Во овие тешки времиња во нашата земја, зачестеното дезинформирање на јавноста станува загрижувачка појава. Лажни популистички вести се шират за политички збиднувања, за што секојдневно во медиумите се објавуваат контроверзни деманти и контраодговори. Тоа се однесува и за повеќе информации за воениот конфликт во Украина, чија објективност најмногу зависи дали се од украински или од руски извори. Дилеми често се јавуваат и за францускиот предлог за почеток на преговорите за влез на нашата земја во Европската Унија, како и за здравствената, енергетската и економската криза, а со тоа и за социјалните проблеми, корупцијата и криминалот. Очигледно како да се настојува јавноста самата да расудува што е точно, а што лага, со што голем број консументи сѐ повеќе стануваат пасивни набљудувачи. Со други зборови, наместо отворено да се согледаат кризните состојби, топ-тема станува проблемот со лажните вести како дезинформации со говор на омраза. За ова свој несомнен придонес има сѐ поголемото користење на интернетот, со што се менува и начинот на кој јавноста се информира. Информациите што се објавуваат на социјалните мрежи најчесто потекнуваат од различни извори и се со различен степен на почитување на стандардите за професионално известување. Секако, во такви услови многубројните лажни или погрешни вести стануваат сериозна закана за професионалното новинарство. Познати се сознанијата дека ваквите дезинформации, со манипулации и навредливи содржини, стануваат тенденциозна пропаганда и го поттикнуваат говорот на омраза. Тие, поради сензационалната содржина, се шират за многу краток временски период, создавајќи лажна реалност. Во такви случаи најчесто изостанува задолжителната проверка на факти, не се дава мислењето на другата засегната страна и не се наведуваат изворите, што е во судир со основните законски и етички стандарди и кодексот на новинарството.
Дезинформација е и кога јавно се шират лажни надежи и ветувања дека бргу ќе се стабилизира и подобри ситуацијата со животниот стандард, иако фактите јасно укажуваат дека инфлацијата и сиромаштијата се зголемуваат. Во јули во однос на истиот месец во 2021 година инфлацијата официјално достигна 16 проценти, а трошоците за живот за една година се зголемени со загрижувачки 24,3 отсто. Електричната енергија на годишно ниво е поскапена за 22,2, а транспортот за 24 отсто. Како резултат на сето тоа, во овој временски интервал најмногу поскапеа лебот и житата за 36,5 отсто, месото за 21,4, маслото за јадење за 59,9, млекото, сирењето и јајцата за 23,5 проценти. Речиси сите овие производи продолжија да поскапуваат и во август, особено лебот, бурекот и слични неминовни прехранбени производи. Цената на лебот кај нас подолго време беше најниска, а сега е меѓу највисоките во регионот. Таков е случајот и со вкупната инфлација, која е највисока во Македонија, пред Косово, Црна Гора и Хрватска, а најниска во Србија и во Словенија. Македонскиот сојуз на синдикати објави анализа дека поради зголемени животни трошоци износот на минималната плата од 18.000 денари има реална вредност од 15.120 денари. Вредноста на просечната плата од 31.525 денари е намалена на 36.481 денар. Секако, ова се однесува и за пензионерските примања, а кога се во прашање невработените и социјалците да не се биде во нивната кожа. Не случајно кај поголем број граѓани што имаат евидентен недостиг од средства за преживување се создава сѐ поголема социјална, односно психолошка криза.
Забележителен број дезинформации со тенденциозна содржина и говор на омраза се пласираат и од страна на нашите соседи Бугарија и Грција, при што се присвојува нашата историја и се негира македонскиот национален идентитет. Во двете земји, многубројното македонско малцинство се судира со долгогодишна политика на сериозна асимилација, што е спротивно на Копенхашките европски критериуми. Над една година тенденциозно се шири говор на омраза и на програмата на сателитскиот канал на бугарската национална телевизија БНТ 4 што секојдневно се емитува кај нас. Истовремено, Софија сѐ уште не го реализира договорот за реципрочно емитување во Бугарија на сателитската програма на Македонската телевизија. Со говор на омраза постојано се соочуваат и нашите туристи на плажите на Егејско Море во Грција. На повеќе возила со македонски регистарски таблички им се оштетуваат каросериите со големи гребаници и написи со непристојни содржини, се кршат стакла, се дупчат гуми и слично. Сето тоа е далеку од прокламираниот дух на добрососедство.
Во такви услови новинарската професија станува сѐ потешка и поодговорна за објективно ширење на вистината и сузбивање на лажните вести и говор на омраза. Тоа не значи дека слободата на изразување треба да се намалува, туку напротив, но за нејзина злоупотреба се потребни законски ограничувања. Поради тоа сѐ позначајна станува превентивата, а не куративата, уште повеќе што објавувањето демант го нема потребното значење, бидејќи сега побрзо циркулираат неточни и измислени информации до поголем број луѓе и штетно влијаат врз формирањето на нивното мислење. Истовремено на ваков начин објавените контроверзни и калкулативни информации и клевети полесно остваруваат посакувано манипулирање на јавноста, а со тоа и неморално профитирање. Сето тоа е загрижувачко и за вкупната информативна дејност во државата. Во тој контекст треба да се напомене дека медиумското законодавство кај нас сѐ уште не е усогласено со европското, а државното финансирање на електронски и печатени медиуми е ограничено и нетранспарентно. Со новата медиумска регулатива треба да се прецизира соодветно намалување и на влијанието и зависноста на нашите медиуми од политички или бизнис-центри на моќ. И не само тоа. Во повеќе напредни земји во Европа и во светот се стимулираат истражувачкото новинарство и аргументираната критичка мисла.
И во најновиот извештај на познатата асоцијација „Репортери без граници“ за слободата на медиумите за нашата земја во целина е констатирана сериозна забелешка за опаѓање на општествената доверба во медиумите поради раширените дезинформации и недостиг од професионализам. Осудени се и појавите на притисоци со заканувања, условувања и заплашувања за замолчување и дискриминации на новинари и медиуми, што значи и загрозување на медиумските слободи. Инаку, според пет нови индикатори на светската ранг-листа на „Репортери без граници“, Македонија напреднала за 33 места во споредба со 2021 година и е на 57-то место од вкупно 180. Притоа согледувањата се дека во однос на правната рамка, социокултурата и безбедноста состојбата е задоволителна, додека проблематична е во политичкиот и тешка во економскиот контекст.
Дефинитивно се потребни нови сериозни и добро обмислени зафати за средување и подобрување на медиумската проблематика во Македонија. Со тоа ќе може да се зголеми и граѓанската доверба во нив.
Драги Аргировски
(Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба)