Скици за човекот
Прва асоцијација по Илинден – јазик, Мисирков. Еве што запишав за седум дена, а што рековме по медиуми. Давам и превод на македонски.
„Имплементација на европските вредности“ = примена на европските вредности. „Нашиот прогрес кон ЕУ е илузија“ = нашиот напредок кон ЕУ е привид. „Направија прогрес“ = постигнаа напредок. „Медијаторот во преговорите“ = посредникот во преговорите. „Ни претстои усогласување со европската легислатива“ = ни претстои усогласување со европското законодавство. „Важно е од европскиот наратив и ние да имаме некаков бенефит“ = важно е од европската приказна и ние да имаме некаква полза (придобивка). „Тагови“ = клучни зборови, акценти. „Хајлајтси“ = акценти. „Спинување“ = лажење, свртничарење, извртување. „Спинува“ = превртува одопаку. „Верификува“ = оверува. „Сите тие мислења треба да се форматираат“ = да се вообличат. „Алатки“ (од англ. tools) = средства, техники, постапки; „Со какви алатки мислите да го реализирате тоа?“ = со кои средства мислите да го постигнете тоа? „Даунлоадира“ = симнува од, копира од, снима од. „Координира“ = усогласува.
„Партиципација во европските интеграции“ = учество во европското обединување/заедништво. „Да се исполнат одредени бенчмаркови“ = да се исполнат определени услови (параметри, репери). „Инклузивно општество“ = приопштувачко општество; „атачмент“ = приврзок; „испорачува резултати“ = постигнува резултати (дава резултати, дава плод); „класифицирани информации“ = строго доверливи информации; „омнипотентна алатка за менаџирање на кризи“ = семоќно средство за справување со кризи (а не за „управување“ со кризи, зашто оној кој управува со криза може и да ја разгорува наместо да ја смири); бодигард = телохранител… Ми замина колумната на примери за англиканизација на јазикот.
Затоа, народе македонски, не чуди се ако по тврдењето на Бугарите дека твојот јазик е бугарски дијалект, дојде и тврдењето на Англоамериканците дека твојот јазик е само дијалект на англосаксонскиот. Со ваква лексика, треба да научиш само граматика на англиската реченица и си проговорил на англиски!
Ајде, кога веќе колумнава тргна како цитирачка колумна, да цитирам уште. Во својата култна книга „Војна помеѓу јазиците“, познатиот лингвист Луј-Жан Калве, во поглавјето „Војна на зборовите“, ваквата ситуација на господарење на еден јазик со друг, ја споредува со „воена закана“: „Се смета дека јазикот е преплавен од странски зборови што треба да се исфрлат од лексиката и тие да се заменат со изворни зборови. Таа одбрана на лексичката ‘чистота’ на јазикот е честа појава.“ Веднаш да кажам дека не го одобрувам оној јазичен пуританизам што го покажаа Хрватите под владеењето на Фрањо Туѓман, кога специјална јазична комисија секојдневно ловеше „србизми“ и „интернационализми“ и ги заменуваше со „стари хрватски зборови“.
Списокот со тие „изворни зборови“ секое утро го доставуваше како задолжителна „уредба“ до главните уредници на сите медиуми, а новинарите беа должни во текот на денот да ги употребат. Од тие НОВИ СТАРИ зборови, и покрај политичкиот диктат, малку останаа во употреба низ годиниве. Најсмешен таков „стар неологизам“ ми беше „круговална постаја Загреб“ („радиостаница Загреб“). Не сум, значи, јазичен пуританец, но наоѓам голема доза мрзливост кога вака „карт бланш“ прифаќаме „туѓинки“ (хрв: tuđice), односно „патувачки, миграциски зборови“, за кои веќе имаме наши зборови. Се согласувам да се усвојат оние зборови за кои ние немаме наши.
Калве вели: „Во тој случај, ова влијание врз лексиката одговара на желбата јазикот да се збогати: се смета дека јазикот, за да се приспособи кон потребите на модерната доба, и за да му се овозможи да пренесува содржини што досега не ги пренесувал (образование, политика, наука), треба да добие нов вокабулар“. Се согласувам со Калве и дека „овие две крајности, позајмувањето и неологијата (создавањето свој збор за интернационализмот) не се карактеристики само на јазичната политика и на бирократската интервенција врз јазикот, туку говорителите на јазикот спонтано се стремат кон нив.“ Јас сум познат како досегашен бранител на таа јазична спонтаност, ама сега морам да кажам: таа спонтаност за „зајмење“, за мене веќе станува лингвистичка мрзливост, навика и незнаење. Полесно ни е да го прифатиме она гротескно зборче – „бенчмаркови“ одошто да се сетиме на „стандарди“ или „ориентири“, кои иако се интернационализми, сепак се повообичаени кај нас. Иако јас за „исполнување бенчмаркови“ со мирно срце би рекол: „исполнување зададена мера“.
Крсте Петков Мисирков мора да се превртува во гробот, ако нѐ слуша на што го сведовме македонскиот јазик по медиумите. Да потсетам: овој наш гениј, македонскиот Фердинанд де Сосир, 31 година пред германскиот психолог и лингвист Карл Билер да ја изнесе својата теорија за трите основни функции на јазикот – прикажувачката, емотивната и апелативната, знаел за тие три функции. Еве ја таа антологиска реченица: „Јазикот јет средство, со које није познааме, шчо мислит, шчо осеќат и шчо сакат нашиот собеседник“. Кај Билер, она „што мисли нашиот соговорник“ се именува како „прикажувачка функција на јазикот“, она „што чувствува“ се вика „афективна функција“ (подоцна тоа станува „емотивна функција“), а под она „што сака нашиот соговорник“ се подразбира таканаречената апелативна или повикувачка функција (нашиот соговорник сака кај нас, со својот говор, да побуди некаква реакција). Неопитните толкувачи на Мисирков претрчуваат преку оваа клучна научна реченица, веројатно затоа што таа не е испишана со „висок научен“, туку со едноставен јазик, како и теориските ставови кај неговиот „едноставен и строг“ следбеник, Блаже Конески.
И, „шчо мислит“ нашиот собеседник од почетокот на колумната? „Нишчо“, штом е опседнат „да биде учен“, со толку „странцизми“. Да мислеше, ќе ни соопштеше „просто и строго“, да разбереме. „Шчо осеќат“? Ништо, освен јазична суета и помодарство. „И шчо сакат“ од нас? Бара да му поверуваме дека е во право, зашто со толку многу непознати зборови, мора да е прав. А Мисирков напиша: „Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух. Со тоа само се објаснуваат и желбите и усилбите на покорителите да ги направат покорените да се откажат од својот јазик и на негово место да го научат нивниот; исто така со тоа се објаснува упорството на покорените народи да си го зачуваат сето свое духовно народно наследство, а особено јазикот.“
Лингвистите и сите што учеле јазик знаат за онаа тенка граница меѓу „говорам англиски“ и „мислам на англиски“. Првото е формално знаење на јазикот (знаеш зборови и синтакса), а второто е вистинско проговорување, зашто си почнал да мислиш на тој јазик. Јазиците не се само зборови и граматика, туку и начин на мислење – јазикот ја крои нашата поимна слика за светот. Поимот на англиското „stream“ не е истоветен со поимот на нашето „поток“, иако така го преведуваме: „stream“ има пошироко значење од „поток“. И, ако оваа поплава од туѓи зборови не е само „лексичка опсада“, тогаш е нешто посериозно: сме почнале да мислиме на англиски. Мисирков има причина повеќе да не биде мирен во гробот: туѓа интервенција во твоја мисла е најстрашната работа на светот.
Но дали воопшто и оние што говорат така, „мислат“ на англиски или се само лош „Гугл транслејт?“. Ќе видиме. Ако наскоро, поради буквалниот превод почнеме да велиме „жена ми ми испорача дете“ наместо „ми роди дете“ (англиското „deliver a baby“), тогаш воопшто и не сме мислеле. На ниеден јазик.