Дали некоја друга земја–кандидат за членство во ЕУ некогаш се соочила со „македонските“ условувања и дали ќе има и потешки прашања за време на преговори од „бугарскиот предлог“? Не! Малку подолг одговор на прашањето бил дека идентитетските прашања, името и историјата никогаш не биле дел од чии било преговори со Европската Унија.
Една од главните причини зошто европскиот проект досега е успешен е токму фактот што таканаречените тешки теми, врзани со политичкиот суверенитет, идентитетските прашања и националната безбедност, не биле никогаш предмет на дискусија, дебата или одлучување во форумите на Европската Унија или претходно Европската економска заедница. Историјата уште нема дадено конечен одговор дали неуспехот на идејата за создавање „западноевропска унија“ и заедничка западноевропска војска бил позитивен или негативен развој на настаните за европската интеграција, но факт е дека пропаста на овој концепт ја пренасочува енергијата кон изградбата на „заеднички европски пазар“. Притоа, редно е да се потсетиме дека создавањето на европските институции, тогаш западноевропски, под закрилата на американскиот безбедносен чадор, тогаш претставува и политика на демократизација во сите земји–основачи на Европската економска заедница, претходничка на ЕУ. Франција, Италија, Германија и земјите на Бенелукс биле диктатури или окупирани земји, па по Втората светска војна тие повторно ја започнуваат нивната демократска врвица. Наедно, премногу се свежи сеќавањата и на рововската касапница од Првата светска војна, но и на сите ужаси од Втората светска војна. Ниту една од земјите тогаш не е подготвена за соочување со сеништата од своето најскорешно минато. За Италија тоа е предолгата фашистичка диктатура, влезот во сите воени авантури, суровата граѓанска војна, губењето на сите колонии, новите граници и судбината на раселените Италијанци. Германија, пак, како бреме ја носи вината за избувнувањето на војната, холокаустот, системското прогонување на „нижите раси“, воената окупација на безмалку целата континентална Европа, воените злосторства, како и милионските колони германски бегалци од Централна, Источна и Југоисточна Европа, протерани од своите вековни огништа и изгонети во „матицата“. Кај Франција, пак, и кај земјите од Бенелукс темното петно е историјата на колаборацијата што уште долго ќе остава сенишни траги на нивната национална свест. Токму од тие причини европската интеграција не тргнала да се занимава со историјата, со идентитетите и со исправање на националните „криви дрини“, неправди и огорчености. Европа од 1950-тите, 1960-тите и 1970-тите избира да работи и да заборави. Соочувањето со историјата е оставено за некои други генерации, а меѓудржавните односи се растоварени од овие болни теми и прашања. Впрочем, пресвежи се сеќавањата, ровка е земјата над гробиштата и уште мириса незгрутчената крв во воздухот. Не само тоа, туку и актерите на злосторствата се насекаде наоколу, живи сведоци на европскиот историски мамурлак.
Во меѓувреме, нештата од корен ќе се изменат. Студентската 1968 година, меѓу другото, ќе доведе и до нови генерации што ќе започнат да им поставуваат незгодни прашања на своите родители, баби и дедовци. Притоа, тогашна Западна Германија ќе отиде најдалеку во своето соочување со минатото и прочистување на наслагите лоша национална совест, дури дотаму што и 9 мај ќе започне да го прославува како Ден на ослободување од нацистичкиот варваризам. Другите земји од оригиналните шест основачи на Европската Унија малку посрамежливо ќе пристапат кон овие процеси и со далеку помал жар за неопходната внатрешна дебата околу овие теми. Веројатно затоа Европската Унија никогаш не појде во прекугранични дебати за историјата, посебно за најсовремената историја. Штом внатрешните национални дебати околу живата историја предизвикуваат толку страст, жар и неслога, може само да се замисли што ќе се случува ако се отворат браните и се поведат меѓудржавни дебати во официјални меѓудржавни комисии. И ден–денес, академската заедница и цивилното општество се единствените полиња каде што е можна дебата на историски теми, дури и во Западна Европа, како внатре во самите општества така и прекугранично помеѓу државите.
Во меѓувреме, европската интеграција го создаде заедничкиот европски пазар, ги поништи границите во шенгенскиот простор и измисли прекрасни програми за младински размени и соработка. За среќа, сето тоа е лишено од меѓудржавни институционални историски дебати, како и историски комисии што ќе треба да усогласуваат заедничка историја, датуми за одбележување и учебници.
За жал, одамна се заминати генерациите што изворно ги искусија ужасите на Првата и на Втората светска војна, генерациите што живееле и се соочувале со најтешката историја. Да беа повеќето од нив живи, веројатно немаше никогаш да се случува македонскиот пеколен пат кон европската интеграција, поплочен со идентитетски оспорувања и со историско бреме. Лекцијата дека идентитетот и историјата треба да се тргнат од патот на соработката за да не се повторат грешките од минатото повторно не е научена. Има ли поголема плиткост во политичкото расудување и во јавните изјави од повиците дека барањето за промена на македонскиот устав било само „техничко прашање“, како и заклучувањето дека „ништо нема да се промени“ и дека „Македонија може само да добие со уставните амандмани и промената на преамбулата“? Како е можно самото задирање во најчувствителниот аспект на идентитетот на еден народ и на неговата државност да биде само „техничко прашање“? Дополнително изненадува леснотијата со која туѓинците се чувствуваат повикани да даваат совети, да делат лекции и да изнесуваат судови за прашања за кои не би се дрзнале уста да отворат во сопствените земји. Не рекол попусто нашиот народ дека „сто стапа по туѓ грб не болат“, но од највисоки политички должносници и од врвни дипломати се очекуваат далеку поголема пристојност и уште поголема почит кон другиот од ова што го гледаме пред нашите очи во изминатиов период.
Европската интеграција беше возможна само затоа што идентитетските прашања и историјата без исклучени од дебатата и не беа предмет на никакви спогодби. Европската Унија се изнедри како проект затоа што никому не му беше ускратено да си ја крои сопствената национална приказна и да си го негува сопствениот идентитет. Тоа што заедничкиот европски идентитет е прифатлив за сите на европскиот континент произлегува од фактот што заедничкото европско самосознание не оспорува и не ѝ се спротивставува на ниту една национална, етничка, регионална, јазична, верска или друга припадност на европскиот простор.
Оттаму и произлегува македонскиот отпор. Никој не беше принуден да го жртвува сопствениот идентитет на олтарот на европската интеграција. Напротив, секој ја вложи сопствената посебност во изградбата на заедничкиот европски идентитет. Затоа, наместо бесцелни и срамни убедувања време е Европската Унија да им овозможи на македонските граѓани да ја завршат својата внатрешна дебата, конечно да ги сослушаат легитимните грижи и стравови на македонскиот народ, па заедно да изнајдат излез од беспаќето каде што Македонија западна поради личните интереси на еден грст безумници. Времето за притисоци заврши… Ајде конечно да се сослушаме.
Автор: Ивица Боцевски