Национализам и националист се најозлогласените зборови во нашиот јавен, а особено интелектуален дискурс. До тоа дојде постепено, речиси неосетно, со постојано преиспитување, повлекување, самокритика, па дури и со чувство на грижа на совест дека нешто (и некому) сме му направиле зло затоа што сме (наводно) националисти. Против национализмот е модерно и пожелно да се зборува насекаде во просторите на бивша Југославија, каде што владее догмата дека тој е главниот виновник за сите зла и крвопролевања. Но ова никаде не е толку вкоренето како во Македонија, земјата што доживеа целосна „пластична операција“ за да не остане ништо на М. Овде опстојуваат голем број внатрешни поделби (идеолошки, политички, партиски, етнички), но најсилниот премолчен пакт е оној против идејата за македонски националист/национализам.
Го нагласувам атрибутот „македонски“, бидејќи постои општо разбирање и прифаќање на отворениот албански национализам – сите имаат разбирање за него. Македонскиот е толку озлогласен што некој што не ја знае историјата на оваа земја и нејзиниот народ би помислил дека имаат раце потопени во (зла) крв и злодела сторени во име на „нацијата“. Во колумна не е можно да се објаснат сите нијанси и стојалишта на дефинирање на национализмот, но и на патриотизмот, но мојата теза е дека во Македонија постои дефицит по двете основи, што создава претстава на досега невиден мазохизам и самонегација. Колегата Синиша Малешевиќ објави значајна книга за тоа зошто е национализмот толку моќен, односно ја оспори тезата за неговото исчезнување и го дефинира како историска норма. Ако е така, каде е тука уникатниот македонски случај на мирно и покорно одмакедончување во име на нешто што не постои (наводна европска нација)?
Лично се идентификувам и водам од мислата на Монтескје: „Кога би знаел дека нешто што би било од полза за мојата нација, но би уништило друга, никогаш тоа не би му го предложил на мојот владетел, бидејќи јас сум првенствено човек, а потоа Французин, бидејќи јас сум нужно човек, а само случајно Французин“. И јас сум случајно Македонка и сакам да сум граѓанин на светот, но не ми дозволуваат да бидам ни едното ни другото. Сепак, сум стоела на ставот дека мојата нација (макар и од смачкано племе) не е над моралот и меѓународното право, сум ја фаќала страната на послабите и обесправените – т.е. сите оние што сме ги „усреќувале“ со нашето учество во империјалните походи на САД и на НАТО. Но низ годините на божемна демократизација и европеизација, мојот народ како „месечар“ следи туѓи агенди и интереси, а се откажува од сето она што беше и е негова најголема доблест и богатство. Се покажа дека и тоа не беше доволно за да се смилостиват господарите на хаосот, па Македонија почна и самата себеси да се разнебитува, „доброволно“, па дури и со некаква патолошка радост дека тоа го прави за повисоко добро. Да бидеш Македонец/ка е недоволно, па и назадно, па требаше да станеме нешто подобро од тоа, поблагородно, понапредно божем… додека сите други си остануваа(т) добри Грци, Бугари, Срби, Албанци, Хрвати… за Германци, Французи, Холанѓани и да не зборувам.
Под силата на туѓа пропаганда и со активно соучество на „кафените сахиби“ (прислужници на надворешните господари) почнавме да се откажуваме од себеси, од нас „небањатите“ и „недоволно Европејците“. Отстапките се сè поголеми: од нокотот на малото прсте, па лакотот, до рамото – и ни стигна до грлото. Попуштавме заради мир во куќа, заради мир во светот, заради ветена благосостојба, за да не останеме сираци, за да бидеме некои други – и веќе заборавивме кои сме и зошто сме! Токму тука, во таа точка на тотална конфузија, почнаа да работат на „финално решение на македонското прашање“ (она историското кон кое аспирации имаа и имаат регионалните и европските сили). Ние, залулани во сонот за некаква нова Европа и интеграција во која ќе нè прифатат како свои и блиски… Кога велам „ние“ и пишувам во прво лице множина, само ја поедноставувам, ама и појаснувам сликата на оваа наивна, добра или глупава нација, која дозволи неранимајковци, светски хохштаплери, милитаристи и ситни балканско-венецијански трговци да ја распродаваат како да била некаков Франкенштајн составен од делови на туѓи тела, кои сега воскреснале и си ги бараат матиците назад.
Доаѓа моментот кога камата е толку длабоко пробиена, до балчак, кога нема веќе каде понатаму – освен свесно чекорење кон смрт и небиднина. Или кон последен отпор! Очекував (наивно од мене) од другите, соборците и истомислениците, хуманистите и луѓето обично згрозени од неправдите вршени врз малите народи, еднаш да дигнат глас за нас – онака како што јас правев за многу други. Не само што не се вознемирија туку и не ја ни видоа неправдата. Но го видоа мојот национализам и се вџашија. Првите гласови за тоа дека сум застранила од патеката на просветлените Европејци, редовно доаѓаа однатре, од припадниците на „полицијата на мислите“, која бележеше кој не е „нивен“ и мораше да биде ставен на црна листа не само дома туку и надвор. Бев екскомуницирана како „националист“ кога бев меѓу ретките што отворено ги посочуваа дефектите на охридска Македонија, етничкото цртање и феудално пазарење со општинските граници, министерските места и судската правда. Потоа и кога ја видов шарадата на т.н. Шарена револуција. Следуваа договорот за божемно пријателство со Бугарија и Преспанската спогодба, за која рекоа дека била вредна за Нобелова награда. Така, станав националист. Ова не го кажувам со чувство на жалење, туку како факт. Сега се очекува конечното крешчендо, кое ќе ја означи последната капитулација на македонскиот народ.
Ми забележуваат дека не нудам надеж, не посочувам излез од овој темен амбис, туку само ја опишувам мрачната сцена на која еден народ врши самоубиство од небрежност и заради ЕУтаназија. Надежта велат последна умира, но јас не ја гледам, освен ако не е преточена во акција! Македонците мораат да расчистат со себе, а потоа и со оние што им се божемни пријатели и нежно ги водат кон „крајот на (нивната) историја“. Се срамиме ли ние од нашето минато, од фактот што сме мал народ што израснал низ страдања, од сиромаштија, неукост, од парче земја што било јаболко на раздорот токму на овие што сега божем нè европеизираат, а сè уште не се ослободиле од својот национализам? Дали сме ние полоши од другите – или сме „вонземјани“ што веруваат во космополитизам, во свет што тотално забегал не само во национализам, популизам, туку и во шовинизам и ксенофобија? Погледнете наоколу! Дали политичките и интелектуалните елити на нашите соседи го надминале национализмот? Не! Го нарекуваат патриотизам, историски континуитет, национална гордост, достоинство и национални интереси… Сите до еден, од Косово, до Грција. Кој од нив дозволил да им се избрише колективната свест со лоботомија, кој дозволил друг да им ги пишува историските читанки, кој дозволил Уставот да му стане список на желби на соседите? Кој од нив размислува(л) за откажување од својот мајчин јазик? Кој од нив гарантира дека нема свое национално малцинство во соседните држави? Тие не признаваат ни национални малцинства во своите божем европски демократии! Кој дозволува да биде преименуван?
Ајде сега да погледнеме подалеку, кон таа Европа (или Запад): дали Французите не се горди на тоа што се Французи (заедно со колонијалното минато)? Дали Белгијците се каат за злосторствата во Конго врз кои се збогатиле и сега изигруваат цивилизирана нација? Дали Италија, Шведска, Австрија, Холандија и другите некогаш дозволиле друг да им ја средува куќата и да им кажува од кога постојат и дека е националистички да се повикуваш на своите корени и митови? Да не набројувам: Европската Унија е сојуз на национални држави, а национализмот е главното лепило што државите ги држи заедно. Тој национализам е изникнат, меѓу другото, и врз историска амнезија (за злоделата од минатото) и врз апотеоза на сопствените митови, херои, битки, владетели, војсководци… „Европскиот демос“ е само приказна за мали деца и за инфантилни луѓе, обланда зад која корпоративниот капитал ја крие својата суштина и единствениот интерес што го одржува жив – профитот и моќта.
Да бев политички коректна сега ќе зборував во шифри: за тоа дека национализмот е лош бидејќи бара од височина да се гледа на другите, но патриотизмот е добар бидејќи значи љубов кон својата татковина (патрија). Не, доста е со такви акробации. Национализмот и патриотизмот не се исклучуваат, туку се сијамски близнаци што никој досега не успеал да ги одвои. Во име на љубовта кон татковината, нациите (и тука мислам првенствено на западните) не само што уште водат војни туку и поттикнуваат крвопролевања. Нивниот национализам (или патриотизам) е насочен и кон пацификација на домашното население, кое само на тој начин со еуфорија ги испраќа своите млади во империјални походи, надевајќи се дека ќе добие делче од освоената нафта, вода, минерали или други ресурси.
Македонците треба да си ги чукнат главите и да прогледаат: опкружени се со нации опиени од национализам, романтизам, митови и легенди, дури и ако и самите се колонии на помоќните. Помоќните биле и останале опиени од желбата за доминација и профит. Зошто тогаш (само) Македонија би се подложила на експеримент во стилот на Худини – со раце и нозе врзани со синџири, заклучена во ковчег и фрлена во длабочините на морето, да очекува да исплива како победник? За аплауз ако успее да излезе како преродена немакедонска нација (салата, подобро речено) или за некоја лажна солза ако не успее? Македонците живеат и ја делат земјата со нација од која можат да учат и што е национализам и што е патриотизам, и што се митови и што се херои – со Албанците.
Ѓаволот ги однесе и шегата и бајката за Европа. Време е да си се вратиме самите на себе – со самопочит (по сета самокритика за будалштините низ кои минавме како пубертетлии) и со подготвеност да се бориме за последните остатоци од македонштината. Ако интелигенцијата потфрли, стана првиот предавник на националната самобитност и наметна кафени наметки за да им служи на западните сахиби, сепак ехото на Мисирков е тука да нè врати на вистинската патека: Самостојното политичко развивање на Македонија е неопходност. Во современи услови тоа значи отфрлање на јаремот на протекторатот. Едно е да си слаба држава и да си реален околу тоа, но друго е доброволно да прифаќаш надворешно туторство на твоја штета. Мисирков ни порачува: „Шчо немало по напред, можит да се сторит по доцкан, стига да се имаат различни историјцки прилики со свои оддељни барајња“. Е па, драги мои, до (нашите одделни) барања е, а не до исполнувањето на ултиматумите! Имаме ли ние барања, своја визија? Имаме ли свест за свој национален интерес? И ние денес можеме да ја констатираме и прифатиме блискоста на интересите со другите од регионот или пошироко, но сè треба да биде оценувано од македонско гледиште. Имаме ли македонско гледиште? Или и тоа е резултанта на гледиштата на сите што ни се навртеле да нè месат и обликуваат во согласност со своите барања? Конечно, време е да престанеме да бидеме посрамени дека некој ќе нè етикетира како националисти. Напротив! Треба да се срамиме дека тоа не сме! И дека сме заборавиле дека нашата битка е „за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи“ (Мисирков). Само на вакви основи, со свест за себе и за светот околу нас, ќе можеме рамноправно да се бориме и за послободен и поправеден свет, наместо да им бидеме прислужници на оние што го уништуваат секојдневно.