Лето господово 2024, хронологија ни помалку ни повеќе од вообичаен сублимат од настани. Пријатни, измешани и оние за кои не постои логично објаснение. Едноставно, чудни. Вообичаено во душата тага поради разделбата со старата година, но и радост за славење, за новото што доаѓа. Желби, планови, очекувања. Нашиот секогаш буден селектор – мозокот заедно со свесниот дел, избира и помни настани што се селат во архивите на минатото. А таму, долга листа и бесконечна хронологија од настани. Тој е податен и отворен за сеќавања што иницираат споредби, паралели и совети за облагородување на квалитетот на животниот амбиент. На некои воопшто не сакаме да се сеќаваме, а тие никако да се откачат од нас. За разлика од нив, некои се наша вечна придружба што ја истакнуваме со гордост. Ред е да се простиме од „старата“ 2024, која беше ни помалку ни повеќе значајна од низата изминати години од архивата и наедно да се потсетиме на некои моменти што наметнуваат споредби. Зошто така? Едноставно тоа е единствениот начин за трансфер на помнење што е составен дел од нашата приемчивост на постоењето, на јавето, на креативниот свет на мислите и на иднината за која всушност и славиме.
Нашата провинциска духовна и материјална структура може слободно да се пофали со ризница на вредности што можат да ѝ се насмеат в лице на денешната тромавост на процесите на трансформација иако денешното време го карактеризираат динамика и стампедо. Да, во некои минати години од минатиот век, Гостивар имаше сѐ за едно социјално, културно и развојно патешествие на своите граѓани и на сопствениот процут. Се разбира и ние како негов составен и мошне значаен дел познат како Њу Сетлмент. Имавме седум академици, многубројни интелектуални содржини од страна на луѓе што и во тоа далечно минато имаа „тапии“ на врвни лекари, инженери, економисти, новинари, одлична работничка фела, која успешно се носеше со сѐ што мора да се одржува (за ново, малку ќе почекавме). И сите тие живееја и работеа на подрачјето на нашата провинциска структура без која не можеше да се замисли и „матицата“, во чија кошница се всели безмалку половината од вкупното население на Македонија. Секако дека и денес можеме да се пофалиме со многубројни успешни луѓе што се познати и надвор од границата на нашата земја, но нешто друго не нѐ прави ниту среќни ниту задоволни. На улиците, по кафулињата и кафеаните има сѐ помалку млади ликови.
Имавме кино, прозорец кон светот. Салата беше чиста и секогаш полна на своите две, па и три дневни претстави. Дневно се продаваа голем број весници од сите републики на Југославија, како и голем број магазини – седмични и месечни. Секој втор минувач, во надворешниот џеб од излитеното палто носеше свиткан весник. Имавме библиотека во центарот на градот. Потоа ја селеа од ваму до таму сѐ додека не ја доби заслужената локација во состав на домот на културата. Сега локациите воопшто не се проблем за обложувачниците и казината. Имавме една единствена аптека. Денес каде да се свртиш ги има колку ти душа сака. Не ќе е сигурно дека нацијата ни е болна или само полна со замислени пациенти? Имавме горделив шаховски клуб во кој беа почестени светските шампиони Тигран Петросјан и пиратот од Рига Михаил Таљ. Подоцна нѐ посети и Анатолиј Карпов. Имаше голем број манифестации и други настани. Ни гостуваа театарски ансамбли од Скопје и републиката, гостуваа и луѓето и актерите со „Веселата емисија“ на сегашниот јубилеец Радио Скопје, ГФК Маврово стана аматерски првак на Југославија, КК Маврово беше колепката на талентирани кошаркари (гостуваше и КК Београд со легендарниот Радивој Кораќ за кого Тито изјави дека е поголем од Југославија и дека на неговиот одар треба да стои олимписко знаме), фабриката „Силика“ вработуваше над 1.000 луѓе, „Мермери“ над 300, единствената во Македонија, тогаш, кланица опремена за европски и светски пазар „Горни Полог“ повеќе од 500 луѓе, конфекцијата „Декон“, а подоцна и „Готекс“…
Но добро. Беа тоа некои други времиња кога слепите прогледуваа, ама галиба и понатаму останаа со истиот синдром. Подоцна за тие времиња се говореше дека биле темелот на подоцнежниот економско-политички колапс на државата. Но спомените и споредбите секогаш ќе ги копкаат луѓето што се љубопитни и постојано истражуваат за да допрат до недопирливата вистина.
Нова година се чекаше најчесто колективно по работните организации и во киното во кое се прикажуваа по два филма, од кои еден по правило американски вестерн. Потоа, откако финансиски се „осоколивме“, започна процес на подвојување. Од зимски сладолед со истопено какао во корнетот, елката накитена со бонбони од стврдната пена за пуфки и со златеста и оловна амбалажа (ние децата постојано поткрадувавме), скромните пакетчиња доделувани на родителите за нивните дечиња од колективите и најголемото богатство, другарувањето и смеата, стасавме до „странство“, Шератон и Хилтон, Малдиви, Куба, Тајланд. На времето бевме Американци за земјите од источниот блок, за сега да ни наплатат за нивните фрустрации и инфантилноста, кои се веројатно наметнати од новите стопани на политичкиот амбиент. Во Грција на плажите им продававме банани и бибер. Бугарија собра сила да нѐ притиска дури откако исчезна Југославија од која се тресеа и ја почитуваа. За „црвените“ банкноти е многу кажано. Тие источни земји еден стопан заменија со друг. Судбина на јарецот да носи рогови.
Некаде при крајот од седумдесеттите од минатиот век, ние глобтротерите од Гостивар, вкупно осуммина, на дочек на Нова година на Високи Татри. Дестинација – Штрпско Плесо, тогаш Чехословачка. Од спротивната страна на Татрите – Закопане, уште еден познат зимски центар во Европа. Распиштолени и со нарачки што и во Југославија не ни беа достапни. Таму, за џабе. На столот не можеше да се најде чаша со вода. Исклучиво скапи пијалаци и храна за која многумина од домаќините можеа да сонуваат.
На полноќ, во преполната сала на хотелот влегува патрола составена од руски поручник и четворица војници. Тие како претставници на силите на Варшавскиот пакт. Молк. Само ние си ги тераме македонските песни и пет пари не даваме за нивното присуство. Офицерот поздравува и прашува дали сме Бугари. Кога слушна дека сме од Југославија, се насмеа. Веднаш ги поканивме да седнат со нас и да замезат. Ни направија чест, а потоа си заминаа. Во салата воодушевување. Луѓето ја почувствуваа слободата во која и со која живеевме.
Во ноќта на славењето, стариот добар дебелко со вечната насмевка на лицето познат како Дедо Мраз, кој во далечното минато носел зелена руба за потоа од него еден од врвните светски брендови да направи легенда со црвена облека, како симбол на добрината, би требало да помисли за поправично распределување на дарот што треба и може да го носи со себе – мир и спокојна иднина за сите жители на оваа волшебна планета. Со своите ирваси Летачот, Танцувачот, Потскокнувачот, Кавгаџијата, Кометата, Купидонот, Грмотевицата и Молњата нека нурнат во душичките на сите што страдаат и на кои им е потребен скапоцен подарок. Нека најлудата ноќ биде позитивно луда за сите жители на земјата.
Збогум 2024, добре дојде 2025!
Љубомир Јованоски