Најпрвин неколку реда за една од можеби клучните причини за трнливиот и сложен пат при создавање, градење и негување авторитети, особено на оние во политичката сфера.
Факт е дека сме мала и политички релативно неискусна средина во која граѓаните имаат свои политички уверувања и толкувања. Но факт е и дека уверувањата и толкувањата се многу често изградени како цврст, севкупен и непомирлив поглед на светот. За тоа може да се увериме на секој чекор, при секоја средба, разговор со познати, непознати, со високи академски нивоа и со обичниот свет.
Во почетокот треба да се подвлече нешто што е видливо со голо око.
Нашиот човек едноставно не трпи неистомисленици, а камоли авторитети. Константа, нешто како Земјината тежа, против која е залудно да се војува. Постои само едно, и тоа е секогаш нашето мислење и уверување. Во другите сфери, особено оние политичките, тие речиси и не постојат, тоа е темна зона во која се проектираат некакви задни намери, некакви лични интереси, анимозитети политички скриени игри.
Неможноста за создавање вистински авторитети во политиката во голема мера е резултат и на стилот на однесувањето на голем дел протагонисти на нашата плурална транзициска сцена, кои политиката ја сфатија и практикуваа пред сѐ и над сѐ како „конјуктурна дејност“. Ароганцијата, бескрупулозноста, грабежот, корупцијата, егоистичното и неморално однесување. Тоа е дел во низата од причини што набрзина ги урна нивото и довербата во оваа сфера за што сведочат многубројните анкети, рејтинзи и анализи, кои понираат до степен на кој се доведува во прашање и самата онтологија на поимот политика.
Ситуација безмалку апсурдна, што од една страна го стеснува просторот и го ограничува дејствувањето на вистинските авторитети, но и ја овозможува и потврдува вистината дека секој во оваа средина може да се поткрене и афирмира како авторитет, особено во турбулентната, но конјуктурна сфера на политиката.
Процесот на никнување и создавање на политичките авторитети во нашата плурална практика се трасира со методите на политичкиот шорт-кат и се одвива најчесто врз нереална подлога. Затоа многу од кадровските решенија во нашата политичка практика претставуваа импровизација и политичка бламажа и, се разбира, и навреда за осиромашениот и деградиран електорат со реални и видливи последици.
Каков авторитет е можен, во нашата мала и политички неискусна средина. Преовладува мислењето дека авторитети се човечки формат и ниво создадени најчесто од позиција на идеолошка определба, власт, моќ, интерес.
Киро Глигоров беше последниот голем авторитет што долго опстојуваше на македонската политичката сцена. Но тој беше создаден и правен во лабораториите на поранешната СФРЈ, на пристојна но „митска“ дистанца и далеку од нашиот строг, безмалку фамилијарен плурален критериум. На почетокот на транзициската ветрометина се направи обид дел од харизмата и неговиот политички авторитет да се отстапат и вградат во плејада левоориентирани „трансформирани“ политичари. Но тој обид се покажа само делумно успешен најверојатно од причини на малата претпоставена рамка за инпут на авторитетот и разнообразното политичко искуство и новиот изменет идеолошко-историски амбиент.
Препознавањето и почитувањето на вистинските вредности е силно отежнато и поради лажните авторитети, кои јавајќи на бранот на конфузната транзициска реалност, вешто ја избегнуваат вистинската проверка на критериумите и со тоа дополнително ја дезориентираат и отежнуваат детекцијата на вистинскиот авторитет.
Иако преовладува мислењето дека кај нас секој може да се произведе во политички авторитет, малку имаме политички личности во вистинска смисла на зборот, луѓе во чија вредност беспоговорно би поверувале, се разбира во една рационална и поднослива мера.
Авторитетот, пред сѐ, треба да претставува силата на нечие име изградено низ макотрпна практика како врвен критериум на вистината, поткрепено со конкретни резултати и достоинство, некој кому нагорниот од и височините не му ги зашеметуваат рефлексот и моралниот човечки интегритет. Некој во кого безрезервно би поверувале и без поговор би го следеле до степен на морална и културна подносливост, некој што е подготвен своите економски, научни, уметнички, политички визии и едноставно – човечки референци да ги вгради во напорите за општото добро, во реална и солидна човечка сегашност и иднина. Таквиот тип авторитет на нашата политичка сцена е ретка појава, но овде-онде допрва се наѕира и претстои во ликот и профилот на чесни, вредни поединци со проверени и потврдени резултати, визија и искуство и, пред сѐ, со висока одговорност и етика, што ќе ја ослободи политиката од сфаќањето за неа како можност за профитерство, кариеризам, зона на бескрупулозни денунцијации, туку пред сѐ како заложба за општо добро, за конструктивна и нормална атмосфера.
Практиката е критериум на вистината, а резултатите на политичкото дејствување се огледаат и евалуираат на теренот, во реалниот живот. Во демократските процеси и натпреварот за автентичен политички авторитет и персонализација, претендираа, блеснаа и згаснаа голем број ликови. Но следуваат и генерација млади образовани и надарени политичари / од позицијата и опозицијата / кои токму во вителот на историските премрежиња се појавуваат зреат и трпеливо, но сигурно се исцртуваат и верифицираат како наредни политички авторитети, на кои ќе им веруваме и ќе ги славиме.