Познато е дека најмногу се лаже по рибарење, за време на војна и за време на избори. Нови избори, стари лаги, стари ветувања.
Во музеј се зборува со шепотење, на митинзи со викање. Така е и на митинзите на партиите во изборната кампања. Фрчат критики, обвинувања, осудувања, невистини, инсинуации, полуинформации, лажни вести, фабрикувани вести. Во тие плетки се ветува дека врбата ќе роди грозје, лозата смокви, работи што личат на поговорката „не умри магаре до зелена трева“.
Не се внимава што сѐ им се зборува и што им се ветува на граѓаните. Како ова да се први слободни избори, како граѓаните да не знаат што се случувало претходно, колку биле изневерувани нивните очекувања. Многу желби, многу ветувања, уште поголеми промашувања. Дебели партиски програми, тенки можности за нивно исполнување. Колку пати досега сме констатирале дека едно пишувало во програмите, а друго се случувало во стварноста?
Хартијата трпи сѐ ама народот веќе не трпи празни зборови и измами. Не се внимава на јазикот што се употребува. А уште светиот апостол Јаков рекол дека „јазикот е оган, најопасен од сите наши органи. Секое животно, било да е ѕвер, птица, влечуга или морско животно се припитомува, или било припитомено од човекот, но јазикот ни еден човек не може да го припитоми. Тој е необуздано зло, полн е со смртоносен отров. Со јазикот го величаме Господ, а со истиот тој јазик ги колнеме луѓето. Од иста уста излегуваат благослови и клетви. Треба ли, драги мои, да биде така“?
Уште старите филозофи ги предупредувале луѓето „да внимаваат на своите мисли зашто мислите стануваат зборови, зборовите стануваат дела, делата стануваат навика. Внимавај на својата навика зашто навиките стануваат дел од карактерот. Внимавај на својот карактер зашто тој станува твоја судбина“. А друг вели „внимавај што зборуваш бидејќи тоа сведочи за тебе, за тоа каков си“.
Пишува во светите книги: што ќе посеете тоа ќе жнеете!
И уште! Има четири работи што не може да се вратат: изговорениот збор, исфрлената стрела, пропуштените можности и поминатите години од животот.
– Чувај се да не говориш сурово и на висок тон бидејќи и едното и другото создаваат впечаток дека си суетен, дека имаш високо мислење за себе, а самиот знаеш дека знаењето ти е на ниски гранки. Кога е потребно да зборуваш добро размисли што сакаш да кажеш, често е подобро нешто да одмолчиш одошто да докажуваш – се стари поуки уште од пред времето на Латините.
Нови избори стари ветувања. Реприза на репризите. „Мање рада – више пара“, би рекле Србите. Македонија ќе плива во милиони. Повисоки плати, зголемени пензии, побогати социјални пакети, бесплатни лекарства. Евра – мевра. Економија, развој, инвестиции, субвенции, трансакции, дилови, молови. Цел лексикон странски зборови што не значат ништо. Образование без учебници, патишта што не водат никаде, мостови кај што нема реки. Борба за географија, демократија, демографија, демагогија.
Историјата како минато и минатото како иднина.
Има мир, нема правда. Граѓаните нема да злопатат од лошите политичари. Борба против корупција, криминал, судии, обвинители, адвокати, извршители, нотари, уставобранители и уставокршители. Сите на слобода, освен невините и чесните. Утре влез во Европа кај што нѐ чекаат брзи возови, меки кифли, еклери, бесплатни француски кроасани, македонски убавици на европски модни писти. Нема иселување ќе има вселување луѓе од Непал и Филипини, од Хаити ако треба. Да се збогати мултиетничноста, да се запишат и тие во Уставот.
Ветувања, ветувања, празни, детски, смешни ветувања.
Изгубена е секоја мера во зборувањето и ветувањата. Нонстоп слушаме и гледаме фантастични приказни за потенцијалите на партиите и за нашата среќна иднина. Не за првпат, најверојатно ни за последен.
Гласачите го гледале тој филм повеќепати. Ај што ветувањата по изборите им се удираат од глава, тој бумеранг им се враќа и на оние што ги даваат тие ветувања.
Сите сме само човечки суштества и како такви, макар и несвесно, често веруваме во истите лаги. Затоа ќе гласаме, барем уште сега. Не е дека надежта не умира, ама умира последна.