Во сенка на оставката на претседателот на Владата, Зоран Заев, речиси незабележана остана објавата за повлекување од политиката на една крупна социјалдемократска риба, а нема да се згреши ако се употреби суперлативот – најкрупната риба. Радмила Шекеринска, девојчето Хајди што умееше да го искористи тоа што го имаше научено, израснато во јаслите на СДСМ, заминува од политичкиот живот во Македонија од функцијата министер за одбрана, една од многуте што ги имаше во богатата кариера. На прагот на нејзините педесет години, најверојатно не од премор, туку од тоа што некои работи ѝ дошле до нос, рече збогум, иако некои предвидуваат дека тоа збогум е само до видување до некоја нова, овој пат функција во странство.
Дипломираната студентка на Електротехничкиот факултет во Скопје и магистерка по меѓународни односи на школата за право и дипломатија „Флечер“ на универзитетот „Тафтс“ во САД стана женскиот култ на личноста во Социјалдемократскиот сојуз. Генералниот застапник на таканареченото скопско крило не направи научна и универзитетска кариера во струката како што почна, но изгради политичка кариера што се мери со искачување врвови. И во нејзините партиски редови има доста спротивставени мислења за начинот и за средствата што биле употребувани при тој партиски алпинизам, но епилогот речиси секогаш бил во нејзина корист. Од надежен младински дует заедно со Орце Камчев кога почна, до Зоран Заев, кога завршува, нејзината кариера е сѐ по нагорна линија. Жедни преку вода пренесе многумина, особено попатната партиска станица Владо Бучковски, дури и Бранко Црвенковски ѝ стана лесен залак.
Кога се затвораат последните страници од нејзината досегашна биографија, ќе следува прологот дека политиката ја напушта со зачуван лик на професионалец, повеќе строг кон другите одошто кон себеси. Не се простува со специјално браво или признавање на заслугите, но не и со извици „уа“ од публиката, што е реткост во оваа држава. Не да ги нема, но заминува без јавно обелоденети афери, било службени било приватни.
Бонбона-тактиката, постојаната насмевка, макар вештачка и тренирана дома пред огледало, умешната реторика и посебната способност за комуникација од неа направија политичка дама по немакедонски теркови. Иако со штипско потекло, демонстрираше европски манири, барем јавно, на сцена, пред камери и новинари, елементи што придонесоа да биде приемлива за странските кругови, толку важни и влијателни во македонската политика. НАТО и ЕУ беа нејзини дворови во кои не си дозволуваше да влегува на налани, штиклите и умствениот дизајн ѝ беа виза за влез во круговите на високото општество. Политички, ораторски, по манири и бонтон никогаш не била „сељак“ како голем дел од нејзините сопартијци и блиски соработници.
Ако се прелистуваат архивите на СДСМ, ќе се види дека Радмила Шекеринска е членот со најдолг активен стаж во таа партија. Никогаш прва, секогаш втора на сдсмовскиот Монт Еверест, што не ѝ пречело и кога била втора да биде прва. Како во партијата така и во Владата. И цело време со поделени мислења внатре во зовриениот сдсмовски котел: за едни одлична, префинета, мудра и тактична, за други себична, злобна, бескрупулозна, безмилосна реваншистка, врз кого гази трева не никне, сонце не огрева. Не случајно е раширено мислењето дека Шекеринска и Бранко Црвенковски, како свое трајно дело, ги имаат отворено најголемите политички гробишта каде што, без око да им трепне, ги имаат погребано своите противници, неистомисленици или конкуренти.
Првиот чекор што навести излез од она што ѝ значеше живот го направи со напуштањето на местото потпретседател на партијата. Забележливо беше што таа нејзина постапка не се сфати како почеток на голема бура. Тој потрес во стаклениот замок на Бихаќка б.б. партиските челници не го регистрираа со нужната магнитуда, иако во секоја партија во светот таков настан добива прворангиран третман. Сосема небитни беа повлекувањата од потпретседателската функција на аматерите Фросина Ременски и Александар Кирацовски, но да се даде ист третман и на оставката на Шекеринска, заштитното лице на СДСМ, беше рамно на неразумност.
Заспано под сенката на претседателот Заев, за кого мислеа дека ќе биде вечно на чело, поширокото раководство не го забележа црвениот аларм што го запали првата дама на партијата. Тој намерен сигнал не го виде ни самиот Заев, заслепен од лавровите венци и лицемерните соработници, што резултираше и со негова абдикација од високите функции. Само осум месеци по оставката на неговиот прв соработник (соработничка) падна и Заев. Го повлече долгата рака на Шекеринска, иако заслугата за Заевиот пад му се припишува главно на Црвенковски, наводниот играч од заднина.
Ако при партиската оставка во април годинава беше ладна и воздржана и не се осмели да ги каже вистинските причини за таквиот чин, при сегашното повлекување, пак во истиот стил, дипломатски, но реско го искажа своето незадоволство од политиките во партијата. Иако не го посочи по име, но секој што знае да чита ќе види дека вистинската цел, главниот виновник за таквите состојби е лидерот Заев.
Цинично го искритикува дека не научил ништо од лекциите што му ги упатувал народот и дека не бил способен да ги чуе и разбере некои од пораките во јавноста. Погрешните политики водени од врвот ги наведе како главна причина за поразот на локалните избори, нешто што Заев го призна дури откако и тој самиот прогледа дека долго време не гледал што се случува во партијата и во државата.
Како лице на кое во личната карта може да му пишува дека е родено и одгледувано во инкубаторот на СДСМ, денес како жена со најголемо политичко искуство што живеела во три држави (Југославија, Република Македонија и Северна Македонија), своевидна порака испрати и до поранешните партиски и владини колеги. Кратка, но горчлива за оние кон кои е упатена, ако тие знаат да читаат и да не се прават „наудрени“. Имено, дека повлекувањето го подразбира како единствена чесна и принципиелна одлука.
Само со оваа мала реченица им фрли ракавица на другите колеги, виновни за лошата политика на Владата и партијата и за потопот што го доживеаја на изборите за градоначалници. И без да се толкува, филозофски или експертски, нејзината порака е дека сите други учесници што придонеле за таа хаварија треба да го направата истото што го направи таа. Ги стави пред тежок избор: ако се чесни и принципиелни ќе ги напуштат функциите. Ако останат во раководството на партијата и прифатат да бидат министри во новата влада, значи се нечесни и непринципиелни. Тоа е исто како да ти дадат едно јајце и да побараат да избираш.
Двоецот Заев – Шекеринска ја презеде партијата во 2013 кога СДСМ, веќе со години, беше во опозиција и во многу понеповолна ситуација во однос на тогаш неприкосновената ВМРО-ДПМНЕ. Никој не може да оспори дека ја вратија партијата на победнички колосек, го променија името на државата, ја внесоа Македонија во НАТО, што од една гледна точка е историски успех, но потфрлија во процесите за интеграција во ЕУ. Тие и ред други постигнувања и падови беа видливи. Невидливи беа нивните внатрешни меѓусебни борби и несогласувања.
На крајот од баладата, впрочем како и во повеќето балади, по збогувањето го збогатуваат текстот со таговни и жаловни зборови. И двајцата, не во дует, туку секој во соло-изведба, пред иста публика, си ја испеаја лебедовата песна. Нивниот глас што се слушаше надалеку полека ќе стивнува и ќе остинува во долгите зимски, нискотемпературни утра.
Нешто за крај, да не остане текстот само на голи реченици. Ако Радмила Шекеринска беше Љупчо Георгиевски пред триесет години, ќе беше предмет на дебата меѓу лингвистите. Кај Љупчо стануваше збор за името, кај Шекеринска за презимето. За Георгиевски проблемот беше дали да се пишува така како што е запишан во матично Љубчо, или според правописот Љупчо. За тоа прашање беа потрошени многу новински страници. Во македонскиот правопис зборот „шеќер“ е со буквата ќ, пред буквата е. Така е во сите случаи. Само Шекеринска е со к, во презимето, а правилно би било со ќ. Оваа правописна шеќерна грешка никако не влијаела дамата што заминува од местото прв офицер на државата, да не добие грам слава исто како што добиваше жестоки критики за нејзиниот бурен политички живот, несвојствен за македонска жена.