За енергетиката во Македонија: околу природниот гас (1)

Значи, природниот гас е стигнат во Скопје пред околу 25 години, но не се направи дистрибутивна мрежа за негово масовно користење. Може да се каже дека досега имавме на располагање гас во изобилство, а градот Скопје сѐ уште се задушува од загаден воздух, најмногу од системите за греење. Зошто се чекаше 25 години и сѐ уште се чека?

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува, иако сме на почеток на летото, кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. Во овој напис ќе се осврнам главно на природниот гас, кој има и ќе има голема улога во вкупниот енергетски биланс кај нас и во светот. Веќе неколку години се одвива голема инвестициска активност во изградба на магистрална гасоводна мрежа низ цела Македонија.
Во јавноста често се употребува зборот плин. Тоа е збор од хрватскиот јазик и има исто значење како и гас. Во поранешна Југославија гасот како гориво првин се појави во Хрватска, а подоцна во РМ транспортиран во плински боци. Зборот плин е особено одомаќинет кај нас во контекст на шпорет на плин, плинска боца, плин како гориво за автомобилите итн.
Денес во РМ природен гас пристигнува преку еден гасовод од Бугарија (руски гас), граден од 1993 до 1997 година, како почетна инвестиција на компанијата „Макпетрол“. Користењето на гасот започна во 1998 година, и тоа само од големи потрошувачи во Скопје (мал дел во Куманово и Крива Паланка). Долги години гасоводот беше користен со 10-15 проценти од номиналниот капацитет, бидејќи не беше изградена дистрибутивна мрежа до потенцијалните потрошувачи. Тоа сигурно се одразува(ше) на цената на гасот и на рентабилноста на гасоводниот систем. Искористеноста на гасоводот порасна на околу 35 отсто по изградбата на „Те-То“, што значи сѐ уште е доста под номиналниот капацитет. Инаку, капацитетот на гасоводот е 800 милиони нормални кубни метри природен гас годишно.

Значи, природниот гас е стигнат во Скопје пред околу 25 години, но не се направи дистрибутивна мрежа за негово масовно користење. Може да се каже дека досега имавме на располагање гас во изобилство, а градот Скопје сѐ уште се задушува од загаден воздух, најмногу од системите за греење. Зошто се чекаше 25 години и сѐ уште се чека?
Се очекува дека по околу пет (и повеќе) години треба да почне поширока потрошувачка на гасот кај нас, особено во системите за индивидуално и централно греење. Но штета е природниот гас да се користи директно само за греење простории во кои температурата треба да биде 20 Целзиусови степени. Многу порационално решение е изградба на постројки за комбинирано производство на електрична енергија и топлина, наречени и како постројки со когенерација. Тоа е истовремено производство на електрична и (корисна) топлинска енергија во една постројка. На тој начин се искористува и до 90 проценти од расположливата енергија на гасот, а кај гасните термоцентрали искористеноста е околу 50 отсто. Таков пример е „Те-То“ во Скопје, кое работи веќе десет години, има 220 MW електрична моќност и 160 MW топлинска моќност. Но вакви комбинирани постројки може да бидат и со помал капацитет, на пример за топлификација на помали градови, потоа за вкупни потреби на болници, хотели итн.

Наскоро треба да биде изградена дистрибутивна гасна мрежа и се очекува помасовна употреба на природниот гас во домаќинствата. Но во моментов не се знаат многу работи како ќе се остварува тоа. За индивидуалните станбени објекти (куќите) решенијата се поедноставни. Кај нив може да се инсталира систем за сопствено централно греење (топловоден котел поврзан со цевководи со грејни тела). Но каков систем да се инсталира во колективните станбени објекти (зградите), дали систем со еден заеднички топловоден котел и заедничка цевководна мрежа за цела зграда или посебни (поединечни) системи, со котел во секој стан и одвоена цевководна мрежа? Се наметнуваат технички прашања и за подготовката на топла (санитарна) вода и за користењето на гасот за готвење. Кај постојните системи за греење и термичките системи во индустријата што користат јаглен, мазут и нафта итно да се изврши замена на горивото со природен гас. Ова е особено важно за урбаните средини, заради избегнување на загадување на воздухот.

Д-р Ристо Цицонков

(Авторот е редовен професор на Машински факултет – Скопје, а во текот на следните денови ќе биде објавен втор дел од написот)