Заминаа јавачите на македонската апокалипса, македонските политички варвари, јавајќи на сивите коњи на смртта. Прашуваш која апокалипса, драг читателу. Идентитетската, од која само Господ може да те крене. Заминаа, ама со закана дека пак ќе се вратат да довршат со смртта, која според нив ни е малку. Заминаа со таа закана низ плоштадите и екраните.
Премногу траурен почеток велиш, драг читателу, пред Белите мугри на Рацин што ги вестат по мракот победниците. Да. Па, знаеш, заминатите за седум години владеење од Македонија направија вистинска идентитетска и социјална Хирошима. Идентитетската е многу потрагична од социјалната, а парадоксот е во тоа што тие со неа дури и се гордеат, како што се гордееја со фашизмот Геринг и другите фирерови отпадоци во Нирнберг. Кај нас тие на смртоносниот фирер од Муртино. Тука, пак, пред сè станува збор за моралната слика на душата, која кај тие што заминаа е канцерогена и во апсолутно распаѓање. Тоа, оти во неа ги нема здравите супстанции што се потребни за да ја одржуваат во здрав живот неа, а тие се господови: чувството за грев и срам. За нив говори Светото писмо на првите страници во книгата Битие, кога нашите прародители по престапот под она проклето рајско дрво почувствувале грев, а потоа и срам кога за првпат виделе дека се голи, па се покриле со смоквин лист во грмушката во која се беа скриле од севидото око на Господ.
Така, но тие што заминаа немаа во бесрамното владеење чувство ни на грев ни на срам и никогаш не спознаа дека се голи во својата морална беда и суета како голиот цар во приказните на Цепенков. А народот има очи соколови и гледа, оти тие од морал и етика ги имаа само своите боулси како што рече во Австрија најголиот меѓу нив Ковачевски. А веднаш тука до него е и неговиот омилен претседател, „нашиот Стево“, кој во народот виде стока и ништо друго. Така. А за да се фатиме ние во лага неодамна сеани како глуво и заразно семе по плоштадите и екраните. Ох, како беа притоа жални тие додека ги сликаше дополу соголени во умот и душата, скриен зад агол, како додавка на своите славни каприча од накази Гоја, а потоа по него и неговиот руски сијамски близнак Гогољ во своите „Мртви души“. Но тие, мислејќи во својата бескрајна суета на политички генијалци, и Ковачевски-Таче и Пендаровски „нашиот Стево“ гордо позираа, не знаејќи како ќе излезат во портретите на неподмитливиот Рус и Шпанец. А излегоа како накази видени одвнатре во нивното морално распаѓање, а не однадвор во нивните блескави кловновски костуми и вратоврски, кои во една своја скица Гоја ги наслика како бесилки околу вратот на народот. Сјаен сликар, кому дури и попесимистичкиот од Достоевски Иво Андриќ му оддаде почест во неговиот ненадминат есеј за човечката трагедија „Гоја“. Да. А Таче, Стево и нивната коњица на идентитетската и социјалната смрт на Македонците ја наслика пророчки пред нив и Орвел во неговата „Животинска фарма“, извлекувајќи ги за показ надвор од неа нив, ама со должно извинување на невините и божествени животни.
Да. Ама сега ајде да поминеме in medias res на тие што ги насликаа и пред да се родат нив Гоја во капричата и Гогољ во „Мртви души“, на нивните безобѕирни лаги манифестирани и во нивните валкани политички слогани. А ти ми велиш, драг читателу, дека тие се поголеми лажговци и од Минхаузен. Но не. Германскиот барон што одби да учествува во германскиот фашизам, кого го поддржа во врска со македонскиот идентитетски холокауст Меркел, а сега и Шолц, не ја користи лагата за фашистички туку за уметнички цели. Таа е само извор на неговата уметничка интелигенција и креација. Супстанција на уметноста, во што веруваше силно и Оскар Вајлд, кој му рече на Андре Жид дека неговите тенко скроени усни се премногу реалистички, а уметноста не е реализам, туку фантазија во најширока смисла, лага. Е, ама неа нашиот претседател и премиер што заминаа не ја употребуваа во уметничка, туку во перверзна цел на самооправдување на етничкиот, моралниот, идентитетскиот и социјалниот криминал што го произведуваше за несреќа на народот нивната deus ex machina на власта, што нема никаква врска со античките трагедии во кои дејствуваше таа страшна направа на судбината.
Доволно. А сега in medias res одиме на нивната болна фасцинација на умот што лаже. А тоа е нивното бетонирање, со бетонот на нивниот мозок, на идентитетот. О, бедни, о драги сиви ангели! Дозволи ми, драг читателу, таков екстатичен крик на таа глупост, која, како што би рекол и Ајнштајн, ги надминува и границите на вселената. Тие мислат на идентитетската геноцидна гробница во Преспа на 17 јуни 2018. Да. Оти еве: „До 2018 година Македонија беше признаена како Република Македонија од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите денес најголеми земји во светот (Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико). Елементарна алгебра покажува дека во 2018 г. нашата земја беше именувана како Република Македонија од речиси 80 отсто од жителите на планетата Земја. Во еден ден, 17 јуни 2018 г., со еден потпис сето тоа беше избришано“. (Коцарев) Nocturno, de profundis, memento mori. Тоа. И бришачите што нè избришаа со еден потпис, драг читателу, еве пак сакаат да се вратат на власт за да нè доизбришат, оти им остана нереализирана уште промената на Уставот со Бугарите.
Другата нивна голема измама е мантрата (индуистичката вербално-ритмичка формула на рефрен) Европа со нивниот воинствен наслов „Европски фронт“, западниот за разлика од источниот на Русија и Кина. Истокот за кој тие ништо не знаат, ништо за источната душа и филозофија на промислување на животот и светот. А не се ни најмалку тука упатени во таа област и за омилената Европа. Таа за нив е, за жал, само сликата на Вавилонската Ороспија сега заседната во Брисел. Нивната фасцинација е главно во таа слика проѕирната, тенкостава и со блескави импресионистички костумчиња Урсула фон дер Лејен, веќе на суд за неколку криминали, како и другите профили што ја дополнуваат неа: Макрон, Борел, Шолц и другите европски политички пробисвети што му праќаат оружје на пофашизениот Израел да ги убива штотуку родените деца на Палестина. И неродените. Онака како што го правеа тоа Грците во Егејска Македонија. Тоа. А ренесансната и просветителска духовна слика на Европа е далеку од нашите домашни квислинзи на власта што замина. Тие не чуле за неа. Не чуле за Шекспир, Њутн, Бекон, Блејк, Бајрон, Шели, Китс, Марлоу, Лок и Мор кај Англичаните, ни за Корнеј, Расин, Декарт, Лавоазие, Лаплас, Пастер, Паскал, Иго, Делакроа, Сезан, Гоген, Бодлер, Маларме, Верлен и Шение кај Французите, ни за Гете, Хелдерлин, Новалис, Кант, Хегел, Шопенхауер, Ниче, Планк, Хајзберг, Фихте, Гриневалд, Дирер, Рилке, Бен и Брехт кај Германците, ни за Сервантес, Гонгора, Лопе де Вега, Гоја, Веласке, Муриљо, Унамуно, Лорка, Мачадо, Хименези Алберти кај Шпанците. Итн. Да наброиме само некои од нив што го сочинуваат големото соѕвездие на европскиот дух, далеку од денес сивото и безлично соѕвездие на европските политветрогони во Брисел, кои и самите не ја познаваат духовната слика на Европа што ја „обединуваат“ со меркантилна и корпоративна ариевска и колонијалистичка свест. Еве, тоа е Европа, меркантилна, корпоративна и колонијалистичка, за која умираат без да умрат Ковачевски, Пендаровски, Али и другите НАТО-љубовници и русофобичари, профитабилна за нивниот и само нивниот џеб. А што се однесува на Македонците во Македонија, здравите и самосвесните, тие повеќе имаат страв од НАТО отколку од Русите. Тие сè уште се сеќаваат на неговата логистичка и воена поддршка на албанските терористи во 2001-та, а не се сигурни дека тоа пак нема евентуално да се повтори. НАТО е формација на Америка, а Ноам Чомски имајќи го предвид тоа не случајно пишуваше цели книги за американскиот државен тероризам, кој учествуваше активно и во нашата идентитетска смрт со името, а сега индиректно/директно е вклучен во геноцидот во Палестина. Тоа, се разбира, не го знаат ни славната Славјанка, ни Таче, ни Пендаровски, кои на изборите мавтаа со крвавото знаме на таа воена корпорациска и профитабилна организација. И нека им е на здравје!
Тоа. Потоа тука на изборите беше и бесрамната перверзна лага на СДСМ (која не го заслужува М) за тоа дека божем е наследничка на асномските партизани, па и илинденците од сојот на Гоце и Сандански, а не на Ванчо Михајлов, кого им го подаруваат беневолентно на Мицковски и неговите. Така, иако Пендаровски, „нашиот Стево“, кој е целосно глув и безнадежно опериран од историска меморија, Гоце им го подобри без да го активира и малку умот (ако му недостига морален капацитет) на Бугарите, за кои (како да се сфати таа глупавост) смета дека треба неодложно да ги ставиме во Уставот за да влеземе во Европа. Оти како можеш да ставиш некого во Устав ако тој не те признава за жив ни со име ни со историја. Има ли тука елементарна логика, или само абнормална глупост, која ѝ е иманентна само на глупоста на политиката и политичарите во последните седум години кај нас.
А што се однесува на АСНОМ, тие нека не го изговараат и валкаат тоа свето име. Тие со нивниот фирер од Муртино со државотворниот акт го избришаа него од Уставот. Тие што имаа мака да ги насликаат и Гоја и Гогољ во своите бесмртни дела. Оти, како што покажаа убаво тие, најекспресивни во уметноста се наказите. Тие се за чудо, ама вистина е, многу попривлечни за сликање од ангеловидните. Тоа всушност го знаеше многу добро и Достоевски. Знаеше дека читателот многу повеќе ќе ги запамети во „Браќа Карамазови“ и другите негови дела убијците и злосторниците, отколку божествените аскетски ликови како што се, на пример, Алјоша, Зосима и кнез Мишкин. Па, по таа аналогија, и нашите идентитетски ликвидатори за жал ќе бидат позапаметени дури и од некои наши херои. Тоа е проклетиот закон на меморијата, оти во историјата, по таа аналогија, е запаметен Херострат, кој го запалил најубавиот храм во антиката посветен на божицата Артемида, но не е познат неговиот строител. Така и нашите херострати од македонскиот идентитетски геноцид нека не се грижат за својата историска „слава“. Си ја обезбедија „чесно“ со своето злосторство.
Лага до лага. Потоа на изборниот циркус беше и лагата на тие што нè спепелија, дека се каат за грешките што ги направиле, барајќи од народот, кој го сметаат за глупав, да им ги прости оти ако повторно ги избере, сега ќе му донесат егзистенцијален рај. Па, толку многу да бидат недоветни, драг читателу, по сиот пустош што го направија! Неверојатно! Па, тие немаат никаков морален капацитет за да се шлепуваат етички сакати на најубавата и најбожествена институција што ја воспостави Исус: Проштевањето. Тоа.
И останува уште една нивна глупост од изборот што го направиле, формулирана во нивната изборна кампања: „Нема откажување од иднината“, со која како да мавтаа над вратот на народот како она страшно сечило од прозата на Е.А. По, а со поттекст дека ако се вратат пак на власт, ќе дораспродадат и докусурат сè што доостанало од македонскиот мемориски имот. И тој нивен слоган, драг читателу, е како што би рекол апостол Павле „празна ѕвечалка“, оти немаат љубов кон ништо друго кон татковината освен кон грабеж и распродавање на туѓинци нејзините богатства за своја лична корист. Оти тие, пак, ништо и не знаат за иднината, која е апстрактен поим. Да се знае за неа треба да се познава сегашноста, која е исто толку несфатлива за нив како и иднината. Оти, како што вели Елиот, „сегашноста е многу минато и малку иднина“, а Пол Валери на истата тема: „И времето поминато, / народите што ги снема, / сè е длабоко минато / без кое ништо нема“. Така. Ама Пендаровски и Ковачевски ништо не знаат за тоа бидејќи мамето му го плакаа на нашето минато, тие што се прогласуваат за наследници на асномските партизани, на илинденците, па и на Киро Глигоров, плашејќи се да не им го земе некој заедно и со она БЈРМ, кое тие како европски алхемичари го трансформираа во Северна.
Тоа е тоа, драг читателу. Тие не се откажуваат од иднината, ама беневолентно се откажаа од генезата на родот за која, да им ја објасни, Ѓорѓија Пулески ја напиша на 600/700 страници својата „Славјаномакедонска историја“. Ама ни Заев, ни Димитров, ни Таче, ни „нашиот претседател Стево“ не читаат, а и да читаат, опседнати од иднината, изгледа нема да разберат ништо, оти изгледа дека и мозокот им функционира навиен само на апстрактниот часовник на иднината која не ги познава нив. Добро е барем од сè што и тие дојдоа како нивниот сијамски близнак Али на власт како „востаници“, без да прават разлика меѓу востаник и терорист. И добро е што и нивната партија и северни пратеници во парламентот ја „спасија“ Македонија како и УЧК на нивниот сијамски брат по род и љубов. Нив ќе ги памети со векови овој народ, како што го памети историјата Херострат, кој го запали најубавиот антички храм на Артемида. А тие го запалија и спепелија уште поубавиот од него храм, најубавиот во Европа, Македонија. Запалената гламна нивната геноцидна северна тие за малку во изборите лукаво ја скрија и викаа и лаеја по плоштадите и екраните само со „Македонија“ и пееја без срам патриотски песни и играа патриотски ора. Лигуши, како што би рекла Дафина. А сега, откако си заминаа од власта, ама пак се тука оти и смртта не наминува кај тие што не ги сака, повторно ќе ја активираат за кратко скриената под опашка гламна северна, за да доопожарат со неа сè што не е доопожарено од идентитетот. А за тоа тука во секој миг на припомош може да им се најде и нивниот омилен НАТО и другите нивни европски и белосветски сојузници за целосна идентитетска смрт на Македонците, кои никако да ги докусурат. И нема ни да се случи тоа, оти Господ има план за нив, исто како тогаш кога им го прати апостол Павле за да ги подигне, охрабри, возљуби и возвелича како вистинољубив и богољубив народ, давајќи им го за пример на суетните и тврдокорни Ахајци (Грците), кои денес повтеја целосно да го уништат идентитетски него. А за тоа, пак, кај нас најдоа сојузник во СДСМ и нејзините квислиншки челични умови.