Што беше ново на овие избори? Ново беше издигнувањето на Македонија како центар на светот, навраќањето на извориштето на македонското национално прашање и националниот идентитет, теми кон кои власта на СДСМ и ДУИ имаше игнорантски, да не се рече дури и предавнички однос. ВМРО-ДПМНЕ, засилено со претседателската кандидатура на Гордана Силјановска-Давкова, без страв и без комплекси ја зграпчи таа шанса и максимално ја искористи. Во средиштето беше стратегијата да се биде блиску до она што го мисли мнозинството, да не се останува глув на расположението на граѓаните кон жешките национални и социјални трауми
АД ХОК АНАЛИЗА НА СОБРАНИСКИТЕ ИЗБОРИ 2024
Молете се и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете, чукајте и ќе ви се отвори, зашто секој што моли добива, кој бара наоѓа и на оној што чука ќе му се отвори“. Секако дека и низ овие библиски аксиоми, напишани уште од евангелистот Матеј, може да се објасни големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски на изборите за пратеници во Собранието на Македонија.
Се направија низа ад хок анализи, се испишаа голем број коментари, преку кои се објаснуваа факторите што имаа најголемо влијание врз изборниот резултат меѓу македонските гласачи. Сигурно тука спаѓаат најавените конкретни ветувања што би ја обновиле и преобликувале иднината на државата, ветувањата за подобро здравство, образование, земјоделство, за повеќе вработувања, за гланцање на правосудство, за правда, еднаквост, закон и ред.
Овие и други области наведени во огромниот проект промовиран под името „Платформа 1.198“, бездруго, го привлекоа вниманието на гласачите. Платформата оформена како светилник на надежта не е белетристика што се чита со задоволство или Библија од која не се менува ниту едно слово, туку е програма што ќе чека да светне таа надеж.
Облиску до мнозинството од народот
Рака на срце, сите досегашните избори во независна Македонија се потпирале на ветени промени и нови надежи, кои речиси редовно биле изневерени или угаснати. Истите прашања, истите проблеми. Реформи, судство, криминал и корупција, непотизам, самоволие, тендери, транспарентност, низок стандард биле најчестите области што ги окупирале кампањите. Иста песна, исти рефрени, ништо суштински не се менува.
Што беше ново на овие избори? Ново беше издигнувањето на Македонија како центар на светот, навраќањето на извориштето на македонското национално прашање и националниот идентитет, теми кон кои власта на СДСМ и ДУИ имаше игнорантски, да не се рече дури и предавнички однос. ВМРО-ДПМНЕ, засилен со претседателската кандидатура на Гордана Силјановска-Давкова, без страв и без комплекси ја зграпчи таа шанса и максимално ја искористи. Во средиштето беше стратегијата да се биде блиску до она што го мисли мнозинството, да не се останува глув на расположението на граѓаните кон жешките национални и социјални трауми.
Одмазда за променетото име
Воскреснувањето на неправдата за името со Грција, изразувањето сомнежи за вистинските намери на Бугарија преку барањето за запишување на македонските Бугари во Уставот, тврдиот став да не се оствари тоа, навестените можни поинакви толкувања на таканаречениот француски предлог на Советот на Европа, паднаа на плодна почва меѓу македонските гласачи. Тоа посеано семе околу идната заштита на македонските национални интереси пред европските господари на поинаков начин ја разбуди свеста дека и Македонија, колку и да е мала, е дел од политичката, правна, национална и морална географија на Европа. Токму со оваа стратегија се наполнија кутиите со гласови во корист на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија. Стратегијата несомнено содржи елементи на популизам, но се покажа како функционална, на популизам се добиваат избори насекаде во светот.
Дополнителен барут во изборниот арсенал на партијата ѝ даде и фактот што годината и месеците на самите изборни активности се совпаднаа со датумот за конечно завршување на обврската за промена на личните документи, пет години по ратификацијата на конечната спогодба со Грција за името. Хаотичната постапка околу фотографирањето и издавањето на пасошите и личните карти ја крена политичката температура, го подигна незадоволството контра власта. Истата власт како да беше полумртва – немаше сетило за да забележи дека преку ситуацијата со пасошите надоаѓа потопот како одложена реакција, како задоцнета одмазда од граѓаните за промената на името, лута чорба во која главен готвач беше Социјалдемократскиот сојуз. Бавно ама силно стигна одмаздата.
Патриотизмот не е национализам
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, мешајќи го изборниот шпил, успешно искористија уште еден адут, адутот на враќање на гордоста на нацијата и на патриотизмот. Знаејќи ја емоционалната поврзаност со татковината и нацијата, градејќи го концептот на заедништво, јавувајќи се како гарант за зачувување на идентитетот, историјата, јазикот, писмото и традициите, нивните пропагандисти обезбедија гласачка мобилизација од капацитет што донесе победнички глас. Движејќи се на граничната линија да не се пречекори во национализам, истакнувајќи ги елементите што ја обединуваат државата по верска, етничка, политичка и каква било припадност и враќањето на надежта на народот дека Македонија може и мора подобро беа оние карти што ги отвораа победничките врати, месец по месец, ден по ден.
Покрај националниот државотворен патриотизам, со овие избори се поттикнати уште два негови виа. Првиот е уставниот патриотизам, што подразбира приврзаност кон вредностите на демократското општество, основните човекови права и слободи, борбата за правда и правдина, за социјална издржливост, за материјална и морална одговорност. Вториот е економскиот патриотизам, што подразбира запирање на финансиското подривање на државата, борба против корупцијата и криминалот, стопирање на злоупотребите со тендерите, како и распродажбата на државниот имот за лични интереси на поединци.
Заслугите на Христијан Мицкоски
Несомнено дека клучната ролја на овие избори ја имаше Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и лидер на опозицијата во Македонија. Некому не му е симпатичен, сигурно не е најхаризматичен, ја нема аурата на холивудски глумец, но покажа упорност и доследност во спроведување на она што го мислел и навестувал, одлика што не ги следеше неговите претходници. Тоа беше улога на тврд опозиционер, што не мора да значи дека ќе биде ист доколку застане на чело на македонската влада.
Сепак треба искрено да му се признае успехот. И како партиска победа и како лична сатисфакција по седумгодишната опозициска борба низ која учеше, се калеше, растеше, созреваше, трпеше директни и странични удари, но стигна до врвот. Не се во право оние што мислат дека Мицкоски е неприроден израсток на националната партија, дека „паднал од небо“, поминал тој низ низа партиски активности и филтри.
Неговата поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ датира уште од неговата 22 година, кога се вклучува во младинските редови, време во кое им се носи бурек на шефовите, кои и да се тие. Па советник на Груевски за енергетика, па директор на АД „Електрани на Македонија“, па двапати избиран конгресно и со мнозинство гласови за претседател на партијата – во 2017 и во 2021. Добредојдена му била поддршката од Никола Груевски, со кого одржуваше блиски односи, како и со Кочо Анѓушев, еден од неговите ментори за докторската дисертација.
Човекот што во 2001-та работи како проектант и изведувач на термотехнички инсталации во фирмата „Фонко клима“, човекот што докторирал на 32 години, кој од помлад асистент, една деценија стигнал до редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје, на 40 застана на чело на најмногубројната македонска партија. На 47-годишна возраст извојува голема изборна победа, што му ги отвора портите да застане на чело на Владата на Република Северна Македонија, ако така ја ословува.
Исплатлива политичка доследност
Само доследните и внимателни хроничари може да забележат дека постулатите што ги застапуваше Мицкоски при првиот претседателски избор во 2017 година во Валандово станаа клучни пунктови и во изборната пропаганда во 2024 година.
По изборот, тој ја даде следната изјава: „Македонија мора да оди напред, да стане земја членка на ЕУ и на НАТО, но потребна е реална волја, структурни и реални реформи, преку професионални кадри што ќе го подобрат живеењето на граѓаните. Корупцијата, политичките притисоци, политичката одмазда… мора да станат минато. Македонија мора да има брз и ефикасен правосуден систем, а не уценет и зависен, каков што е сега. Оние што ја делат правдата мора да бидат независни и непристрасни. Мора да растат платите на граѓаните, клучот е во развојот на економијата“.
Како претседател на партијата се залага за евроатлантска политика, но со достоинствен третман на државата и македонскиот народ. Во јуни 2018 година, во пресрет на потпишувањето на Преспанскиот договор, изјавил дека е против уставните измени за промена на името. Упорност, доследност, решителност Мицкоски покажа и околу предложените уставни амандмани за нова промена на Уставот и впишување на Бугарите во него.
Да се елиминира заевизмот од македонската политика
По локалните избори во 2021 година, на кои ВМРО триумфира речиси во сите општини, соопшти една од круцијалните политички задачи на неговата партија. Имено, ја истакна стратегиската императивна определба дека не треба само Заев да си оди, туку од политичкиот живот да заминат заевизмот и сето она што тој го претставува. Мицкоски многу добро знаеше што значи тој повик, тие од СДСМ ништо не разбраа од него.
Гласачите на изборите во 2024 година го наградија Мицоски за неговата упорност, понекогаш на граница на тврдоглавост, за покажаната доследност и решителност, засилени и поткрепени со изборната кампања на Гордана Силјановска-Давкова, која преку Христијан седна на претседателскиот престол. Всушност, како заклучок на поставеноста на Мицкоски може да се цитираат неговите самоуверени зборови дека тие што добро го познаваат, знаат дека кога нешто ќе вети, а тешко ветува, „но кога ќе се случи тоа, ќе направам сѐ за да го остварам“. Такви беа и неговите прогнози во кои многумина не веруваа, но се остварија.
Мицкоски допрва ќе ја гради својата политичка ѕвезда, допрва ќе ги полага испитите, кога од ефективен слободен опозиционер ќе треба да прерасне во одговорен вистински премиер. Од сегашната состојба на еуфорија ќе влезе во облакот на суровата реалност на административната ламја, ќе се најде пред високиот ѕид на тешко решливи национални, финансиски и кадровски прашања. Навистина не е лесно да се биде претседател на коалициска влада во мултинационална, мултикултурна и мултирелигиска држава, колку и да е човек способен, умен, итар и неподложен на политички или материјален поткуп.
Оптимистички или изневерени очекувања
Новата власт ќе биде исправена најпрво пред своите ветувања, истовремено со судирот со проблемите. И да сака, не ќе може да го игнорира НАТО, ниту обврските што Македонија ги презела на меѓународен план. Како жежок костен во рацете ќе ги држи односите со соседите, кои се полни со неизвесности. Посебна ќе биде приказната со патот кон членството во Европската Унија, поле на кое ставовите на ВМРО се судираат и не се идентични со тие на Унијата.
Програмата „Платформа 1.198“ се потпира на шест клучни столба. Прво, активна и постојана борба за квалитетен животен стандард. Она што им е најпотребно на луѓето е пристоен живот. Второ, отворање фронт против корупцијата. Трето, институциите да работат според законите. Четвртиот столб е обезбедување функционален систем за граѓаните. Петто е заеднички патриотизам, кој во суштината е патриотизам што обединува. И шестиот столб е непоколебливо почитување на правата и слободите на луѓето.
Големи се очекувањата од новата влада. Но да не заборавиме дека исти такви беа при изборот на секоја нова влада од независноста до денес. Повеќе како поука одошто како опомена треба да се укаже дека речиси редовно тие очекувања биле изневерувани, а граѓаните сѐ поразочарани како во власта така и во државата. Речиси редовно почетниот оптимизам се претворал на крајот во тежок песимизам. Овој пат да не биде така! Заради историјата. Заради длабокиот македонски корен и идентитетот. Заради јазикот, културата… Заради нацијата и државата!
pande.k@novamakedonija. com.mk