Заедно против молкот: Етичко информирање за родово базираното насилство

„Светот нема да биде уништен од оние што прават зло, туку од оние што ги гледаат без да сторат нешто“ – Алберт Ајнштајн

Во време кога насловите постојано се натпреваруваат за нашето внимание, едно мошне важно прашање честопати се губи од хоризонтот: претставувањето на родово базираното насилство во медиумите. Од начинот на којшто (ќе) се третира овој проблем во општествени рамки, вклучувајќи ја тука и јавната комуникација, ќе зависи дали проблемот ќе продолжи да постои или, пак, ќе се отвори патот за негово постепено решавање. Во овој процес медиумите играат исклучително голема улога.
На глобално ниво загриженоста околу справувањето со родово базираното насилство постојано расте. Движењето #Metoo, кое започна во САД и се прошири низ светот, изнесе на виделина голем број случаи каде што медиумите или молчеле или лошо постапиле околу извештаите за сексуално вознемирување и напад. Случаите од висок профил, како оние поврзани со наводите против холивудскиот магнат Харви Вајнштајн, го покажаа не само индивидуалното недолично однесување туку и медиумските неуспеси во известувањето за такви прашања. Медиумите во Велика Британија се соочија со бурни реакции околу начинот за кој известуваа за случајот со Сара Еверард во 2021 година, при што критиките укажуваа на постојаното нагласување на мерките за безбедност што треба да ги преземат жените наместо соодветно да се адресира проблемот со насилството врз нив.

Несоодветното известување, без почитување на етичките стандарди, многу лесно може да има спротивен ефект и да придонесе за поголема дискриминација и родова нееднаквост во општеството. Алармантноста на овој проблем не може да се прецени, а медиумите мора да ги препознаат својата моќ и одговорност.

Неодамнешната анализа што ја спроведе Институтот за комуникациски студии, со поддршка од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), потврди дека на темите поврзани со родово базираното насилство не им се дава приоритет во медиумското известување. Кон недоволното известување придонесуваат доминацијата на дневнополитичките случувања, ограничените ресурси во редакциите, недостигот од специјализирани новинари, отсуството на извори и перцепцијата дека овие теми не се од примарно значење во информирањето. Јасно е дека постои потреба од посеопфатно и континуирано известување за родово базираното насилство, а на сториите на оваа тема вообичаено им недостига континуитет. Сепак, најголемиот предизвик лежи во отсуството на јасна уредувачка политика, како и упатства што би им помогнале на новинарите во насочувањето на наративот во вистинскиот правец.

Конзистентноста во информирањето е клучна. На тоа, меѓу другото, упатуваат и Препораките за медиумско информирање за родово базираното насилство, коишто произлегоа од анализата на Институтот за комуникациски студии. Тие, пред сè, ја нагласуваат важноста на вистинитоста, емпатијата и одговорноста во информирањето. При известувањето за родово базирано насилство, од клучно значење е да се зачуваат достоинството и приватноста на преживеаните, да им се обезбеди можност да ги споделат своите искуства, но и да се поттикне подлабоко разбирање на проблемот и позитивни промени во општеството.

Проблемите поврзани со родово базираното насилство не се изолирани инциденти. Тие се длабоко вкоренети во општествените структури и во културните норми. Поттикнати се и се одржуваат преку родовата нееднаквост и постојаното повторување на штетните ставови кон мажите и жените, кои се манифестираат во различни форми, како што се семејно насилство, сексуален напад, вознемирување, трговија со луѓе итн. Во препознавањето на коренот на овој проблем, професионалното и одговорно медиумско информирање е клучно.

Во основата на одговорното новинарство од особена важност е да се избегне сензационализмот, бидејќи таквото известување може да доведе до тривијализација на проблемот, до зајакнување на стереотипите или да предизвика штета или повторна виктимизација на преживеаните. Новинарите мора да се воздржат од објавување чувствителни информации без да добијат согласност за тоа или, пак, без да го проценат влијанието на таквото информирање врз јавноста.

Едно такво новинарство ја препознава повеќеслојната реалност на родово базираното насилство. Преку инклузивно информирање за овој проблем, се истакнува битката и на маргинализираните заедници, ослободувајќи го пејзажот на гласови што информираат, но и трансформираат. Со истакнување на предизвиците со кои се соочуваат различни групи, новинарите можат да поттикнат развој на услуги за поддршка што се достапни и релевантни за сите преживеани, без оглед на нивниот идентитет или социјален статус.

Во свет обземен од социјалните мрежи, вистината е на само еден здив од лагата. Оттука, проверката на фактите е штитот којшто најмногу може да помогне, заштитувајќи ги преживеаните и општеството од штетата на погрешните наративи. Само така ќе се отвори патот на довербата, а и автентичноста.

Наративот околу родовото насилство не е само медиумска одговорност – тоа е општествена обврска. Секоја приказна што ја раскажуваме, секој глас што го воздигнуваме и секоја вистина што ја ставаме во центарот на вниманието има моќ да ги преобликува размислувањата, да ги оспори длабоко вкоренетите предрасуди и да поттикне промени. Но, битката против родовото насилство е заедничка одговорност. Новинарите, институциите и заедниците мора да се обединат во оваа битка, залагајќи се за свет што цврсто стои против насилството и ги урива токсичните норми. Со тоа, новинарските стории не само што ќе информираат туку и ќе инспирираат, поттикнуваат и водат кон промена.

Надвор од самите приказни и наслови лежи еден подлабок императив. Тоа е потреба да се негува средина на разбирање и емпатија, каде што преживеаните нема да бидат само статистика туку гласови што треба да се слушнат и да се разберат уште во самиот миг. Преку колективна акција, постојана одговорност и посветеност на етичкото известување, не само што ќе се овозможи да се преобликува наративот туку и како општество да се потсетиме дека безбедноста, слободата и сигурноста се универзални човекови права.

(respublica.edu.mk)