Заштитата на културното наследство е тема за која во земјава очигледно е потребно многу често да се дискутира на различни нивоа, а истата таа да биде и на што посовремен начин вградена и во образовниот систем. За да не ни се случува на вредни објекти, како што е црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, по речиси три децении да се одвиваат неопходни конзерваторско-реставраторски активности
Стигнавме и до 16 февруари, и тоа со снег во време на пандемија, на која сѐ уште не ѝ се гледа крајот. Време исполнето со неизвесност, но и со согледување на реалноста од нови, различни агли во сите сфери на живеењето, па и во областа на културата и уметноста. Како што се одвиваат работите со очекуваните вакцини и со вакцинирањето на жителите на планетава Земја, изгледа ќе треба да се сменат неколку годишни времиња за да можеме навистина порелаксирано и „понормално“ да следиме што се случува и на ликовната, музичката, театарската, филмската, балетската, оперската сцена… Но, се разбира, и да се создаваат повеќе нови дела за на тие сцени. Без разлика дали тој процес им се допаѓа на авторите, на луѓето од институциите, од невладиниот сектор, на организаторите на настаните, на публиката. За време на пандемијата на коронавирусот, фокусот на вниманието на државите очекувано е ставен на заштитата на здравјето и на економијата, а за културата и уметноста не се говори често, што не е изненадувачки и за Македонија, со оглед дека тие области во неа ретко заземаа место меѓу ударните вести и пред здравствената криза.
Сѐ уште присутната човечка изолираност и стравот од посета на културни настани со повеќе луѓе овозможија работите да одат и во друга насока. Охрабрува фактот дека виртуелно, на пример, некои од институциите, како Музејот на Македонија, Националната галерија, Археолошкиот музеј, Музејот на современата уметност и други, успеаја уште од првите месеци од корона-кризата по електронски пат и на Фејсбук да презентираат различни содржини, приспособувајќи се на новите услови за работа. Меѓу другото, Музејот на Македонија им понуди на виртуелните посетители 13 етнолошки документарни филмови, снимени од 1997 до 2015 година во земјава, но и поглед на своите материјали поврзани со старата архитектура, со старите занаети, со инструментите, музиката, обичаите, многу фотографии, а од неодамна и фотографии од стари килими ткаени во различни градови, кои фасцинираат со својот изглед.
Дел од материјалното и нематеријалното културно наследство од земјава доби и нови можности по електронски пат да биде видено и чуено во кој било дел од светот каде што постои интернет, мобилен телефон и, се разбира, интерес. Во сегашниве општествено-политички околности, презентацијата на културното наследство на Македонија на современ и брз начин само ја дополнува сликата за културниот идентитет на граѓаните што живеат на нејзината територија.
Познато е дека заштитата на културното наследство со децении е една од поважните светски теми, која научно обработена и стручно приспособена им се презентира на граѓаните од различни возрасти за да може да го разберат нејзиното вистинско значење и да се грижат за тој вид наследство на соодветен начин. Тоа е тема за која во земјава очигледно е потребно многу често и сериозно да се дискутира на различни нивоа, а истата таа да биде и на што посовремен начин вградена и во образовниот систем. За да не ни се случува, како сега, на исклучително вредни објекти, како што е црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново од 12 век, по речиси три децении да се одвиваат неопходни конзерваторско-реставраторски активности. Да не се случува, како што и се случува, во дел од спомениците на културата коишто датираат од различни историски периоди сѐ уште да има влага, да има проблеми со конзервација на вредните артефакти, со недоволен број пишани материјали за нивна презентација. Во пандемискиов период, кога има многу малку туристи, добро е самите да се соочиме до каде сме на тој план, но реално, без прогледување низ прсти, пред да продолжиме понатаму, бидејќи пропустите нема секогаш да можат да се покријат со каква било современа технологија.
Во пандемискиов период, кога има многу малку туристи, добро е самите да се соочиме до каде сме на тој план, но реално, без прогледување низ прсти, пред да продолжиме понатаму, бидејќи пропустите нема секогаш да можат да се покријат со каква било современа технологија
На фејсбук-страницата на Археолошкиот музеј на Македонија во овој период меѓу другото може да се прочитаaт различни информации, но и да се види еден од најрепрезентативните споменици на културата по потекло од град кај денешен Суводол, мермерниот темплон откриен при ископувања на ранохристијанска базилика. Но наедно може да се погледне и вотивниот релјеф датиран од 3 век, откриен во с. Ореовец, Прилепско, посветен на богот на лекувањето Асклепиј и неговата ќерка Хигија, заштитничка на здравјето. Без да се излезе надвор, чекајќи да се надмине кризната состојба! Добро е што и во сегашните услови, преку одржаните изложби во галериите, дознаваме и за низа исклучително важни моменти во третманот на нашата културна историја. Таков е и поразителниот факт дека во скопското село Глуво, фрескокомпозицијата „Исус Христос Вседржител“, осум фигури на пророци и „Преображение Христово“, насликана на сводот од припратата на црквата „Св. Никола“ во 1855 година, од најзначајниот македонски зограф од 19 век, Дичо Зограф, се наоѓа во мошне лоша состојба. Историчарката на уметност Викторија Грозданова Коцевски неодамна апелира за што поскоро отворање постапка за конзерваторско-реставраторска интервенција, но дали надлежните конзерваторски институции од Скопје и понатаму ќе останат глуви за случувањата со сликарството што го остави големиот Дичо Зограф во Глуво (селото што и не e многу далеку од центарот на главниот град), ќе видиме. Пандемија е!