Пред да почнам со „визијата“ на Ковачевски, морам да опишам еден пикантен, но и понижувачки чин за Република Македонија, во кој, се разбира, учествува оваа наша надарена влада. Имено, на чествувањето на 75-годишнината од формирањето на НАТО, државниот секретар на САД, г. Ентони Блинкен, објави на Твитер (сега Х) фотографија со сите министри за надворешни работи од земјите членки на Алијансата. Таму го гледаме Османи, среќен што го дружат, но нашето знаме го нема. Уште полошо, заменето е со, пазете, знаме на некакви Северни Маријански Острови во Пацификот. Е, сега е најсмешното. Овие острова ги открил морепловецот Магелан во 1521 година и ги нарекол како? Острови на крадците или Islas de los Ladrones. Значи знамето си го заслужија и можат гордо да го веат. „Грешката“ е набрзина поправена, но интернет сѐ помни.
На дуелот меѓу бившиот премиер, кој тоа никогаш повеќе нема да биде, Димитар Ковачевски, и идниот премиер на Република Македонија, Христијан Мицкоски, првиот цел саат потроши убедувајќи нѐ дека имал визија. А тоа, се знае, е членството во ЕУ. И толку. Како? Знаеме сите. И сите знаеме дека станува збор само за почеток на преговори, а до членство можеби ќе поминат декади. И сите се сеќаваме дека божем преговорите ги започнаа. Гордо, со чашите во рака ни објавија од авионот, уште нестапнати овде. Па, што не преговараат? Лаги, лаги, лаги…
По толку години на власт на партијата на Ковачевски, па и негова челна позиција, тој ни раскажува бајки за некаква визија. На моменти сакаше да личи на Мартин Лутер Кинг со неговата позната: „Имам сон“. Не, Ковачевски нема право на уште една негова неуспешна визија, а најмалку на некаков сон. Бидејќи неговиот сон се претвори во ноќен кошмар за голем број граѓани, кои едвај чекаат да им го видат грбот. Имаше доволно време не само да сонува и раскажува бајки туку да работи. Да работи со ум и без игнорирање на сите што се засегнати од неговите кошмарни сништа. Од него се очекуваше да зборува за отчет и за резултатите од нивното владеење. За визија и чекори што би нѐ извлекле од калта во која нѐ удавија, може да зборува само оној што не бил на власт.
Но, добро беше да чуе народот со каква леснотија и без никакви познавања преговарале во наше име, продавале во наше име и на наша сметка, нешто што макар и полуписмен човек не би прифатил. Ова веќе ме потсетува на еден вечен скеч од групата „Монти Пајтон“, со наслов „Како да направиш?“. Морам накусо да ја претставам идејата на скечот за да извлечеме паралела со нашиве таленти. Во студио седи една група на млади, насмеани, дотерани луѓе и со леснотија дава решенија на грандиозни проблеми, најчесто апсурдни. Па така, за проблемот како да се излечат сите болести на светот, насмеаните водители даваат совет: „Станувате лекар, откривате универзален лек, им го кажувате на сите колеги и пациентите ќе бидат излечени“. И секој совет е во тој стил. Добивам впечаток дека токму овој скеч им дал идеја на нашиве „преговарачи“ како да се справат со најгорливите и за нас многу важни прашања. Патувате, пиете коктели, ручате, ви даваат парче хартија, вие го потпишувате, си честитате и се враќате дома на бел коњ. Тие зад вас ви се смеат, ама вие сте веќе свои на своето, каде што започнувате да го камшикувате и навредувате секој здраворазумен што не е импресиониран од вашите постигнувања.
Пазете, само за шест месеци се договориле со Бугарите и дојдоа овде како шерифи да ни кажуваат дека тоа било најдоброто и единственото можно. Гласајте или ќе ве нарекуваме кочничари на нашиот европски пат. Па така, прифатиле преговарачка рамка во која е внесен целиот договор со Бугарија, нивната Декларација од нивното Собрание, топтан со окупаторските протоколи. Од критериумите од Копенхаген, кои важат за сите други земји кандидати, нема ниту трага. Само уцени, кои се веќе најавени. Немаат ниту заштита ниту гаранции дека нема да ги има. Нашата историја е на распродажба и уште прифатиле услов да се заврши со „историските прашања“ пред почетокот на преговорите. Убаво му објасни Мицкоски дека историски работи сѐ уште расчистуваат Германија и Полска, Франција и Германија, одамна членки на ЕУ. Но кај нас шерифите работат секогаш по принципот сега или никогаш. Како на кванташки пазар кога ви велат: „Земи го ова денес за само 200 ден., утре ќе чини 250 денари“. Одиш утредента, цената двојно се намалила. Ниту опозицијата ја вклучија во процесот, ниту искусни правници, дипломати, експерти од меѓународно право… никој. Народот со над 70 отсто е против, од Македонците над 85 отсто, ама тие имале сон. Добро е што по 8 мај ќе имаат долго време да сонуваат. А каде ќе го прават тоа по сите корупциски скандали и кражби, е тоа е веќе друго прашање. И неговиот „славен“ претходник нам ни продаваше визија, ни го продаде името на државата топтан со нас, а самиот купуваше што стигне. Сето тоа, се разбира, на „балкански начин“ по препораките на тогашниот Јоханес Хан. Не попусто и американската амбасадорка г-ѓа Агелер ни плесна в очи минатата недела дека „во Македонија научила дека сѐ е можно“, дури и гласање уставни измени за време на владеењето на техничката влада. Срам за државата што нема цврст став за вакви прашања, срам за државата што самата не си ги почитува ниту Уставот ниту законите.
За визијата на Ковачевски за економија и благосостојба, замислена се разбира, немам намера да трошам зборови. Наддавањето со плати, пензии, бонуси е трагикомично. Од големо задоволство, секој ден им протестираат пред владата. Ја извадија прескапата ограда од ковано железо (којзнае каде заврши) за да не биле одвоени од народот од кој не се плашеле. Затоа вечно останаа грдите железни огради како во вонредна состојба, со кои се штитат од „задоволните“.
Им препорачувам да се спакуваат мирно и спокојно, без да се вртат назад. Ниту премиер ниту претседател ќе имаат. Оставаат зад себе понижена и уништена држава. Оставаат разнебитени институции и растроени цели системи. Многупати сум пишувала за овој историски крах и нема потреба да се повторувам.
Да се надеваме дека доаѓаат нови луѓе, кои барем ќе се обидат да ги санираат нивните штети и достоинствено да нѐ поведат по европскиот пат. И не се потребни храбри луѓе на кои инсистираше Ковачевски. Бидејќи храбар е и тој, кој ќе се фрли од висока карпа и ќе заврши се знае како. Потребни ни се најмногу умни, образовани и луѓе од струка. Само стручни и чесни луѓе ќе можат да создадат услови за натамошен развој на државата. Народот очекува повисок стандард, стамено образование и наука, здраво здравство, клинички центар пред сѐ во југоисточна Македонија, економија исчистена од гол популизам, беспрекорна инфраструктура, чиста животна околина и многу друго. Очекува подигнување на запустените села, програма за враќање на младите, модерно земјоделство со преработувачка на храна. Очекува да се исфрли глупавиот „балансер“, очекува на ДУИ да му се покаже местото, македонскиот народ очекува повеќе да не е гостин во сопствената држава. Очекува сите делови од народи да ги имаат своите права, по чесно направен попис. Многу е тешко по целосното разнебитување, но мора да се почне со рехабилитација на државата.
Сезоната на распродажби завршува на 8 мај. Нека е со среќа!
Проф. д-р Солза Грчева