Сосем случајно, на ден по објавувањето на договорот за состав на старо/новата влада, расчистувајќи по некои стари документи, наидов на цртеж од мојата најмала ќерка, веројатно стар 17-18 години. Сум го зачувала како симпатичен спомен за тоа како дете на 7-8 години реагирало спонтано на стварноста во која живеело. Целата површина премачкана со светлосина боја и со црвени големи букви испишано: ВЛАДАТА Е ЗА НИГДЕ! (вклучувајќи го и извичникот), а одоздола познатиот симбол на мировното (антинуклеарно) движење од 1960-тите години (кругот со ознаките за N и D, во знаковниот јазик со знамиња). Се насмеав, зашто ме врати во времето, а навреа и други спомени.
Верувале или не, овој цртеж бил нејзина спонтана изработка (ова никако не можело да биде дел од училишна задача), а и не верувам дека директно сум влијаела на креацијата и содржината. (Индиректното влијание што ние, возрасните, го имаме врз децата е друга посложена приказна…) Но се сетив на нејзината детска „ангажираност“ и за време на бомбардирањето од 1999 година (со група дечиња од улицата „протестираа“ со импровизирани транспаренти „Уаа, НАТО!“).
Но и една друга сцена ми се врежала во сеќавањето. Таа е можеби во трето одделение, си црта нешто во дневната соба, додека на телевизија оди некоја дебатна емисија. Јас работам нешто во кујната и ни на крај на памет не ми е дека детето активно ги слуша експертите (мислам дека беа економисти), додека во еден миг не извика изнервирано: „Аман, веќе! Па и јас знам дека ништо не е добро во оваа држава, ама да кажевте некое решение?“ Ја споделувам приказнава со пријатели и на тоа добивам одговор во вид на приказна за друго дете, која оди приближно вака: Во трето одделение на часот по македонски јазик малиот Стефан добил задача да напише синоним за зборот „арамија“. Тој одговорил „влада“ – и добил тројка (од некоја политички коректна и исплашена учителка). Кога разбрале дома, го искарале: „Црни Стефане, ти сите во затвор ќе нè отераш!“ А тој одговара: „Мамо ма, па нели стално зборувате со тато дека овие од влада многу крадат?“ Детска уста! Ја кажува вистината, исто како во приказната за „Царевото ново руво“… Не знам колку години сега има Стефан, ама Сара е пред докторирање во Утрехт (таму каде што со државни пари ги финансираме студиите на ќерката на бившиот министер за надворешни работи, сегашен кандидат за министер за евроинтеграции). Владата уште неизбрана, а веќе е за нигде!
Секое евентуално разочарување од најновата акробација на Заев и Ахмети (нешто што „Франкфутер алгејамне цајтунг“ го нарече „напуштање на парламентарната демократија“ и „мултиетнички грабеж“) е не само без основа туку е и патетично. Па децата одамна ги „прочитаа“ нашите влади. Затоа и заминаа или се подготвуваат уште помасовно да ја напуштат оваа безнадежна земјичка… Да е една влада „за нигде“, ќе си речеш: ќе ја смениме, само нека дојдат нови избори! Тоа е демократија: народот дава, ама народот и казнува! Но во оваа извртена демократура, народот е инструментализиран на полош начин одошто тоа го правеа комунистите. А и нему ум не му доаѓа, па си ги гласа оние што го ограбија, осиромашија и кои не се способни ни основното образование да го средат, а не нешто друго. Оној што му ја нанесе најголемата (историска, национална, политичка, психолошка – како сакате наречете ја) неправда доби мандат да формира влада (со кршење на Уставот).
Над 300 илјади луѓе сметаа дека не е важно што правосудството „се отвори како пупка“, што економијата е како вид пред истребување, што си имаме нов министер за смрт, што Мијалков е угледен граѓанин и партнер на Вицето. Но вистинскиот шампион во категоријата „владите за нигде“ е оној што работи во сенка некаде во Мала Речица, каде што дури и амбасадори прима на разговор. Али Ахмети навистина не успеа да разбуди еуфорија по повод празнувањето на годишнината од потпишувањето на рамковниот договор, ниту да ги обедини другите албански партии, но игра маестрално. Како што вели едно умно момче, така бидна „Ахмети да е подолго на власт од Ангела Меркел“. Па сега вие видете ја разликата…
Ова е стабилократија на дело! Нестабилна Македонија, се тетерави сè повеќе по секој нов изборен циклус (како да не е „празник на демократијата“, туку канцерозен марш), но Владата има еден цврст столб во ликот на ДУИ, Антачаблс! Каде што Никиликс застана, таму Груби ќе продолжи – и верувам чудесно ќе ги реши и Гоце и Мисирков, а и амбасадите ќе ни процветаат кадровски. Уште неизбран, а веќе слави три министри за внатрешни (упс, пардон – за надворешни) работи, голема историска победа на поврзување на албанските територии. И да не набројувам веќе – бидејќи, не станува збор за кадровски решенија (или за вицот за „чесни и способни“), туку за систем/ска ерозија на државноста – не (само) во национална туку и во есенцијална смисла на јавен апарат. Затоа, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ или не бил добро информиран за „рамковната демократија“ или сака да прати порака до некого (Ахмети, патем, се пакува за Хаг). (Патем, она за Либан јас го зборувам одамна, ништо ново.) Реков, не е до кадрите – имавме професорка по уставно право, која си ги беше заборавила правото и знаењето на факултет, па како пратеничка и плус министерка во дури два ресора убаво се вклопи во „напуштањето на парламентарната демократија“ (а јас би додала, и напуштањето на владеењето на правото). До системот и климата што корумпираат апсолутно е…
Ова „дрво“ увезено однадвор и накриво насадено е од оние што брзо растат и длабоки корени и стебла добиваат, еве, за неполни 20 години. Оди ти после оправи го ако можеш и пишувај новински статии за „мултиетнички грабеж“ (а грабежот, за волја на вистината, е биетнички, да не претеруваме)! Во сета деградација на која сведочиме, (условно) радува само една работа: маските паѓаат! Досега имавме две влади во една, ама камелеонски се криеше вистинската конфигурација на власта. И странците ја фалеа нивната „успешна приказна“. Сега сè е на виделина – вистинскиот лост на моќта е во рацете на ДУИ, тој пали и гаси – македонските партии се спаринг-партнери во владеењето и во грабежот. Заев изјави дека на сто дена пред наредните избори „ќе му се придружи“ и Албанец премиер! Замислувам сцена од научнофантастичен филм (жанр хорор) во која две тела стануваат едно (двоглаво) чудовиште. Ако се точни вестите од соседството (од каде што обично и стигнуваат непријатни информации, кои овде никој не се осмелува да ги каже) премиеров ќе си има сенка за целото време на „владеењето“ во ликот на „првиот вицепремиер“.
Ме прашуваат мнозина: „Ама, професорке, можно ли е ова, во согласност ли е со Уставот и законот?“ Почнувам да се смеам! Не, немам веќе сила да зборувам со јазикот на правото, бидејќи овде владее неправото и никому не му е грижа дека ваков деформиран политички систем нема, нема, нема…. нема ни на друга галаксија! А јас подготвувам онлајн настава по политички систем! Ги учам студентите што сè влегува во политичкиот систем (кој е многу поширок и од институциите на државната власт), арно ама овие си го врамиле политичкиот систем во едно министерство. Етатизам и диктатура од невиден вид! Па после Германцине ќе се божем чудат. Ах, иновација е што сега ќе има помалку министри, ама затоа повеќе вицепремиери. Еден од нив ќе ја скротува корупцијата!!! Го замислувам како доблесен витез дон кихот (ама знам дека не е). Впрочем, возбудените новинари во Бојан Маричиќ веќе гледаат Херкул! Какво фолирање е ова, но и подржавување на контролни функции за кои се надлежни други органи и тела! И сега што да им зборувам на студентите? За арамиите или (и) за Владата што е за нигде, а која ги надминува не само уставните норми туку и теориските и практични модели во светот? Какво морално право (ќе) имам некого да турнам на испит за незнаење кога овие ни се смеат в лице, а ние се однесуваме како удрени по глава?
Во стилот на детската прагматична логика, која не трпи заобиколување и тупење, прашањето: а решение? Е па, нема решение, предоцна е. Ќе сркаме што сме надробиле, бидејќи триесет години сме соучесници во креирање или толерирање на ова чудо невидено. Македонија глуми држава (а е веќе само територија), како кога кокошката на која ѝ е откината главата сè уште прета, несвесна дека е готово со неа. Парадоксално, ама експериментот со ДУИ е можеби и последната шанса: треба да им се даде целосна власт, без криење, до балчак! Само тогаш и нашите сограѓани Албанци ќе сфатат дека и тие се заложници, а не само неалбанците. Можеби тогаш ќе се разбудат албанските интелектуалци, можеби тие ќе ја поведат револуцијата за радикална смена… Можеби… Загрижен за штетното дејство на (македонскиот) национализам, „Цивил“ организираше некакви експертски трибини. Погледнав малку, доволно да ја слушнам колешката Бешка, која презентираше резултати од истражување, кое ги покажало разликите во перцепциите на децата (Македончиња и Албанчиња; „третите“ никој не ги ни зема предвид, статистичка грешка се) за земјата и за соседите. Бруталната вистина е дека за дечиња на десетина години татковината е токму она на што се радува Груби. Штом потпораснат ќе се ослободат од романтизмот, па и тие ќе збришат некаде подалеку од земјата во која Владата е за нигде. А и народот не е поарен кога го трпи сево ова…