Зошто Стево Пендаровски, шефот на државата, оваа година одбира целосно да го игнорира Илинден, најголемиот македонскиот национален празник? Најголемиот дел од коментаторите сметаат сметаат дека неговото лошо искуство во роднокрајниот Галичник, каде што забележливо беше исвиркан од учесниците и од публиката на македонската манифестација „Галичка свадба“, придонесе кон неговиот избор да одбие да го чествува Илинден, а има и такви што велат дека едноставно му е здодевно и дегутантно насред лето да си ја работи работата. Впрочем, како можеле некои таму да се дрзнат да го стават на календарот националниот ден на Македонија во периодот кога сиот нормален свет оди некаде на плажа или на планински одмор?
Шегата настрана, но причините зошто Стево Пендаровски во 2022 година ја руши традицијата воспоставена во 1944 година се далеку подлабоки. За жал, веќе ништо не може да го промени заклучокот дека Зоран Заев по 2017 година гради сосема нова нација, „Северна …“, со целосно нова симболика, култура, историја, јавни белези, паметници и така натаму. За реализација на нивната идеја за востоличување на „Северна …“, со некој нејзин „мултиетнички народ“, како што велеше Заев, потребно е целосно да потонат во заборав датумите што го одбележуваат илинденското и асномското минато на македонскиот народ, да се прогони сеќавањето на настаните што ја градеа илинденска и асномска Македонија, од кој најсветол празник е самиот Илинден.
Македонија мора да умре за да се роди новата нација „Северна …“! Затоа Илинден треба да исчезне од историското сеќавање на македонскиот народ …
За несреќа, самиот шеф на државата е еден од најпламените приврзаници на идејата на Заев за воспоставување нова нација, па затоа лани немаше јавно обраќање пред народот на Мечкин Камен, туку „видеопорака“, а годинава Пендаровски избра целосно да го игнорира Илинден и да си тера викенд, на тој начин погазувајќи ја основната улога на претседателот – да биде олицетворение на државата, обединител и главен жрец на националната митологија на сопствената земја. По првпат од 1944 година, шефот на македонската држава го нема никаде на Илинден, ни во „Прохор Пчињски“, ни во Крушево, па дури ни во Скопје. Ако ова не е национален скандал од прв ред, тогаш не знам што е национален скандал!
Изгледа вчудовидувачки, но мора да се констатира дека Јосип Броз-Тито, како шеф на југословенската држава, имаше далеку подлабока и поискрена врска со македонскиот народ отколку што тоа го има актуелниот претседател Стево Пендаровски. Тоа воопшто не е ни случајно. Иако тврд и непоколеблив комунист, докажан интернационалист и космополит, сепак Тито имаше силно чувство за историјата на секој југословенски народ, цврста поврзаност со нивните националните чувства и јасна слика за потребата од натамошен автономен развој на секоја посебна национална култура во рамките на поранешна Југославија. Токму затоа лично Јосип Броз најторжествено го одбележувал Илинден, достојно и за почит на целиот македонски народ. Да не зборувам, пак, за републичките партиски и државни раководства од тоа време. Дури и во социјализмот, претседателите, премиерите и собраниските спикери знаеја дека нивните говори за Илинден, одржувани на Мечкин Камен, во „Прохор Пчињски“ или во Скопје, ја имаа онаа иста тежина каква што во Британија ја има редовното годишно обраќање на кралицата пред британскиот парламент или какво што има редовното годишно обраќање на американскиот претседател пред двата дома на американскиот конгрес.
Преку овие обраќање на националниот лидери пред сопствените граѓани се негува врската на денешните генерации со минатото, со тие што ја сонувале, се бореле, гинеле и ја граделе денешна Македонија, но и со идните генерации што ќе ја кројат својата приказна за Македонија. Така се негува националниот наратив, така се обновуваат националните митови, се приспособуваат на епохата и им се предаваат на идните генерации.
Американските претседатели се повикуваат на „татковците основачи“ и на нивната оставнина, Британците на вечноста на круната како обединител, Французите на вредностите на Француската револуција, а Македонците ги имаат идеалите на првиот Илинден, тој наш крик пред европското јавно мислење за страдањата на еден европски народ, стремеж за национална држава и за културна слобода, како и на АСНОМ, вториот Илинден, каде што ги удривме темелите на современа Македонија. Токму тоа им пречи на Заев и на неговите следбеници. А на неговите поддржувачи од регионот и од светот многу повеќе им пречи тоа што на Илинден македонскиот народ е обединет, и во матицата и во егејскиот и во пиринскиот дел на Македонија, и во Албанија, но и насекаде каде што живеат Македонците во дијаспората. Затоа Илинден треба да исчезне од историското сеќавање на македонскиот народ …
Претешка е македонската историја и стремежите на македонскиот народ за корифеите на „Северна …“. Тие се само „случајномакедонци“, граѓани на Европа и на светот, па ништо не им значат некои македонски истории, култури, идентитети или такви тривијалности како македонскиот јазик. Новата „Северна …“ нација, според нив, е и некаква краткорочна преобразба и мост од „примитивниот“ македонски идентитет кон идниот „цивилизиран“ европски идентитет што ги надминува тесните деветнаестновековни нации и нивните културни белези. За нив инсистирањето на некои херои, историски настани или наративи се само знак на заостанатост и зачмаеност „на погрешната страна од историјата“. „Чуму ти е идентитетот, ако немаш пари?“, како што длабокоумно воскликна еден од „случајномакедонците“, верен промотер на нацијата од „Северна …“.
Во суштина се работи за една збирштина медиокритети, следбеници на богот Мамон и на неговото „златно теле“, луѓе што влегле во премногу „фаустијански“ зделки со повеќе препредени „мефистофели“, па веќе не може да излезат од маѓепсаниот круг на сопствената неспособност и на презирот што го чувствуваат од сопствениот народ. Затоа Илинден треба да исчезне од историското сеќавање на македонскиот народ …
Борбата против наметнувањето на новата нација „Северна…“ е најправедна борба на македонскиот народ, борба против одродувањето, асимилацијата и губењето на сопствената држава. Целото обезличување на Македонија од 2017 година треба да кулминира со заокружување на нацијата „Северна …“, чиј носител е „мултиетничкиот народ“ на Зоран Заев. Затоа треба да се променат учебниците по мајчин јазик, историја и географија, поточно за да се избрише историското сеќавање на македонскиот народ. Од истите причини треба да се променат и химната и знамето и грбот на државата, затоа што околу сите овие симболи некогаш се обединувала, растела и се развивала македонската нација, која треба да ја снема од историската сцена. Ако сето тоа се обвитка во некаква европска обланда, односно во синото европско знаме со дванаесет ѕвездички, тогаш уште подобро. Затоа Илинден треба да исчезне од историското сеќавање на македонскиот народ …
Зоран Заев има верни сојузници во оваа борба. Покрај грчкиот и бугарскиот шовинизам, кои би биле најсреќни доколку ја снема македонската нација и кои добија сериозни орудија со Договорот за добрососедство и со Преспанскиот договор, друг негов сојузник е и Али Ахмети. Тој е единствениот човек на Балканот што го загрози мирот на цивилното население со посегнување кон вооружен судир по 1989 година, а кој сè уште не се соочил со меѓународната правда поради ова злосторство. Али Ахмети не е „случајноалбанец“ и граѓанин на светот.
Тој има јасни гледишта за иднината на неговата нација, а и тој се радува при секое раградување на Македонија и востоличување на „Северна …“, со тој исклучок што и за него таа нова нација е само попатна станица, но не и до некој наднационален европски идентитет, туку до нешто многу потврдо, далеку повеќе вземјено и балканско. Затоа Илинден треба да исчезне од историското сеќавање на македонскиот народ…
Од овие причини, нужно е достоинствено да го одбележиме Илинден, да се навратиме на пораките од Крушево и од АСНОМ, на замислената македонска држава, како национален дом за Македонците, но и како заедничка куќа на сите други заедници што го сочинуваат прекрасниот етнички мозаик на македонската почва. Да се навратиме на идејата на Македонија, како дел од европскиот дом, но како посебна суверена, демократска и слободна држава, единствено место во светот каде што Македонците можат да си ги негуваат сопствениот идентитет, култура, традиции, обичаи и јазик. И комитите и партизаните беа модерни движења, носители на прогресот и на идејата за Европа, онаа Европа каде што да се биде Македонец подразбира и дека си Европеец. Таа Македонија и таа Европа ја славиме и ја одбележуваме на 2 Август, национален ден на Македонија и на македонскиот народ.
Aвтор:Ивица Боцевски