Пак сум збунет уште со насловот на денешнава колумна, драг читателу. Но знаеш дека без клучот на парадоксот и аналогијата поетот не тргнува на пат. Пред нас е Богородица, Марија од Назарет, која го роди Богомладенецот во јаслите во Витлеем пред очите на вчудовидениот од откровението добиток, а дури потоа таа чест им беше укажана и на ангелите и пастирите, па потоа и на тројцата мудреци од Исток. Од почетокот на новата ера наваму Богородица, наследничка на Големата мајка од неолитот, е основниот архетип на женскиот принцип во психата на западниот човек. Од сите, К.Г. Јунг најмногу се има занимавано со тој принцип и Богородица како негов преносник, анима на трансценденталната струја на постоењето, која во извесен степен му е својствена и на анимусот, машкиот принцип, облагородувајќи го истиот тој. Се разбира, пак, тука не станува збор за Јунг како претходник на трансексуализмот, како што можат да сфатат некои промотори на психата на денешната западна цивилизација во ментално распаѓање. Таа тема на психологијата на апсолутизација на сексуалноста и либидото му е поблиска на Фројд. Но и тој не би можел да се снајде во денешната сексуална какофонија на ментално болната западна цивилизација.
Но тоа е друга тема. Јунг го интерпретира архетипот на анимата со Богородица во неговата сакрална димензија. Оттука и неговата брилијантна хипотеза дека тој му недостига на машкото свето тројство (Отецот, Синот и Светиот Дух), па му го додава за да биде комплетно тоа. Оти така, според таткото на аналитичката психологија, имено, четверството, а не тројството е идеалната формула на божјата суштина и егзистенција. И јас се согласувам со него, драг читателу. А, парадоксално, со него се согласувал и човекот на неолитот, со неговото боготворење на Големата мајка, толку многу присутна во археологијата на Македонија, која и кај нас по оној настан во Назарет ја наследува Богородица. Се разбира, пак, тука таа света слика највпечатливо од неолитот до денес по далноводот на психата и меморијата ја пренесуваат и актуализираат поетите. Ја пренесуваат, како што вели пак Јунг, како отворени антени за прием на божественото. Сè до денес, кога стигна постмодернизмот што се служи претежно со киселината на иронијата за растворање и убивање на митот, а сходно на тоа и на сакралната енергија на јазикот, кој сега наместо со крило, се служи со патерици и се сопнува на секој чекор.
Први во поезијата ја боготвореа пред десетина столетија анимата, идеалната жена, трубадурите во француска Прованса и германските минезенгери. Како наследство од нив, тој тип на адорација многу подоцна, во XIX век, го усвојуваат и романтичарите. Диотима на Хелдерлин е чиста копија и аналогија на Богородица. И Гете, интуитивно, ја развива теоријата за вечно женското. Во руската поезија на симболизмот како чедо на романтизмот неа ја креваат на екстатично ниво мистичниот христијански филозоф Владимир Соловјов и посебно, инспириран од него, со Стиховите за Прекрасната дама генијалниот Александар Блок итн.
Да. Подолга дигресија (тоа ми е мана) како вовед за да влеземе сега во планираната тема за Богородица, Македонија и Македонците. За синергетската врска меѓу нив. А ти избрзано прашуваш, драг читателу, што е тоа толку битно за нас во неа. Па, едноставно. Знаеш дека како симбол, архетип, неа сме ја избрале за заштитничка на Македонија. Таа е нејзината Голема мајка, магиската формула што ја штити од зло и несреќа, задолжена да ја испади од неа „црната чума“ против која се бореше и Гоце. И сега in medias res сме веќе во срцевината, во моето емотивно доживување на Богородица при првата моја средба со фреската „Оплакување“ во црквата „Свети Пантелејмон“ во скопско Нерези. На неа таа го оплакува синот симнат од крстот. Анонимниот фрескосликар се инспирирал од Никодимовото апокрифно евангелие во кое Марија го оплакува синот со зборовите: „Како да не Те оплакувам, сине мој. Како да не го кинам лицето свое со ноктите свои… Моите солзи, о мое сакано дете, кој ќе ги сопре…“ Христос на фреската е спружен, претставен во отсутност и смирение, како во нирвана по страшните маки на крстот. Сета интимна и космичка болка сега е кај мајка му, која го оплакува со плач-крик што ја потресува вселената. Нејзиниот лик во болен грч и веѓите над очите извиени во скршен лак како столчени ластовичини крилја од товарот на небото силно го сугерираат тоа. И тоа е и од аспект на историјата на уметноста, драг читателу, првата слика (XII век, 1146 г.) на која толку експресивно е претставена човечката болка, настрана од литургиската свеченост на христијанското сликарство пред тоа што ја заобиколува неа.
Како да е сè уште на сцена естетскиот принцип на онаа таканаречена имперсонална убавина лишена од емоции, карактеристична на старогрчката, но исто така и за староегипетската уметност пред неа, концепт што во почетокот го наследува по инерција од нив и раната христијанска уметност. И, ете, тој концепт се урива во Македонија, во Нерези, со промовирање нова естетика на психологизација на ликовите во еден силно нагласен експресионистички манир, за што најубав пример е претставата на Богородица на фреската „Оплакување“.
Сум се вѕирал во моите патувања во многу цркви, православни, католички и секакви други, за да најдам еквивалент на фреската во Нерези и на психолошката драма на ликот на Богородица тука. На крајот и најдов. Тоа е сликата на „распетието“ на сликарот на германската ренесанса Гриневалд во Изенјамскиот олтар неколку века подоцна. Гриневалд далечен претходник и на моќниот германски експресионизам во XX век. И на неговата слика е претставена со силен психолошки електрицитет интимната до космички опфат емотивна болка на мајката, Богородица, но и на Синот, кој не е свален од крстот и во трансцендентално смирение положен на земја како на фреската на нерешкиот мајстор.
Да. И сега доаѓаме, драг читателу, до клучната поента на нерешката Богородица како архетип и на македонската мајка, која има долга историја на оплакувања на своите чеда жртви и саможртви во борбата да го изнесат од подземи закопаното сонце на својот род и да го осветлат него. За архетип од бескрајната историска низа на македонските трагични мајки тука и сега како архетип ја издвојувам Неда од „сердарот“ на Прличев. Таа што го оплакува сина си Кузман убиен од Гегите, кои несигурни дека го убиле и денес го доубиваат него. Но немаме простор за нови дигресии. Што ми е зборот? Тоа дека Богородица како архетипска заштитничка на Македонија и Македонците, вглобена во Неда и во другите македонски мајки, ја оплакува нивната проколнатичка судбина низ долгата историја на распетија, на perpetuum mobile искачувањата и слегувањата од крстот.
Но, поентата е во тоа што најдраматичното, и според сите историчари на уметноста, оплакување на Богородица на Христос по мое мислење, драг читателу, и не е случајно насликано во Македонија. Плус ако имаме предвид и дека, имено, од нерешкото ремек-дело задува новиот естетски ветер и кон италијанската ренесанса, кон Ѓото, кој исто така го примени нерешкиот естетски психологизам, иако со послаб интензитет, на своите ликови. Но тоа е поопширна тема. Доволно е засега толку. Се враќаме на аналогијата на Богородица како отелотворена македонска архетипска мајка и на Христос како архетип на македонските херои, уште повеќе и како колективен архетип воопшто на македонскиот мартирски народ, распнуван безмилосно со столетија по кобната Беласица 1014, а во поновата историја од 1913 наваму, до ден-денес и понатаму. Којзнае до кога. Оти ние, драг читателу, кон вавилонската ороспија во Брисел патуваме по пат специјално за нас поплочен со бездни, и на секој свијок од него нè распнуваат како Христос.
Да. Тоа ни го прават европските и балканските „мајстори на смртта“, да се послужам со метафората на Пол Целан. Но тие се уште посурови и од римските војници заедно со Ирод што му ги забија клинците на Христос на крстот. Тие сега во македонскиот случај, наследници на суровата Римска Империја, не ја поштедија од насилничка смрт ни Богородица. Аналогијата е немилосрдно точна и застрашувачка за оваа цивилизација, која невоспитано се самопрогласи за најхуманистичка и најдемократска во светот. А всушност е обратно. Имено, тие, драг читателу, во идентитетската гробница на Македонците во Преспа 2018 заедно со нив, како нивна архетипска божествена заштитничка, ја погребаа насилнички и Богородица.
Така. И плаче со космички крик на болката Богородица во „Свети Пантелејмон“ во Нерези како во ниеден друг храм во светот, општа констатација и на сите историчари на уметноста. Плаче во божествениот храм Македонија спепелен од западните и балканските варвари-херострати. И не знаеме до кога ќе трае овој плач на Марија од Назарет, а сега и Марија од Македонија. А Вилијам Батлер Јејтс, драг читателу, рече во една своја пророчка песна дека по два милениума по раѓањето на Богомладенецот ќе се роди некој влекач, голем ѕвер. Сјајна интуиција. Ирскиот поет можеби сакајќи да остане мистериозен, не дава објаснување кој е тој влекач-ѕвер. Затоа јас и ти, драг читателу, ја знаеме неговата јазлеста шифра: денешната нова римска цивилизација, ѕверот што се јавува и во Откровението (Апокалипсата) на апостол Јован на самиот крај од Светото писмо, Новиот завет.
Тука ставаме точка. Доволно е за целокупната наша болка и распетие. Здружено плачат Богородица и нејзината сестра близначка Неда и по погребот во Преспа 2018 над овој народ кого како колективен Христос катадневно го распнуваат евроамериканските „мајстори на смртта“ на западната цивилизација заедно и со нивните балкански предатори познати во таа уметност: Грците, Бугарите и Албанците. Воскресението изгледа далечно по македонската идентитетска смрт во Преспа. Но тоа ги очекува Македонците и повеќе од сигурно, оти, како што го дава на увид тоа и примерот со Христос, тоа е наменето за страдалниците што стојат на страната на Љубовта и Вистината, а не на страната на Златното теле на капиталот и цицање на крвта на послабите и сиромашните за своја бенефиција и ѓаволска среќа како што го прави сè уште тоа мефистофелската цивилизација. Доволно. До следната наша средба сè најубаво, драг читателу. Џабе се грижиш што нашите политичари арамолепци си ги покачија платите за 78, а на пензионерите што скапуваат во сиромаштија се мислат дали да им дадат 6 отсто. А, можеби и за тоа плаче Богородица во Нерези.