Заедничката руско-бугарска историја

Треба искрено да се каже дека заедничката историја на рускиот и бугарскиот народ често била предмет на спорови и дебати во историската наука и во политичкиот живот. Колку што имало љубов толку имало спорови и кавги. Сега се настојува да се искористи европското влијание да се превртат фактите на руска штета, а во бугарска корист, онолку колку што е можно. Да се намалуваат руските заслуги, да се зголемуваат бугарските. Проевропските Бугари сега би сакале да ја сменат таа заедничка историја, да ги избришат од книгите тие факти

Новата политика и новите политичари на Народна Република Бугарија не само што се обидуваат да ја фалсификуваат историјата на Македонците и на други народи туку прават сериозни напори да ја фалсификуваат и својата поранешна. Во високата политика на Софија на највисоко ниво се официјализирани доктрината и потребата за пишување на новоосознаената „историска вистина“, како што ќе ја презентираат специјалисти, историчари, академици во БАН и научници на софискиот универзитет. Предвидени се огромни средства за таа намена, се ангажираат професионални и експертски лица, географичари, антрополози, дури и квазиисторичари и скрибомански аматери. Такви, како последниве, наоѓаат и ги користат и овде во Македонија.
Притоа не го опфаќаат само за нив срамниот комунистички диктаторски период, од кој наводно се исчистиле и ослободиле, туку задираат и подалеку во минатото. По мешањето и посегнувањето кон македонската, активирани се предизвици за преиспитување на историјата и територијата на дел од Србија. Единствено што се мирни и за што не смеат да цивнат се историските односи со Грците, иако Бугарите до ден-денес жалат што со Букурешкиот мировен договор од 1913 година не им е даден морскиот град Кавала, кој упорно го бараа. Исклучок се екстремните националистички кругови во кои сѐ уште се тврди дека Бугарија е оштетена и дека Кавала е бугарски град. Да не говориме за Егејска Македонија, за која исто така велат дека е нивна, но за тој дел не смеат уста да отворат. За неа нема жалопојки и трагикомични напрегања како за Северна Македонија.
Во поновиот контекст на историските преиспитувања на удар е и Русија. По руската инвазија на Украина, од делови од бугарската политика, од нивни партии и историчари се оспоруваат руските заслуги за неколкуте ослободувања на бугарскиот народ од туѓи владеења. Неодамна Советот на Софија го одобри отстранувањето на Споменикот на советската армија. Споменикот е изграден и поставен како израз на благодарност од бугарскиот народ за заслугите на Русите во ослободувањето на Бугарија од фашистичкиот режим во Втората светска војна. Тоа е конкретниот чекор, има доста други барања во насока за преправање на минатото што не е во нивна полза.
Нормално е која било држава, ако почувствува потреба или ако тоа го бара времето, да си ја преиспитува својата историја, нормално е да се врши ревизија и да се прават корекции базирани на факти и вистини. Неоспорно е дека Русија и Бугарија во неколку војни и историски пресвртни периоди имаат сложена вековна заедничка историја. Далеку повеќе и подолго отколку што има Бугарија со Македонија. Во Бугарија, меѓу политичките лидери и обичниот народ, долги периоди Русија е сметана за земја мајка. Мајка хранителка. Така е третирана во историски читанки, во докторски дисертации, во политички и партиски декларации.

Тоа не се однесува само за комунистичкиот период туку таа преданост задира далеку во минатото.
Во врска со горенаведеното, би сакал да споделам и едно лично искуство што ги потврдува зборовите. Во пролетта 1988 година бев гостин на весникот „Отечествен фронт“, орган на нивниот Народен фронт, пандан на нашиот тогашен ССРНМ – Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија, чиј формален орган беше весникот „Нова Македонија“. Јас бев главен уредник на македонскиот главен весник. Нивна беше љубезната покана за дружење, размена на мислења и воспоставување идна можна соработка. Организаторите одбраа да ја посетиме Централна Бугарија, да видиме неколку града, меѓу кои и родниот град на главниот уредник, мојот домаќин. Мое барање беше да видам дел од Пиринска Македонија, културно ми го одбраа Рилскиот манастир. Не зажалив што ја видов убавината на овој импозантен црковен комплекс.
Претседателот на Отечествениот фронт ни даде на располагање еден од неговите големи службени „мерцедеси“, со завесички на задните прозорци. И со возач, кој секогаш кога останувавме накратко насамо ми кажуваше дека е Македонец, без задршка. Не бугарски Македонец или македонски Бугарин, туку Македонец. Првата дестинација беа градовите Стара Загора и Казанлак. Во Загора беше најголемата фабрика за производство на пушките „калашников“, а казанлачката котлина нашироко позната како долина на розите. Таа своевремено беше ареа на познатите масла од рози, основа за скапи француски парфеми и евтини бугарски ливанта.
Оттаму се качивме на блиската Шипка. Ридот Шипка е (или беше) свето место за Бугарија и Бугарите. На тој висок превалец се воделе четирите битки меѓу силите на Руската Империја и Отоманското Царство, кои се дел од Руско-турската војна од 1877 и 1878 година. На страната на Русија учествувале и Бугари, а делумно Финска и Романија, а како доброволци борци од Грузија, Ерменија, Србија и Македонија. Историските факти говорат дека Русите, со многу жртви, извојувале голема победа, ја ослободиле Бугарија и тргнале на Цариград.
Во знак на благодарност кон Русите, таму има подигнато своевидно светилиште, монументален споменик и еден прекрасен, импозантно архитектонски обликуван манастир, со благословено име „Рождество Христово“. Парите се дарение од рускиот народ, жителите на Шипка го дале плацот бесплатно. Манастирот е конечно изграден, зографисан и осветен во 1902-та. До 1934-та бил на Руската православна црква, по што советското водство под Сталин ѝ го отстапил на Бугарија. Кога луѓето по разгледувањето излегуваат од внатрешноста на манастирот, попот или водичот им кажува дека секој што бил тука станува половина Бугарин.

Во поново време бугарските историчари вложуваат големи напори да докажат дека битката на Шипка не е дело на Русите туку дело на Бугарите. Ги минимизираат бројките на руските војници и жртви, а ги максимизираат бугарските. Тоа, во основа, е резултат на поделеното бугарско општество, во кое еден добар дел се однесува со омраза кон сѐ што било и е руско и друг дел што сѐ уште Русија ја смета за нераскинлив дел од бугарското минато и иднина.
Во близината се наоѓа и едно монументално здание од комунистичкиот период. Тоа е зданието Бозлуџа, посветено исто така на рускиот народ како повторена и обновена благодарност од страна на бугарскиот народ за неговите ослободувања и општиот напредок. Таму, низ слики, низ масовни сцени, впечатливи мозаици и други изразни уметнички форми, од метар до метар, хронолошки е прикажана бугарската понизност кон Русија. Од пречекот на Русите со леб и сол до последната братска прегратка со Црвената армија.
Во самиот центар на Софија се издига гордо Храмот – најголемата црква во Бугарија, патријаршиска катедрала на Бугарската православна црква. Изградена е во 1908 година, со посвета и во слава на Свети Александар Невски и на сите руски војници загинати во Руско-турската војна. Невски е познат по победата над Тевтонскиот ред во битката кај Чудско Езеро, прогласен за светец од Руската православна црква. Одлуката за градење била донесена уште во 1879 година. Дадени биле неколку предлози за местото на црквата и првично бил избран светиот град Велико Трново. Но откако за главен град била избрана Софија, Собранието решило храмот да се изгради во главниот град. Камен-темелникот бил поставен на 3 март 1882 година, датум одбран за одбележување на четвртата годишнина од потпишувањето на Санстефанскиот договор. Познато е дека Русите застанале на бугарска страна и им дале големи територии.

Треба искрено да се каже дека заедничката историја на рускиот и бугарскиот народ често била предмет на спорови и дебати во историската наука и во политичкиот живот. Колку што имало љубов толку имало спорови и кавги. Сега се настојува да се искористи европското влијание да се превртат фактите на руска штета, а во бугарска корист, онолку колку што е можно. Да се намалуваат руските заслуги, да се зголемуваат бугарските. Проевропските Бугари сега би сакале да ја сменат таа заедничка историја, да ги избришат од книгите тие факти. Книгите се менуваат, но градбите не се уриваат. Колку и да сакаат, не можат да ги урнат споменичните сведоштва што се на бугарска почва а се во руска слава. Таа нивна заедничка историја, колку и да се негира, ја штитат светилишта, световни и духовни градби, цркви и манастири. Такви руски светилишта и градби има во Бугарија. Во Македонија нема бележити оставини што би сведочеле за некаква заедничка историја, како што се обидуваат да им наметнат Бугарите на Македонците.

[email protected]