниот ум. И Путин свитка опаш. Вети дека ќе ја нападне Украина во јануари, како што објавија прогресивните западни медиуми. И американските и европските политичари и аналитичари. А штом ја нападне, НАТО ќе ја срамни со земја Русија. Владимир Путин само кимаше со главата, знаејќи колку е моќен НАТО, кој, ене, како да беше вчера, го собори Асад и ја ослободи Сирија, ги уништи талибанците, па однесе демократија во Авганистан.
За да не се обиде рускиот претседател да ескивира, со закани му рипна и Борче Џонсон од моќната Британска Империја. Жими Опра, Кејт и Хари! Честопати Британците се закануваат дека се подготвени да ја тепаат воено Русија. Од пред Втората светска војна се закануваат. Уште кога нивната фудбалска репрезентација го поздрави Хитлер со прогресивно крената рака, ама предокот на денешниве Австријци, кои ги спроведуваат неговите методи врз невакцинираните, ја заеба работата и влезе во војна со Империјата.
За да не бидат Џо и Борче сами во заканите, рипна и новиот Меркел, германскиот семафор, то ест канцелар, па му покажа на Путин во кој правец да вози. Во правец на пораз, секако, оти Германија кога ќе ѝ за`ржи на Русија, не е заебанција. Сте чуле за Ржев? Град е тоа. А за Сталинград? Да, да, вие сигурно знаете дека Русите ја гонеле прогресивната нацистичка администрација дури до Берлин, ама тоа е лага. Наскоро Германија поучена од новата блескава ЕУ-членка, Нордистан, ќе сфати дека треба само да смени учебници за да создаде прогресивна иднина.
Но да се вратиме ние на Путин. Од три страни сардисан, опкружен со заканувачките бистри погледи на Џо, Борче и новиот Меркел, не само што ќе мора да ја нападне Украина и да ја загуби војната туку има, како попче, да го ослободи Навални, а да го екстрадира Сноуден.
А ха, Навални и Сноуден. Првиот прогресивен прозападен расист и хомофоб, заточен во ужасите на Путиновиот гулаг. Вториот, американски терорист, кој удри врз темелите на западната цивилизација објавувајќи ги јавно нивните прогресивни методи на окупации, терор врз неистомисленици, насилно рушење влади, киднапирање луѓе, измачување, полициско-политички судски прогони и други демократски алатки. Затоа, слобода за Навални, а смрт за наследникот на Џулијан Асанж, Едвард Сноуден.
И така, за крај, стигнавме до Асанж. Британците ќе го екстрадираат во САД. Американците ќе го судат, малку ќе го измачуваат, па ќе го осудат на 200 години затвор. Може и мачејќи да го убијат ако претераат, па тоа да ни го прикажат како самоубиство. Ама Џулијан тоа и го заслужува. Кој е тој, бе, да објавува како американски војници масакрираат цивили? Па, што им е друго работа на војници? Кој е тој да ни ги објавува делата на Буш, Клинтонови и Обама кога се знае дека тие и живи луѓе да дерат, тоа е со добри намери сторено? Затоа, нека страда копилето. Треба да заврши како Џордано Бруно, Лорка, Че Гевара и Мартин Лутер Кинг. А Буш, Блер, Клинтонови и Обама да застанат во редот на цивилизациските вредности што ни ги донесоа Нерон, Калигула, Леополд од Белгија и Хитлер. Само треба да се променат учебниците.