Тешко ми е да разберам како една голема партија, која сама за себе тврди дека е „државотворна“, не може да ги согледа и анализира причините за својот неуспех, да не кажам фијаско на последните парламентарни избори. Сѐ уште немаат одговор за причините на поразот што ги снајде. А заклучокот е едноставен. Оние што се повеќе склони кон интроспекција и самосвест отколку негирање и одмаздољубивост неминовно ќе дојдат до заклучок дека СДСМ и медиумската елита што ги поддржуваше заборавија на маките на „просечниот“ Македонец – таканаречениот заборавен човек. Поразот дојде токму од потценетите и заборавени мажи и жени на Македонија. Луѓе што работат напорно, но кои веќе немаа глас со власта на СДСМ. Оние шестотини илјади што ги заборави и понижи оваа партија како бројка на референдумот за промена на името на државата. Веселата математика од тоа време им се врати како бумеранг. Ги закопа политички. Оваа партија не беше нивниот глас. Никогаш и не била. Боже, какви дилетанти се продаваат како големи политичари. Изгледа во ваква средина каква што е Македонија секој може да тврди дека е политичар. Без основни познавања за политиката и како таа функционира. Да читаа и анализираа, ќе знаеја дека нема ништо ново, или исклучок, кога се зборува за заборавениот човек. Но, затоа ВМРО-ДПМНЕ и Мицковски знаеја. Мицкоски опоменуваше и нагласуваше дека „громогласниот молк на тивкото мнозинство ќе се трансформира во огромен народен тресок“. И токму тоа се случи. Заборавениот и потценет човек политички ги детронизира „државотворните“. Изгледа за долго време.
Оваа суштинска политичка идеја – дека огромен дел граѓани на нацијата биле занемарени, или биле гледани со презир, секогаш поттикнувала големо престројување во политиката. Како и во Македонија по парламентарните избори годинава. Инаку, терминот на заборавениот човек во политичкиот лексикон го воведе Френклин Рузвелт кога се кандидира за претседател во 1932 година, повикувајќи на политики за помош на „заборавениот човек на дното на економската пирамида“. Ричард Никсон се прогласи себеси за кандидат на „тивкото мнозинство“ кога ја бараше претседателската функција во 1968 година, време на познати бучни антивоени протести и немири во големите градови. Со апелот до заборавениот човек, Трамп ги доби претседателските избори во САД во 2016 година. Отуѓувањето и незадоволството што го придружуваа владеењето на СДСМ последниве седум години беа вешто искористени од сегашната власт, тогаш опозиција, во изборната кампања за парламентарните избори. Изборната реторика на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија повторно горда беше вистинскиот политички лек за сите оние што се чувствуваа маргинализирано и заборавено под власта на СДСМ. Како СДСМ не го виде и почувствува бесот што растеше во Македонија со секое понижување што му го приредуваше на народот, без чувство на грижа и почит за оние од кои се надеваше дека ќе го добие гласот на изборите? Забеганост и корумпираност – нема друго објаснување за слепилото на власта од политичкото цунами што надоаѓаше. Приказната за предадената доблест на заборавениот човек секогаш е собирен крик упатен до политичката елита против изопачувањето на здравото општествено уредување од страна на погрешните политики. Власта на СДСМ беше типичен приказ на понижување и малтретирање и оправдана огорченост кон оние што им го нанесуваа на народот и имаа лична корист од тоа.
Ветувањето дека заборавените мажи и жени повеќе нема да бидат злоупотребувани и игнорирани обезбеди виновник за дислокација и разочарување во политиката. Како што покажаа изборите во 2024 година, успешните кампањи можат да се градат околу ваква реторика. СДСМ да беше сериозна партија, а не профитно друштво, ќе знаеше и ќе се обидеше да ѝ парира на таквата реторика. Напротив, самобендисаната политика на измеќари не можеше да направи ништо повеќе. Освен да биде поразена. Мораше да биде поразена зашто со нив станавме две нации – една болна, една здрава. Затоа нека читаат и нека учат. Никогаш не е доцна. Да, изборите ги доби „заборавениот Македонец“. Политичката реторика на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, го позиционира како глас на „заборавените мажи и жени“ на Македонија. Затоа моралниот и политичкиот предизвик што стои пред него денес е да зборува со сите во Македонија што се чувствуваат заборавено. И да ја направи слободата вистинска, а не само реторичка, каква што беше под власта на СДСМ. Зашто велат дека заборавениот човек повеќе нема да биде заборавен таму каде што има вистинска слобода. Заборавениот човек на Македонија би сакал да биде задоволен од изборот што го направи. И никогаш нема да биде задоволен додека не го види лидерот на ВМРО-ДПМНЕ како се грижи за него, облечен во самодоверба и гордост и неранлива понизност, а не преслечен во илузијата на моќ, слава и важност што оди со функцијата што ја врши. Заборавените мажи и жени ќе бидат тука кога власта ќе има потреба од нив; ќе одговорат кога ќе бидат повикани. Доволно беа заборавани.
Проф. Звонимир Јанкулоски