Бугарското злосторство во болнската шума

И по 78 години не е познато каде се гробовите на народните херои Мите Богоевски и Стив Наумов, загинати во борба со бугарски војници и полицајци

Во македонската историја има повеќе сведоштва за злосторствата на бугарската окупациска војска во Македонија. Речиси сите се опишани низ разни лични искази на свидетели, напишани се многубројни статии, книги, монографии за такви настани и биографии на настрадани цивили или борци од македонска страна. Најчесто се спомнува масакрот кај селото Ваташа, Кавадаречко, кога во јуни 1943 година биле стрелани 12 младинци. Но, сепак, во тие спомени влегува и погибијата на Мите Богоевски и на Стив Наумов, двајца народни херои од Македонија. Споменот за нив што ќе биде преточен низ овој текст не може никој да го впише во новопоставената евиденција за тоа кој шири омраза против Бугарија. Кажувањето на вистината, како и да ја наречеме, не е омраза, ширење омраза создаваат лагите, искривоколчувањата или фалсификатите. И лошите луѓе од кај и да се. На 10-11 септември 1942 година е извршена провала во комунистичко-партизанската организација на Преспа и на Ресен. Во два дена дваесетина лица беа накодошени, предадени, уапсени и ставени во затвори. На дедо ми Ташку во една вечер му беа уапсени четирите сина. Стрико ми Димитар (Тени), како секретар на СКОЈ, бил осуден на 101 година, другите помалку. Само дедо ми знаеше со колку наполеони, со колку мито платено во злато, ја купи нивната слобода. Ретко кога го спомнуваше тој стрес, таа ноќ кога останал без коса. Но никогаш не кажа лош збор ни за турско во кое беше роден, ниту против Бугари, ниту против Срби, беше еден космополит и човек што со молчење си ги тргаше своите маки.

Не е тоа главниот настан. Големата драма се случувала во селото Болно, пет километри оддалечено од Ресен. На 12 септември, по дојава на селски кодоши, од бугарски полицајци и војници е опсадено селото. На началството му било кажано дека таму се кријат двајца опасни шумкари Димитар (Мите) Богоевски и Стефан (Стив) Наумов. Мите е роден во Болно, Стив е таму по задача, бил битолски партиски активист задолжен за соработка со преспанските партизани. Среќавајќи се за договор како да се засилат акциите за натамошна борба за ослободување заноќиле во колиба на самиот крај на селото, кај болнската шума. Колибата била опколена од полицајците, како што бил воениот ред, ги повикале да се предадат. Но не сакајќи живи да паднат во рацете на окупаторот, започнале борба, а кога им снемало муниција со последната бомба се разнеле, извршиле самоубиство. Не го ставиле образот под нозе, не рекоа Бугари сме биле, Бугари ќе останеме, туку ги жртвуваа животите за светла иднина на својот македонски народ што и преку нивните жртви дојде до слобода и создавање на своја држава. Беа двајца против дваесет.
Што се случува понатаму? Телата на загинатите биле донесени и изложени сретсело, биле викнати домашните за да ги препознаат, биле официјално фотографирани, а потоа закопани во блиската болнска корија, секој засебно. По две недели местото го нашол некој овчар и им кажал на најблиските роднини.

Тие скришно отишле да ги откопаат за да ги погребаат како што носи редот. Но шпионите повторно не спиеле. Некој им јавил на началниците, експресно стигнале во шумата. Како што плачеле роднините, ги претепале со кундаци, удриле и по сопругата со едногодишниот син на Богоевски. Ги откопале телата, некаде ги однеле и досега не им се знае гробнината. Една верзија е дека повторно ги закопале во шумата, одвоени главите од телата, другата дека ги однеле кај селото Ѓавато што е на половина пат меѓу Битола и Ресен и таму ги запалиле да изгорат, да се сторат пепел, никаква трага од нив да не остане.
Така кажувале селаните, така кажуваа оние што биле живи сведоци, како што е запишано така ја раскажувам и јас оваа преспанска партизанска крвава сторија. Никој не го споменувал администраторот, сите го споменувале окупаторот, кој имаше национална назнака – бугарски фашизам. Сведоците ја правеле националната разлика. Самите велеле: ги предадоа Македонците, ги погубија Бугарите. Така било, така останало, речиси сѐ се знае само гробот не им се знае.
Мите имал 23 години, Стив нецели 22. По ослободувањето на Македонија, двајцата се прогласени за народни херои.
Имињата на Мите Богоевски и на Стив Наумов во чест кон нивното херојско дело ги носат денес училишта и улици во Ресен, Битола и во Скопје. Мите Богоевски, освен како револуционер се изучува и на часовите по мајчин јазик како поет вброен меѓу значајните поети во македонската литература меѓу двете светски војни. Во Македонија зачувани, познати и рецитирани се само четири песни, поеми, и тоа: „Спроти Илинден“ напишана во 1938, „Стојанка млада партизанка“, „Разделвачка“ (објавена во весникот „Наша реч“ во 1940 година) и „Триесет и девет минаја“. Песната „Спроти Илинден“ се смета за една од најубавите во македонската литература напишана на илинденска тема. Тоа е онаа песна што почнува со стиховите „Гумно е, под опитата тешки на којни, се рони клас по клас, По гумејната жешки горат селаните, скап есекој час….“ За песната „Разделвачка“, иако во литературата пишува дека е создадена во 1940 година, дел од семејството на Богоевци сметаше дека се родила по последната средба на поетот со сопругата Љуба, неколку дена пред да загине. Богоевски во песната напишал „ти оставам младо чедо, радуј се и теши се со него, немој да жалиш по мене, барај си лика прилика.“ Во тоа време нивниот син имал само една година.

Димитар (Мите)
Богоевски и Стефан (Стив)
Наумов

Синот на Мите, Богомил Богоевски, има изјавувано дека во Бугарија најверојатно се наоѓаат над педесетина патриотски, необјавени песни, раскази и дел од незавршен роман од татко му. Во неколку наврати му се јавувале лица од Бугарија повикувајќи го да оди лично и да ги земе тие ракописи, но тоа не се случило. Претпоставка е дека песните ги зеле бугарски војници при претресите во родниот дом во Болно и не се знае дали се чуваат во некои државни архиви или во некој приватен дом. Во тие архиви сигурно се чуваат и ракописите и фотографиите што биле направени на денот на злосторството, во нив сигурно се опишани и настанот и местото каде што се закопани останките на Стив и на Мите.
Стив Наумов бил класичен бунтовник и револуционер. Поради отворен отпор кон властите бил апсен и од српската и од бугарската полиција, лежел затвор во Белград каде што тој почнал да студира техника, а Богоевски економија. По враќањето во Битола бил еден од раководителите на Народноослободителната борба во тој регион. Во Преспа се засолнил откако на 6 мај 1942 г. во Битола го убил полицискиот бугарски началник Александар Ќурчиев. Насред чаршија, лице в лице, со еден истрел од пиштол. Во Битола бил секретар на Месниот комитет на Комунистичката партија. Се спротивставил на решението на Методија Шаторов-Шарло кога сакал да ја припои македонската партиска организација кон Бугарската комунистичка партија. Го организирал и раководел при формирањето на битолскиот партизански одред Пелистер. Во јуни 1942 г. станал член и политички комесар на Оперативниот штаб на Народноослободителните и партизански одреди на Македонија.

По војната на партизанските гробишта во Битола бил подигнат гроб на Стив Наумов, во надеж дека југословенските и бугарските власти ќе направат некој договор во кој ќе се каже каде се наоѓаат неговите останки. До такво нешто не дошло. Гробот остана празен, иако има надгробна плоча со име (Стиф) презиме и датум на раѓање и на загинување. Во алејата почива и неговиот брат Ѓорѓи Наумов (1914 – 1942), кој бил обесен во скопскиот затвор, „администриран“ од бугарските џандари.
Во архивите на македонската влада и администрација се регистрирани неколку барања од властите во Бугарија, не само сегашните туку и од времето на комунизмот, Македонија да покаже добра волја и да направи евиденција на локациите каде што се закопани бугарски војници и полицајци загинати за периодот од 1941 до 1944 година. Тој број не е многу познат, но сигурно не е мал штом има такви барања. Авторот на овие редови нема податок или сознание дали е такво нешто реципрочно побарано од бугарските власти, да проверат во нивните архиви каде се незнајните гробови на настрадани македонски партизани или цивили. Таа размена на документи сигурно ќе води кон простување, а не заборавање, кон зближување не кон оддалечување меѓу двата народа, меѓу двете држави. Добрите традиции на современа Европа бараат државите, кои дури и војувале една против друга, заедно да ги почитуваат своите мртви, испраќајќи порака за помирување и единство.