Дали е конечно мртов блискоисточниот мировен процес? Низ историските читанки се среќаваме со описи за голем број водачи – успешни, катастрофални, визионерски, популистички, добри, злобни и така натаму. Сите тие успевале низ времето да ги обединат надежите или стравовите на своите заедници, па да ги поведат кон излезот и кон успехот, или кон бездната и кон исчезнувањето од историската сцена. Меѓутоа, во мојот живот сведочев и на ретките моменти на триумф на водачите што му даваа надеж на светот, но, за жал, и на пропаста на нивните сништа. Бездруго, во лига сама за себе остануваат Нелсон Мандела и Јицак Рабин, а пак во еден друг дел од спектарот е Михаил Горбачов.
Нелсон Мандела и Јицак Рабин решаваа сосема различни проблеми, во целосно различни контексти, дури и заемно спротивставени, но сепак со иста цел и во потрага по истото прашање – како да му обезбедам на мојот сложен народ траен мир и негово целосно вклучување со локалните, регионалните и глобалните текови. И Нелсон Мандела и Јицак Рабин доаѓаа од самото јадро, од самиот епицентар на нивните заедници. Мандела беше херојот на црната Јужна Африка, човекот што ја преплаши белата владејачка класа и ѝ покажа колку е, всушност, слаба и кршлива. Рабин, пак, беше олицетворение и отелотворување на новата израелска национална држава, единственото место во светот каде што веќе никогаш не смееше да се повтори холокаустот, дискриминацијата од европските гета и исклучувањето на Евреите од општествениот живот. Рабин беше симбол на блескавата серија израелски победи со кои новата нација се легитимираше себеси и ги изгради своите основачки митови, победничкиот генерал на новиот еврејски Давид, кој што вмаршира во Ерусалим, градот каде што со векови неговата заедница копнееше да се врати „следната година“.
Својот политички капитал Мандела можеше да го вложи во сосема друг правец. Апартхејдот беше морално банкротиран поредок, а црнечкиот отпор, обединет во Африканскиот национален конгрес, беше неприкосновен победник во неколкудецениската борба против изопачениот режим. За среќа, Мандела го избра патот на помирувањето, патот на интеграцијата, патот на обединувањето. Тој лесно можеше да ја избере врвицата на неговиот соборец од соседно Зимбабве, Роберт Мугабе, кој допушти поривот за одмазда да го ослепи и да го одведе во бездната.
Денешна Јужна Африка е многу сложено општество, со голем број проблеми, но барем се труди да го најде балансот каде што секоја личност, заедница, етникум, слој и раса ќе си го пронајдат својот влог во државата и ќе си го бараат своето парче среќа. Многу е полесно за еден лидер да им се препушти на поривите на глутницата, да ги послуша тие што намирисале крв, па врескаат дека „чукнал часот“, бараат „конечни решенија“, цртаат и прецртуваат граници и сонуваат за етнички чисти територии. Тие кратки моменти од историјата кога разумот е победен потоа бараат години, децении и векови за излез од беспаќето и за излез од безумието. Не случајно оставината на Мандела ја изгради современа Јужна Африка во земја на Г20, БРИКС и стожерна држава на црна Африка.
Јицак Рабин, исто така, го препозна историскиот момент за својот народ. Израел тогаш и денес е реалност, израсната врз колективната траума на Евреите по холокаустот и на стремежот за сопствена татковина, парче земја каде што овој напатен народ ќе биде свој на своето. Израелскиот народ јасно ја покажа својата волја да си ја гради, да ја брани и да ја развива својата држава. Не случајно израелските успеси во образованието, медицината, технологијата, земјоделството, инженерството и сите други области служат за пример, а и за завист на многу други нации. Меѓутоа, Рабин препозна дека иднината на Израел лежи единствено во траен мир помеѓу Израел и Палестина, изградба на идната палестинска држава, траен мир со сите соседи и целосна политичка, економска и културна интеграција на Израел во неговиот поширок регион. Единствено еден лик, со политичкиот габарит на Рабин, беше способен да го претстави, да го одбрани и да започне да го спроведува овој проект во израелското општество. Јицак Рабин во почетокот на 1990-тите разбра дека времето на војната заврши и дека дојде времето за преговори и за наоѓање решенија. Исто така, тој увиде дека веќе ништо нема да може да го запре подемот на Израел кога оваа силна и креативна нација своите потенцијали целосно ќе ги вложи во економијата и во културата, наместо постојано да биде во грч од можниот судир што секој час се заканува да ги воведе во нов кошмар. Визијата на Рабин беше препознаена низ светот, па затоа тој беше овенчан со сите глобални признанија што им следуваат на вистинските визионерски водачи. За жал, по неговото убиство Израел никако да успее да ја пронајде врвицата до неговата визија, па се губи по беспаќата на Блискиот Исток.
Минатата сабота Израел беше предмет на брутален напад од военото крило на Хамас. Ништо не може да оправда колеж на цивилно население, на обични граѓани што си го живеат своето секојдневие под светоста на покривот на сопствениот дом. Уште помалку може да се најде логика во масакрирање млади луѓе кои што одлучиле да посетат културен настан, концерт, со јасна космополитска и мирољубива црта. Секако дека одговорните за овој чин мора да бидат изведени пред лицето на правдата и мора да се соочат со последиците од овој грозоморен чин. Израел го има секое право да им го осигури мирот на сопствените граѓани, со употреба на сите легитимни средства на правната држава што му стојат на располагање.
Но, сосема се оправдани и повиците Израел да се врати на патот поставен од Рабин за постигнување траен мир со Палестина и со целиот регион. За негова среќа, Израел е едно бучно општество, културно длабоко интегрирано со западниот свет, па лесно може да ја следиме нивната внатрешна дебата. Деновиве е навистина привилегија можноста да се чита англиското издание на прочуениот израелски дневен весник „Харец“. Восхитува поривот на израелското општество да се пронајде патот за справување со теророт на Хамас, без притоа Израел да си ја изгуби душата и да заталка во неизвесното.
Новиот блискоисточен конфликт е нова невралгична точка во поширокото соседство на Македонија. Сите оние што мислеа дека Украина е далеку и дека тамошниот судир нема последици за Македонија може лесно да ги увидат своите заблуди кога ќе ги погледнат своите сметки во супермаркет или на бензинска пумпа. Брановите од вечно нестабилното подрачје на Блискиот Исток допираат и до Балканскиот Полуостров, а секако дека можната ескалација на тамошниот судир ќе се одрази и на овој дел од светот. За жал, македонската дипломатија никогаш не се стекна со продлабочено знаење за овој дел од светот иако имаше одлична основа од поранешната југословенска федерација, а не ни изгради присуство што е неопходно за следење на состојбите што ја загрозуваат и македонската национална безбедност.
Во моментов никој не може да процени како, кога и каде ќе заврши судирот помеѓу Израел и Хамас. Јасно е дека Израел мора жестоко да одговори на дрскиот терористички напад на израелска почва и да ги казни виновниците. Јасно е и дека потоа ќе треба сериозни ликови да седнат на зелена маса и да бараат траен мир помеѓу Израел и Палестина, со меѓународно посредство и со вклучување на целиот регион. Веројатно на таа маса нема да има место за многумина од лидерите во Израел што ја изместија земјата од врвицата на мирот поставена од Рабин, но и за вжештените глави од Хамас со апокалиптични визии. Продолжен судир во регионот одговара токму на овие политички истрошени сили што во хаосот на војната се трудат да најдат еликсир за обнова на нивните политички кариери.
Израел изгуби скапоцени две децении во кои требаше да се исцрта еден нов и поинаков Блиски Исток, да се постават темелите на трајниот мир и целиот регион да појде да си го бара својот просперитет. Настаните од саботата треба да бидат лекција и за овој дел од светот. Компромитацијата на разумните политички сили значи дека следната рунда преговори ќе се водат со безумните радикали, како и дека популизмот, национализмот и шовинизмот може да помогнат некој да ги добие следните избори, но по цена на загрозување на мирот и спокојниот живот на сопствените граѓани и на следните генерации. Врвицата на вечната војна води само кон вечен кошмар.