Ако Македонија долги години јаде зелени сливи и голта живи жаби за да биде примена на периферијата на европската галаксија, Урдин за кратко време го изоде тој пат и стигна на европското уметничко небо. Само тој си знае што маки тргал, што солзи проронал, колку денови гладувал и ја сонувал својата родна земја додека цртал мали портрети и сликал минијатури на париските плоштади. А, ако не бил мал, никогаш не ќе станел голем
Во средата имав чест да бидам поканет и да присуствувам на настан во резиденцијата на францускиот амбасадор во Скопје. Повод беше доделувањето француско одликување на Киро Урдин, витез на уметноста и на литературата. Колку што е необичен животот на Урдин, толку несекојдневна беше и атмосферата при врачувањето. Колку свечена, толку неформална, пријателска и извонредно симпатична. Без официјален протокол, без препораки кодексот на облекување, црни костуми и вратоврски, но со прекрасни зборови за добитникот и за македонско-француското пријателство, такво какво што е.
Неговата екселенција, амбасадорот Сирил Баумгартнер, инспириран и во топ форма, држејќи се повеќе шармантно пријателски одошто надмено амбасадорски, не штедеше убави зборови за овенчаниот, новопрогласен витез, француски и македонски, истовремено. Еден типичен пример за односи меѓу два народа што не се соседи. Сигурно дека некој далечен ден за Киро Урдин нема да спорат двете држави кому му припаѓа – дали на Македонија или на Франција. Роден во Македонија, за неговиот уметнички Олимп е заслужна Франција. Франција го одликувала, Македонија го подзаборавила. Европски и светски човек во Париз, отворен македонист, жесток патриот во Скопје и родната Струмица.
Ако Македонија долги години јаде зелени сливи и голта живи жаби за да биде примена на периферијата на европската галаксија, Урдин за кратко време го изоде тој пат и стигна на европското уметничко небо. Само тој си знае што маки тргал, што солзи проронал, колку денови гладувал и ја сонувал својата родна земја додека цртал мали портрети и сликал минијатури на париските плоштади. А, ако не бил мал, никогаш не ќе станел голем. Упорен, жилав, речиси тврдоглав кога нешто ќе науми, неговото сликарство го пренесе до светските галерии, си ги смести името и презимето во адресари каде што се запишани и големите ѕвезди.
Неговата кариера е составена од парадокси, својствени само нему, како во животните врвици, така и во уметничките креации. Нема завршено средно уметничко, нема ликовна академија во Скопје. Пред да замине во Франција нема специјална сликарска обука, лиценца. Јазикот му бил познат колку да праша за името на некоја улица и да може да купи сендвич. Завршен правник на Универзитетот во Белград, несуден адвокат и уште понесуден новинар во весникот „Нова Македонија“. По две години поминати во Редакцијата, ја сфати и примени старата препорака според која „новинарството е прекрасна професија ако се напушти навреме“. И замина директно во Европа, без претходно да има каква било врска со НАТО, заедништво што денес е неодминлива судбина за државен опстанок, дури и за лична кариера.
Да не биде неразбрано: она што Урдин не го направи во Македонија, го реализира во Франција. Неговиот интелектуален дух што лебди на седум неба го навлече да се реши преку сликарството да го создаде своето ново раѓање, својот нов живот што не познава граници, државни, мисловни, духовни, религиски, расни. Во Париз, освен уметност, заврши на Академијата за кинематографија, предизвик и дело што му отвори нови светови. Ретко кој Македонец, творец, може да се пофали дека творел на пет континенти. Европа, двете Америки, Азија, Африка, од Мексико до Филипини и Тајван, до племето Драгон во Африка.
Неговиот „Планетариум“, слика, масло на платно, со површина од 48 квадратни метри, тоа е прва уметничка слика што била работена низ половина свет. Идеја да ги интегрира во една огромна слика сите места што ги посетил и да создаде дело што го симболизира светот во неразделна целина. Му биле потребни повеќе од две години, на 32 локации, на пет континенти. И тоа сѐ на свети места, на точки каде што се вртела историјата, каде што се судирале епохите и исчезнувале народите. Монументалната слика цели две години била работена во гробот на Исус, кај Ѕидот на плачот, на остатоците на Берлинскиот ѕид, кај Нерези и Охрид, кај Стоунхенџ и пирамидите во Египет, на Мачу Пикчу, кај Кинескиот ѕид. Треба ли да се набројуваат и други места покрај овие ексклузивни точки одбележани на сите мапи на светот. Истовремено со сликањето, Урдин правеше и документарен филм по свое сценарио, учествуваше на фестивали на независни филмови.
Кога веќе го напишав зборот „независни“, како да добив одговор на прашањето која е тајната на уметничките високи дострели на Урдин. Одговорот најверојатно лежи во неговата интелектуална „независност“, на битките со самиот себе, на неподлегнување на формалности и, особено, на неслушањето разни совети. Ако Урдин е убеден во нешто свое, нема сила што ќе го разубеди и ќе му го промени ставот. Таков е во сликарскиот стил, таков е во политичките и националните убедувања, таков е во личната реторика што ја применува со соговорниците. Таков е и во одбраната на Македонија, на македонизмот, каде било да се наоѓа, со кого било да разговара. Неговата луцидна и жестока мисла се огледа и во еден друг литературен жанр: Киро Урдин има објавено неколку книги со афоризми – над 9 илјади по број. А колку карикатури има нацртано и подарено, знае само тој самиот.
Како јас, авторот на овие редови што ги читате, се најдов меѓу поканетите на овенчувањето на Урдин со титулата витез на уметноста и литературата?
Еве го накратко објаснувањето. Со Киро Урдин сме седеле во иста „новинарска клупа“ како приправници во весникот „Нова Македонија“, во 1971 и 1972 година. Двајцата пишувавме информации од судот. Урдин замина, јас останав да го јадам новинарскиот леб до ден-денес. Оттогаш датира нашето пријателство, нашето меѓусебно почитување, иако не се гледаме многу често.
Нас нѐ врзува и една приватна, семејна нишка. Не е таа роднинска, сватовска или професионална, туку историско-интелектуална, поврзана со народниот херој Јосиф Јосифовски-Свештарот. Овој гевгеличанец, адвокатски приправник во Струмица, во есента 1941 година како инструктор на Комунистичката партија за Македонија бил испратен во Ресенската околија, во која едната половина била под бугарска, а другата под италијанска окупација. Бил еден од иницијаторите за формирање партизански одреди во Преспа и нивни политички комесар. Загинал во октомври 1943 година кај селото Кленоец, Кичевско.
Братот на Киро, писателот Кочо Урдин, во шеесеттите години од минатиот век напиша книга посветена на животот и делото на Свештарот. Подготвувајќи ја книгата, Кочо дојде во Ресен, го посети нашето семејство, од каде што, меѓу другите, се информира за дејноста на херојот во Преспа. Не без причина: во кафеаната на дедо ми во Ресен била партизанската врска, Свештарот ги носел своите извештаи и пораки, а преку татко ми и други припадници на движењето биле пренесувани до соодветните адреси. Во тој период во нашата куќа бил и шапирографот на кој се умножувале илегални писма, прогласи и соопштенија.
Таа епизода Кочо му ја имаше раскажано на Киро кога се запознавме, кога во старата зграда на „Нова Македонија“ летавме со кратки крилја кон далечната иднина. А не бевме само ние двајца. Бевме една генерација на приправници што вреди да се спомене: Златко Блајер, Томислав Ивановски, Веле Смилевски, Димитар Ќурчиев, Перо Миленкоски, Трајче Бошковски, Јасминка Јанева, Софија Ѓуровска, Ружица Паневска, Ванѓа Димитрова. Подоцна секој си го фати својот пат. На тој пат, само Киро Урдин стекна светско име и широка слава. И само тој го виде исчезнатиот свет на Мачу Пикчу.