Стратегијата на СДСМ и на ДУИ е да се претстават како „неопходен“ партнер, пред сè на САД, но и на ЕУ, повторно да ја демонизираат целата опозиција како движења „со опасни намери“ и да ја оцрнат секоја критика кон власта и кон нејзините потези како некакво антиевропско, антиамериканско и антизападно расположение
Зошто власта ја злоупотребува руската воена инвазија врз Украина? „Одечки мртовец“ велат Американците за да ја опишат ситуацијата во која се наоѓа актуелната влада. Јасно е дека СДСМ и ДУИ веќе немаат никаков легитимитет (прашање дали кога било од 27 април 2017 година и го имале), локалните избори покажаа и дека веќе не постои атмосфера за масовна изборна измама и поткуп на социјално загрозените слоеви на населението, а сите сништа за „европската иднина“ одамна испарија. Кога правта се наталожи и воздухот се прочисти, се увиде дека од сите розови надежи на „шарената револуција“ остана само руината наречена „Северна…“, која требаше да биде мост до некое подобро утре, а се претвори во тешки вериги за македонскиот народ и за македонската демократија.
Меѓутоа, актуелната влада имаше шанса за излез од оваа состојба, но дури и тоа го прокоцка. Почетокот на руската инвазија врз Украина беше совршен момент за обединување во земјата, за создавање сеопфатна коалиција што ќе ја стабилизираше политика во земјата, ќе овозможеше непречено остварување на македонските договорни обврски кон НАТО, а притоа ќе ја сосредоточеше целата политичка енергија кон надминување на економските и социјалните последици од кризата. За жал, тоа не само што не се случи туку не им беше ниту на крајот на паметот на актуелните властодршци.
Наместо еден државнички приод, тие избраа да се вратат кон методите на Зоран Заев за доаѓање и одржување на власт, па затоа вака бесрамно ги злоупотребуваат војната во Украина и приватизираните институции. Стратегијата на СДСМ и на ДУИ е да се претстават како „неопходен“ партнер, пред сè на САД, но и на ЕУ, повторно да ја демонизираат целата опозиција како движења „со опасни намери“ и да ја оцрнат секоја критика кон власта и кон нејзините потези како некакво антиевропско, антиамериканско и антизападно расположение. Наедно, тие видоа златна шанса и за конечна пресметка со нивните „најопасни“ критичари, па во изминатиов период редовно доаѓаат до нас „пријателски“ предупредувања и морничави закани дека нè истакнуваат на некакви списоци на антидржавни елементи, нè пријавуваат во некакви разузнавачки датабази, нè предложуваат на листи за санкции и така натаму. За несреќа, почина професорот Ѓорѓи Марјановиќ, кој во едно невреме го развеа бајракот на слободата, противејќи се кон членот 133 од Казнениот законик на СФРЈ, со кој се санкционирал „вербалниот деликт“. Цели педесет години подоцна повторно ќе ја биеме таа битка и повторно против истите структури и нивните наследници, и идеолошки и биолошки. Во 2022 година во Македонија е проблем за еден поединец да си го искаже сопственото мислење, а министерот Спасовски најави и дополнително гонење за „вербален деликт“.
Но да се вратам на темата… Прв што ја отвори оваа срамна политичка епизода на „лов на вештерки“ беше лично премиерот на далечинско управување, Димитар Ковачевски, кој буквално веднаш по отпочнувањето на руската инвазија врз Украина ја прозва опозицијата за некакви антизападни и проруски ставови. За да не бидат покуси од ДУИ, уште појуришнички во тој правец тера и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Нив здушно ги следи целиот придружен оркестар од разно-разни аналитичари, „научници“, „општественици“, „медиумски работници“ што правоверно се држат до новата догма. Тоа што мене ме фрапира е фактот што меѓу нив најбучни се оние што завчера се пресметуваа со „петтата колона во СФРЈ“, се колнеа во социјалистичкото самоуправување и политиката на неврзување, вчера имаа симпатии кон Милошевиќ, а веќе денеска се некаква прогресивна атлантистичка авангарда.
Пред една седмица лично од шефот на македонската дипломатија слушнавме за некои досега неименувани „државни службеници“ што дејствувале спротивно на националните интереси и на зацртаната владина политика, па на своја рака се јавувале во Софија за да ги оневозможат преговорите. Против „службениците шпиони“ биле преземени и мерки, а „премиерот“ Ковачевски не можеше да ни даде детали околу целиот случај затоа што се работело за класифицирани информации. Најсрамна епизода во целиот овој серијал, пак, одигра деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, кој искажа „благодарност до министерот Османи што најави дека ги гони оние што наштетуваат на процесот со Бугарија“. Не се сеќавам уште од времето на комунизмот припадник на академската фела да излезе со ваков јуришнички прорежимски став, посебно во момент кога апсолутно ниту еден детаљ не е познат околу целата оваа епизода. Доколку е точно дека „државни службеници“, најверојатно дипломати, постапиле спротивно на насоките дадени од политички именуваните функционери, тогаш тие треба веднаш да добијат отказ и да бидат кривично гонети за прекршување на законите. Без разлика на фактот што јас сум противник на политиката на актуелната влада, принципот на граѓанска контрола и демократска контрола врз државните службеници, полицијата, војската и разузнавачките служби е „светиња“ и ништо не смее да го загрози.
Сепак, дозволете да бидам скептичен. Државните службеници својата егзистенција ја темелат на чиновничката плата и никој нормален од нив не би сторил ништо што би ја загрозила неговата позиција. Исто така, и во Македонија и во Бугарија е совршено јасно кој ги води процесите и кој ги носи одлуките – политичарите – па, оттука целата оваа работа ми е некако криво поставена. Доколку е вистина дека премиерите направиле такво феноменално лично пријателство и дека министрите за надворешни работи имаат директна комуникација, како тогаш некои сè уште безимени државни службеници може да го загрозат процесот на преговарање? Не само тоа, туку никаде не излегоа досега какви било информации за составот на преговарачките тимови и јасно е дека станува збор за грижливо избрани луѓе од највисока доверба на политичкиот врв на СДСМ и на ДУИ. Како тогаш тие го загрозиле процесот? Што ли има во самите предлози кога најверни поддржувачи на актуелната влада се уплашиле и оградиле, па посакале да ги закочат преговорите (доколку биде докажано дека такво нешто навистина се случило)?
Дополнителна нелогичност е самиот чин на „државните службеници шпиони“ да се обидат да ги растурат преговорите помеѓу премиерите Петков и Ковачевски преку некакво предупредување на бугарската страна. Далеку полесно за нив би било да дозволат документите што кружат помеѓу Скопје и Софија да „протечат“ низ македонските медиуми. Така граѓаните ќе увидат дека се преговара и за идентитетот на Македонците и за јазикот и за историјата и за сите други културни белези на македонската нација што Софија ги спори, па преговорите ќе биде веднаш прекинати поради реакцијата на македонската јавност. По сето она што поминавме со онаа брука, наречена Преспански договор и „Северна…“, веќе воопшто не сме наивни. Македонската влада ги крие точките по кои преговара само затоа што знаат каква експлозија ќе предизвика тоа во македонската јавност.
Но без разлика дали има или нема некаква вистина во приказната со „државните службеници шпиони“. Целта на баражната артилериска стрелба на Владата околу овој „случај“ е да се замолкне целата критика против овој нов договор во подготовка. Тие сакаат да го омлитават јавното мислење, да обезбедат нова поддршка однадвор за еден налудничав, антимакедонски и понижувачки договор, веројатно, уште повеќе недемократски, неевропски и непринципиелен како и Преспанскиот договор, па да нè доведат сите колективно пред нов свршен чин.
Ете, од тие причини власта ја злоупотребува руската инвазија врз Украина… Тие се свесни дека немаат никаква шанса да се одржат на власт во еден демократски натпревар, макар и кога опозицијата мора да појде цели километри зад нив и обременета со тешки окови, па повторно се коцкаат со земјата и со народот „all-in“, со надеж дека некој однадвор ќе ги остави на власт, независно од демократската волја на граѓаните. Лошата вест за нив е тоа што тој воз замина, а некаков втор договор со Бугарија само уште повеќе ќе ги нагрди и обремени со уште едно национално предавство. Оттука, ќе биде најдобро да се оди веднаш на избори пред нештата да отидат предалеку. Премногу ќе биде уште национална катастрофа за Македонија во само пет години.
Aвтор: Ивица Боцевски