Да не ви ги измешав лончињата? Баш ми е гајле! Ви реков јас дека таму кај што царува Безумноста, веднаш ѝ се придружуваат Гротеската, Бурлеската и Перверзијата. Сега слободно земете ги тие измешани лончиња со розови слончиња и наполнете ги со доматниот сос со кој министерот го мачкаше голото тело на Унијата, додајте во нив од медиумската нафта на владината пропаганда, затворете ги очите за да можат Хан и Столтенберг да ви подметнат халуциногена дрога, па испијте ги на екс и, оп, ете…
Слушнаа Гротеската, Бурлеската и Перверзијата дека Безумноста зацарувала таму долу на југ во Северна Македонија, па и тие тргнаа да го поминат летото во нејзиното царство. И ете ги, сега, насекаде околу нас. А ние, гостопримлив народ. Сега ќе се растрчаме да им угодиме. И шоуто може да почне.
На моменти ме плаши ЕУфоријата во погледот на Зоран Заев. Нагли промени на чудни гримаси врз неговото лице, нелогични реченици сместени во погрешен контекст, логиката тргнува да бара смисла во неговите настапи, се откажува, па фаќа да сади патлиџани меѓу редови… сето тоа ме тера да помислам дека секој момент човеков или ќе добие епилептичен напад или одненадеж ќе си стави бебешки стапчиња за уши во носот и ќе почне да јодла некоја одлепена швајцарска песничка за Хајди и пристапните преговори. Ах, тие пристапни преговори и датум за нивен почеток! Недостижни како вонземјанка сместена во телото на Шарлиз Терон, а сепак толку блиску како шопска салата приготвена и сервирана уз бакнеж, лично од Моника Белучи, која штотуку решила да ја посети твојата фантазија, и тоа гола под престилката. Не, не, не сум полудел, само изгледав и прочитав неколку соопштенија на Владата, а потоа на Телма одгледав научнофантастични вести за иднината во која Боби Христов, облечен и нашминкан како Дејвид Боуви, тргна на вселенска одисеја низ Европската Унија. И нормално дека не останав нормален. Среќа што има Светско првенство во фудбал, па може човек за миг да тркне до Русија за да ги шмрка белите линии од фудбалските терени, оти овде, дома, владината пропаганда упорно ни подметнува халуциногени дроги во реалноста.
Што ми беше зборот? А да, Европската Унија. Пак ни акна корпа. Што па не значи дека ние не можеме низ маало да разгласиме дека ни дала, море не само што ни дала, туку и како воздивнуваше само, гарант доживеа неколку оргазми истовремено. Ете, така се однесува нашиот октроиран премиер. Се развикал низ маало дека сексапилната и заводлива ЕУ паднала на неговиот шарм. И на патлиџаните на другар му министер за надворешни работи, кој ѝ го мачкал голото тело на Унијата со доматен сос, како што Мики Рурк ѝ го правеше тоа со јаготката на Ким Бесинџер во „Девет и пол недели“. Не само што ја полуделе Унијата од возбуда туку и самата по сексот, дури пушеле љубовна цигара во кревет, им признала дека сме подобри љубовници од оние Хрвати, Бугари и Романци. На сето ова се надоврзаа владините медиумски таблоиди и нивниот жолт печат, па и тие ја разгласија приказната за неверојатниот секс што паднал меѓу нашата власт и нивната унија. Фалат уште фотографии на возбудената Унија, која под совршено краткото здолниште високо прекрстува нозе а ла Шерон Стоун, за конечно да ни згасне основниот инстинкт за преживување. Е сега, кога веќе низ колумнава ми прошетаа Шарлиз Терон, Моника Белучи, Ким Бесинџер и Шерон Стоун, сосема е логично тука да се најде Ида Протуѓер. Таа кутрата не знае веќе што да направи за да се цивилизира. Којзнае какви ѝ се фантазиите. Гарант се чувствува како грабната принцеза од бајките, затворена во високата кула на македонскиот племенски идентитет, додека таму некаде на северот од умот ја чека Џон Сноу лично во својата цивилизирана прегратка.
Да не ви ги измешав лончињата? Баш ми е гајле! Ви реков јас дека таму кај што царува Безумноста, веднаш ѝ се придружуваат Гротеската, Бурлеската и Перверзијата. Сега слободно земете ги тие измешани лончиња со розови слончиња и наполнете ги со доматниот сос со кој министерот го мачкаше голото тело на Унијата, додајте во нив од медиумската нафта на владината пропаганда, затворете ги очите за да можат Хан и Столтенберг да ви подметнат халуциногена дрога, па испијте ги на екс и оп, ете, штом ги отворите очите вие сте граѓани на Европската Унија, со илјада евра плата месечно, коефициентот на интелигенција ви прогресира како коефициентот на Германија да одбрани титула, а Џон Сноу и Денерис Таргаријан, во зависност од вашиот пол и сексуални определби, ве чекаат голи и возбудени во постелата на вашите еротски соништа.
Е сега, откако Заев, Димитров и телевизијата Телма добија датум за почеток на пристапни преговори со Европската Унија што не го добија, а Ида Протуѓер побегна од племето и стана цивилизирана леди Старк северно од умот, редно време е истиве да ни соопштат дека заради нивните реформски капацитети македонската фудбалска репрезентација веќе ги помина како првопласирана незапочнатите квалификации, па ќе игра и најверојатно ќе ја освои титулата на идното првенство Катар 2020. Проблем е само што во зборот „фудбал“, нам гадно ни пречат буквите „ф“ и „л“, зашто со нив почнуваат зборовите „факти“ и „логика“, па затоа најдобро е да ги исфрлиме и да се задржиме на остатокот букви, кои сега го составуваат светиот збор УДБА. Е, таа УДБА, односно нејзините денешни потомци и форми заигра по терените низ Македонија, овој пат засилени од странски трансфери на пари, пропагандисти и спин-доктори, кои во наредниот период треба ем да ни ги искршат нозете со валкани стартови, ем да го наместат натпреварот, ем ако се побуниме, да ни пуштат единци за брзо распоредување, кои со шок-бомби и гумени куршуми ќе нè избркаат од сопствениот стадион, чии трибини потоа сите до една ќе ги направат да бидат северни трибини.
Слушнаа Гротеската, Бурлеската и Перверзијата дека Безумноста зацарувала таму долу на југ во Северна Македонија, па и тие тргнаа да го поминат летото во нејзиното царство. Безумноста рече: „Добре дојдовте во моето царство северно од умот, источно од рајот, среде Западен Балкан, каде што нема веќе т’га за југот, зашто тукашниве поданици се подготвени и четирите страни на светот да ги измешаат за 500 евра плата, па кога имате такво безидентитетско полтронство, кое го купувате за ситни пари, јасно ви е дека можете да правите што сакате“. Гротеската викна: „Ќе им го обесам идентитетот на вратоврска над езерската шир, ќе им го скршам вратниот пршлен на постоењето, а тие ќе се подмочаат од радост низ ногавици, како што обезглавена кокошка изгледа жива додека за последен пат трча низ дворот, уф каква совршена гротеска“. Бурлеската намигна: „А јас ќе го симнам мртвиот идентитет од бесилка и ќе го претворам во зомби, кое сака да влезе на журка меѓу луѓе, ама, цврц, вратарите нема да го пуштаат и, леле, каква бурлеска ќе биде тоа кога зомбијава ќе ѕенѕаат убедувајќи се дека влегле, а диџејот веќе им исполнува музички желби“. Перверзијата возбудено се вмеша: „Ама додека вие им бесите идентитет и ги претворате во зомби, јас можам да ги онадам меѓу ребра и меѓу редови, така?“