По сѐ, повеќе од јасно е дека надворешната политика на оваа власт е „лоша“, и многумина сметаат дека е. Ај што е лоша, не гледам во моментов понуда на кохерентна алтернатива за тоа како Македонија треба да се однесува надвор од своите граници по Брисел
Признавам дека ме „фасцинира“ оптимизмот што продолжува да го шири премиерот за можното добивање датум за пристапни преговори со Европската Унија, по историското фијаско во Брисел. Нереалниот и нерационален оптимизам на премиерот дополнително го потхрануваат сега новите ветувања однадвор за можно реотворање на прашањето за наше асоцирање во Унијата на самитот во Загреб идната година, или година потоа, или… Којзнае кога. Сѐ додека премиерот не сфати дека чука на затворени врати, ароганцијата и лицемерството нема да ги покријат срамот и понижувањето за дебаклот во Брисел.
Ваквото однесување на премиерот, а особено на министерот за надворешни работи, само потврдува дека се во фаза на сериозно одбивање да се соочат со вистината и фактите за она што се случи во Брисел. По толку нереално генерираниот оптимизам за нашето пристапување кон Европската Унија, ветувањата за светла иднина и жртвата што ја принесе на олтарот на македонскиот сон за Европа, треба да следува отрезнување. Велат дека фактите се тврдоглава работа. Колку и да ги игнорираш и да се обидуваш да создадеш сопствен алтернативен свет, тие се тука да те потсетат дека кога-тогаш ќе мора да се соочиш со нив, што побрзо толку подобро, за менталното здравје на нацијата. Кој како ја разбира по договорот од Преспа.
Негирањето на фактите и реалноста може да е добро и нужно, ако е дел од процесот на прифаќање. За премиерот и за министерот за надворешни работи соочувањето со вистината ќе биде исклучително болен процес. Колку и да го одложуваат тој е неизбежен. Сепак, потежок проблем за нив ќе биде вклучувањето во реалноста потоа и градењето шанси за опстанок. Во политиката, се разбира. Зашто многу лесно ваквото историско фијаско може да стане „сидро што ќе ги повлече напред“. Во политички понор и фатален пораз на следните избори.
Кога безмалку три години испорачуваш понижување во надворешната политика, некој требаше да ги освести нашите пазарџии со националните интереси и гордоста на македонскиот народ дека преземањето политички ризик во надворешната политика, не секогаш ќе биде награден. Претседателот Макрон многу јасно и брутално им стави на знаење дека со додворување, сервилна потчинетост и фејсбук-статуси не се води дипломатија. А уште помалку надворешна политика. Се обидувам да разберам и тешко ми оди, како некритичката фасцинација со Европската Унија им ги затапи сетилата на нашиве амбициозни политичари. Како не можеа да видат дека „стариот лош национализам“ во Европа ги разјадува рабовите на Унијата подолг временски период, како пукнатините во Унијата се пополнуваат со „старите грешки“ на национална гордост и шовинизам, како „безгранична Европа“ одеднаш се наоѓа опколена со огради од синџири и жица пред налетот на мигрантите, како граѓаните на европските држави одбиваат да станат „хомо европеа“, или новиот европски човек, а солидарноста сепак имала ограничувања? Зар никој од јаките „вулканизер“ турбофолк-советници на премиерот не прочита дека и најмала криза генерирана од популизам, странска војна, миграција, економска криза, може да ги засили центрипеталните сили во Унијата, што може да доведат до понатамошни процеси на нејзина дезинтеграција.
Би биле наивни да мислиме дека силите на разединување се ограничени само на Британија. Денес велат дека сонот за Унијата конечно умира на улиците на Барселона, Тераса, Сигес и други каталонски општини, каде што ЕУ нема механизам за демократско справување со аспирациите на своите граѓани. И по ова како очекуваа дека ваква Европа ќе направи место за нас. Во време кога Европејците стравуваат од иднината, не знам како го видовме вистинскиот момент за нашата иднина во Европа. Откако се средивме по дома. Да читаа и анализираа ќе знаеја. Вака, полесно е да веруваш на ветувања. Па макар биле и нереални.
Очигледно сликата за демократска и глобално ангажирана Европа восхитувачки одговараше на желбите на граѓаните, а посебно на актуелната власт во Македонија, која побрза да ги жртвува името, историјата, културата и нашата национална гордост за таа цел. Без да се соочи со фактите што фрлаат сосема друга светлина на обединета Европа. „Големи лидери“ носат големи одлуки. Како не. Само кој го излажал премиерот дека се големи. По фијаското во Брисел и што се прокоцкавме како држава, се плашам дека можностите на премиерот да ги поткопа македонските интереси се бесконечни. Отсега натаму само небото му е граница.
По сѐ, повеќе од јасно е дека надворешната политика на оваа власт е „лоша“, и многумина сметаат дека е. Ај што е лоша, не гледам во моментов понуда на кохерентна алтернатива за тоа како Македонија треба да се однесува надвор од своите граници по Брисел. Видовме како е кога надворешна политика е сервилен клиент на туѓи надворешнополитички интереси. Да видиме како е поинаку. Затоа итно на Македонија ѝ е потребна стратегиска автономија во надворешната политика, не затоа што ние така сакаме, туку зашто светскиот поредок е променет. Живееме во нов мултиполарен свет каде што за едно прашање соработувате, за друго се натпреварувате. Во таков свет не можеме да очекуваме дека друг ќе ги брани нашите интереси, подобро од нас самите. Секако не мислам на оние што досега ги бранеа. Подобро да не ги бранеа.
Очај и политичко преживување, на тоа се сведе сонот за Европа на нашиот премиер и неговите поддржувачи. Сон за кој плативме превисока цена како држава и нација. Аномалијата во системот на државата што ја предизвика оваа власт ќе резултира со идни долгорочни контроверзии и нестабилност. Се прашувам, зар можевме да очекуваме повеќе од власт каде што надворешната политика е заложник на ум неоптоварен со мислечки процес. Освен едно „евe ти го на“ за ЕУ.
Авторот е универзитетски професор и, почнувајќи од денеска, секој петок, на оваа страница, ќе ги изнесува своите ставови за актуелни политички и општествени проблеми и состојби