Веројатно чукна часот за критичко преобмислување на принципот на „правична и соодветна застапеност“. Секако дека потомок на некогашната албанска комунистичка номенклатура или на врхушката на ДУИ не е со ништо дискриминиран и не треба да има предност. Но, на припадниците на ромската заедница, на Турците јуруци, на Македонците што се деца на рударите од истокот, на Албанците од планинските села, па и на сите деца од работничката класа и од сиромаштијата им е потребна дополнителна помош при нивното образование и при нивниот напредок во кариерата
Дали принципот на „правична и соодветна застапеност“ ја исполнува целта поради која е воспоставен? Јас сум еден од најголемите поборници за „правична и соодветна застапеност“, и тоа за сите слоеви на општеството и за сите идентитети, етнички, јазични, верски, родови, сексуални, расни и така натаму. Современите општества уште од крајот на средниот век се трудат да воспостават системи што ќе овозможат вистинскиот талент да дојде до израз и најзаслужните да дојдат до позициите што ги заслужуваат во едно општество. Притоа, институцијата КОНКУРС, веќе одамна сведена на фарса во Македонија, се смета за најдобра форма за оцена на нечија заслуга (оттаму доаѓа и терминот „систем на заслуги“, кој кај нас често се нарекува „мерит-систем“ по англискиот термин за „заслуга“). Претпоставката е дека системот на образованието овозможува сите да добијат еднакви шанси, независно од потеклото, па влезниот испит (државен испит) треба да го даде најправичниот ранг на кандидатите за влез во државна служба.
Во меѓувреме се изработени многубројни социолошки, политолошки, менаџмент, културолошки и други студии, па науката доаѓа до заклучок дека нештата во реалност функционираат малку поинаку. Стандардизираните тестови често знаат само да ги утврдат социоекономските (и социокултурните) разлики, па потоа и да ги отсликаат во државната администрација, во бизнисот и во другите институции. Оттука, во развиените земји постојано се води дебата и постојано се реформираат државните испити и стандардизираните тестови за да се извлече од нив вградената пристрасност или склоност кон привилегираните слоеви на општеството. Во САД и во земјите од Западна Европа како епитом за оваа привилегија се користи терминот „мрежата на старите момчиња“, затоа што и таму сè уште најелитните позиции во општеството ги зафаќаат бели мажи, потомци на средната или на високата класа, образовани во приватни градинки, основни и средни училишта, родени во најелитните населби на мегалополисите. Ретко се случува некој „херој“ од работничката класа, сиромаштијата или од мигрантските заедници да се пробие низ овие густи мрежи и да се лансира во елитата, а уште поретко некоја „хероина“ успева да го пробие невидливиот „таван од стакло“ што ја сопира во напредувањето. Живееме во епоха кога се бориме против дискриминацијата на трансродовите личности, а уште најголемото мнозинство жени на планетава едноставно не можат да мрднат повисоко од социоекономскиот слој на нивните татковци. За жал, замолкна дебатата за најтешката форма на дискриминација, економската и мизогината, веројатно затоа што не звучат толку модерно како борбата против актуелно атрактивните каузи.
Од овие причини постои принципот на „правична и соодветна застапеност“, наречен уште и „позитивна дискриминација“ и „афирмативна акција“. Доколку некоја група брои над половина од населението, а ги има далеку помалку во државната администрација, бизнисот и другите институции, како жените на пример, тогаш легитимно е прашањето што ги кочи припадниците на овој сегмент од општеството. Нормално, секогаш најжешки се темите околу расната, етничката, верската, јазичната и другата форма на дискриминација.
Во Македонија праведна беше борбата на Албанците за рамноправност. Беа далеку подзастапени во сите сфери на живеењето. Принципот на „правична и рамноправна застапеност“ си даде и резултати. Зголеменото учество на Албанци во институции придонесе и кон тоа двете доминантни заедници во Македонија подобро да се запознаат и да си ги увидат сличностите. Нашата главно јазична разлика е како онаа тенка лушпа помеѓу два слоја кромид. Преостанатите аспекти на нашите животи се горе-долу исти или многу слични, како семејните вредности, очекувањата, надежите, стравовите и така натаму.
Меѓутоа, повторно реториката на најистурените перјаници на ДУИ, во последно време создава сериозни проблеми и го продлабочува меѓуетничкиот јаз. Никој не може да ги убеди Македонците во легитимности и во исправноста на спроведениот попис. Бројките се и повеќе од смешни, а предложените мерки за нешто што се нарекува „балансер“ не ни заслужуваат коментар. Да биде иронијата уште поголема, вицепремиерот за рамковен договор или како веќе и да се вика, иако раководи со установа што треба да промовира рамноправност и меѓуетнички соживот, всушност дејствува во целосно спротивен правец. Тој дава дискриминаторски изјави против Македонците, се фали со нерамноправноста и со нарушениот меѓуетнички баланс во институциите, па уште и промовира своевиден етнички триумфализам.
Веројатно чукна часот за критичко преобмислување на принципот на „правична и соодветна застапеност“. Секако дека потомок на некогашната албанска комунистичка номенклатура или на врхушката на ДУИ не е со ништо дискриминиран и не треба да има предност. Но на припадниците на ромската заедница, на Турците јуруци, на Македонците што се деца на рударите од истокот, на Албанците од планинските села, па и на сите деца од работничката класа и од сиромаштијата им е потребна дополнителна помош при нивното образование и при нивниот напредок во кариерата. „Полето за игра“ за нив е неправедно поставено, а на нозете им се ставени огромни тегови и вериги, кои оневозможуваат да се види сиот сјај на нивните личности. Да не зборувам, пак, колку далеку потешко е за жените од овие слоеви. Сите нѐ потресе филмот за жената пчелар од јуручката заедница, но до ден-денес нема ниту една конкретна акција, политика или дискусија за подобрување на нејзината економска, социјална или образовна состојба. Не само тоа туку актуелната власт си подигрува и со темата приватизација на здравството, што дополнително ќе ги влоши шансите за сите овие групи.
Нам ни е потребна „правична и соодветна застапеност“, но втемелена на социоекономска и на родова основа, а Министерството за политички систем нема експертиза да влезе во оваа тематика, а нема ни желба. Засега тоа тело е само производ на еден етнички триумфализам и полека станува симбол за неправда.
Во 2023 година, во Македонија дискриминацијата веќе одамна нема исклучиво етничка црта, дискриминацијата и кај нас, како и во секоја пазарна економија, е социоекономска, а државата мора да поведе сметка да го израмни полето за игра и натпревар. Главен стожер на оваа политика ќе биде сериозно вложување и спас на јавното образование и на јавното здравство, преобмислување на системот за социјална заштита и нова „правична и соодветна застапеност“, но овој пат со резервирани квоти за социјално најранливите слоеви, за жените и за непривилегираните етнокултурни групи. Граѓански обмислена „правична и соодветна застапеност“ е најсериозен штит од кој било етнички шовинизам.
Ивица Боцевски