Вообичаено е претседателите на држави во светот да имаат богата и разновидна агенда при крајот на годината. Од тоа правило не отстапи ниту претседателот на Република Северна Македонија, господин Стево Пендаровски. Кога би се рангирала таа разновидна програма на активности, освен протоколарните средби и кратките обраќања по разни поводи, секако дека при врвот на листата би се вброиле настапите со посуштинска политичка содржина. На видливо место на кабинетските полици тука би биле сместени неговото годишно обраќање пред пратениците во Собранието, интервјуто во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5, даденото прво интервју за руски медиуми, за весникот „Коммерсант“ и брифингот со началниците на армијата, во својство на врховен командант.
Претседателот Пендаровски презентира поинакво лице од неговите претходници. Барем за овие седум-осум месеци од преземањето на функцијата не покажа амбиции да биде чувствуван како татко на нацијата, како главен шеф на државата и човек што по секое прашање и во секоја пригода би го имал последниот збор. Јасно му е дека таквите сфаќања се анахрони во демократски држави, а и не би му личело на годините што ги има. Неговото постепено излегување од сенка, одмерените и умерени појави, без голема помпа, без силни рефлектори и ненаметнување на своето јас – па јас, може да се посматраат како индикатори за коректно вршење на функцијата, која е прва во државата според протокол, но не и прва според практичната власт и влијанието врз општествените процеси.
Рано е за фалби, од критики никогаш и никој не бил поштеден. Не е во недостиг Македонија од резултати во таа политичка дисциплина.
Првиот човек на македонската држава и да сака тешко би остварил нешто повеќе од она што му го овозможува Уставот, иако за три децении тој устав не само што доживеа драстични промени туку повеќе беше предмет на кршење одошто на зачувување, на креативно толкување и анархично спроведување. Пендаровски најверојатно не сака да гази по такви патеки, иако не се исклучува при некоја евентуална ситуација натеран од разни околности да ги изневери своите прокламирани принципи, тогаш кога целта ги оправдува средствата. Македонија е сиромашна со пари, но е богата со такви искуства пројавени од претходници што седеле во таа формално највисока фотелја. Не еднаш се покажало дека настаните (и потребите) биле посилни од моралната и правна сила на личностите, особено во критични историски околности. Има многу сведоштва дека политичките закони се покажувале посилни од Њутновите закони. Кога ќе се чита делот за надлежностите, обврските и одговорностите на претседателот во Уставот е неизбежен впечатокот дека многу повеќе услови и наводи се пишуваат во обрасци при прием на кафеготвачка во државна служба. Описот за највисоката функција може да се збие во една нецела страница густ проред на која се наредени само технички елементи што повеќе од јасно укажува дека претседателот на државата нема какви било ингеренции да води или да се меша во „големата“ политика. Вистина, не е сведен на „англиска кралица“, но не му се дава никаква можност да стане македонски политички цар.
Над него царуваат, буџетски и технички, службите на Владата. Со други акти што се донесени во Владата претседателот на државата мора неа да ја моли да му обезбеди автомобил, да му даде навреме или ако сака да му ја доцни платата, да му спречи патување во странство или некоја друга дестинација. Не е карикирање да се каже дека, при влошени односи меѓу двете институции, некоја жешка глава во владината aдминистрација може најпростачки да забрани снабдување со сапун и тоалетна хартија во претседателската резиденција.
Но без разлика на таквите минималистички правни позиции за влијание и одлучување, претседателот на државата во парламентарните (собраниските) системи ја претставува моралната сила на општеството, би требало повеќе да има улога на духовен водач одошто на технички извршител, повеќе чувар и коректор одошто пишувач на закони. На тие линии претседателот Пендаровски покажува капацитети што му прилегаат на еден претседател како принцип и како непишано универзално правило во вршењето на функцијата. Сигурно никој не очекува него да го има на теренот цели деведесет минути и во секоја минута да дава голови, како што никој не би можел да му го обезвредни местото на стратег во глобалното поставување на системот на игра.
Можеби е кратко времето од неговата инаугурација за создавање на големата слика, но сепак се гледаат деловите што недостигаат.
На пример, сѐ уште не успева да направи од себе претседател на сите граѓани што е едно од ветувањата, не ја доби таа нужна авторитетна општествена аура. Сѐ уште го следи есдеесовската сенка на партиски припадник, на клонење кон едната страна на политичкото поле иако, искрено речено, не бил поставен на сериозен испит да го покаже тоа на поочигледен начин. Не го постигна она што го вети, а што го ветувале и сите негови претходници, преземајќи морална обврска да остварат граѓанско и национално обединување и особено меѓумакедонско партиско помирување. Не може да се верува дека не сака да го стори тоа, но нема најдено начин и систем да ги наведе на разумен однос и пристоен дијалог двете најголеми партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Од таквиот однос неговата функција нема штета, штетата оди на друга адреса – на адреса на државата и на нејзините граѓани поделени по партиски, патриотски, национални, социјални, службени и приватни линии. Како елемент за негова одбрана на тој план без двоумење може да се наведе нерационалната, неразумна, примитивна поставеност на ВМРО-ДПМНЕ не кон личноста, туку кон институцијата претседател на државата. Тој став за непризнавање и бојкот на претседателите го користеле и практикувале и двете партии, плус ДУИ, што само по себе зборува не само за инает туку за ниска политичка култура и за партиски простотилак.
Искуствата со Ѓорѓе Иванов, неговиот претходник, сигурно го тераат на внимателност, на внимателност да не се згазне на гнила штица. А и искуствата со другите негови поранешни колеги не му даваат верба нив да ги користи како отскочна штица. На ниеден од претходниците претседателската биографија не им е напишана со златни букви, не им е оддадено какво било признание. Напротив, неславна им била физичката и политичката судбина. Врз претседателот Киро Глигоров беше извршен атентат, Борис Трајковски загина во авионска несреќа под не доволно разјаснети околности, Бранко Црвенковски изненадувачки се откажа пред втор мандат, Ѓорѓе Иванов замина натоварен со еден шлепер противречности и компромитации. Тој општ негативен багаж сигурно не може да му биде добар советник, користењето на тие искуства може да му бидат непријатен пријател. Функциите што ги вршел, од портпарол во полицијата, преку разните кабинети во советничка улога, од пратеничкиот мандат, од „началник“ за врски со НАТО до претседател на државата, плус професорската кариера, нему му се ризничен ковчег од кој може да ја црпи својата филозофија на владеење што допрва ќе се профилира и ќе го добива вистинското лице.
Колку што сум слушал, господин Пендаровски при вршењето на сите поранешни функции бил доста комуникативен и пресретлив со медиумите, умеел со нив. Но не е само личен впечаток дека тие релации сега се со намален волумен. Ред негови настапи се бележат најформално, ред изјави се прескокнуваат, други се премолчуваат, не го добиваат нужното внимание, а од опозицијата неоправдано се извртуваат, дури и карикираат.
Како добар пример за кажаното може да се посочи разговорот на претседателот на телевизијата Канал 5, дадено на 18 декември во емисијата „Само вистина“ на водителот Гоце Михајловски. Посоченото интервју не го доби вистинското заслужено место, изостанаа негови подолги цитати, иако тоа може да се издвои како едно од најдобрите (не и најгледаните) интервјуа дадени од политичар годинава. Претседателот на државата најотворено, разбирливо, не само што објективно ги наведе проблемите во односите со Бугарија туку изнесе цела една платформа што ги определува македонските ставови. За жал, интервјуто остана само на екран, не доби пишана верзија што би можела да се користи за цитирање или како насока за дообликување на граѓанските ставови во однос на бугарските негирања на идентитетот на македонскиот народ, на неговата историја, јазик и писмо.