Вистината е на наша страна и не треба да се премолчува заради некакви „повисоки“ интереси

По повод најновиот напад на македонскиот јазик од „лингвистката“ проф. д-р Ана Кочева од Институтот за бугарски јазик

Бугарската „научна фела“ во областа на лингвистиката и филологијата не престанува неправедно, невистинито, дрско и безобразно извртено да го напаѓа, понижува, деградира, разграбува и приграбува македонски свет јазик и неговата континуирана македонска историја. Последниот напад е на тема „(Пре)кодификацията на българския книжовен език в Македония“, каде што „лингвистката“ проф. д-р Ана Кочева од Институтот за бугарски јазик бесрамно, со извртени теории и факти, си зема за слобода да го нарекува македонскиот јазик „случај“, дека кодификацијата на македонскиот јазик е извршена врз основата на книжевниот бугарски јазик, дека „таткото“ на македонизмот е Стојан Новакович, па дури во своите лажни и фалсификувани теории да ги спомене Блаже Конески и Крум Тошев, за коишто лажно и без трошка срам вели дека „говорят на сносен български книжовен език“.
Факт е дека старословенскиот јазик, најстариот словенски книжевен јазик, лежи во основата на говорот на македонските Словени од околината на Солун, врз чија основа е создадено првото словенско писмо, глаголицата (непобитни факти за ваквото тврдење се стотици македонски старословенски и црковнословенски ракописи пишувани со македонска црковнословенска редакција). Впрочем, и во учебникот Старословенски јазик 1 стои „…македонската теорија за народната основа на најстариот словенски книжевен јазик е далеку пораспространета. Меѓу нејзините претставници најистакнати се Ватрослав Јагиќ (1838 – 1923) и Ватрослав Облак (1864 – 1896). Денес таа теорија претставува вистина што не подлежи на никакво проверување.“
Во врска со средновековното ракописно наследство е поврзана дејноста на македонската охридска и македонската кратовска книжевна школа, од каде што како на фабричка лента излегуваат стотиците сведоци (ракописите пишувани од монасите Македонци) за македонскиот јазичен и културен континуитет и идентитет. Како продолжувачи на македонските и сесловенски просветители Св. Кирил и Св. Методиј, Св. Климент и Св. Наум Охридски се нижат Македонците по идентитет, убедување и културен код Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Константинов-Џинот, Партениј Зографски, Кузман Шапкарев, Димитар Миладинов, Григор Прличев, Димитар В. Македонски, Ѓорѓија Пулевски, Темко Попов, Марко Цепенков, Крсте Мисирков, Кочо Рацин, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Гане Тодоровски, Блаже Конески, Крум Тошев, Круме Кепески, Божидар Видоески… Постојат милиони преписки, документи и писма што јасно и недвосмислено говорат за македонскиот идентитетски континуитет и покрај милионите запалени, скриени и уништени од нашите „добри“ соседи, кои како гладни волци ја навјасале нашата татковина Македонија, а со помош на внатрешнолингвистичките „македонски“ предавници и агенти сакаат да ја распарчат и да ѝ го зададат последниот удар на бесмртната Македонија и неуништливиот свет македонски јазик и културен код, којшто ќе ги надживее и овие бурни времиња, со или без наша помош, зошто мајката земја ќе роди храбри Македонци онолку колку што ѝ се потребни и тогаш кога ќе ѝ бидат најпотребни.

Токму поради непобитните аргументи и факти за постоењето на македонскиот јазичен и културен идентитет, јас како лингвист сметам дека треба да престанеме со реториката на одбрана и правдање, реторика на докажување којашто оди во недоглед и се извртува на секој чекор и во секое време. Задолжително е потребно да се престане со „плачењето и кукањето“ колку македонскиот јазик е засегнат на ова или на она рамниште, туку храбро и одлучно да задаваме удари и да им отвориме „крвави“ рани на сите што истото тоа ќе ни го сторат нам. Сите негатори на македонизмот нека доживеат барем дел од нашата болка, страв и беда во која вековно се обидуваат да нѐ втурнат. Поради „добрососедски“ односи никого не напаѓаме, се откажавме од терминот „старомакедонски“ јазик, иако тој само нам ни припаѓа, молчиме на сите клевети, на сите навреди, на сите понижувања, иако сакаат да нѐ обезличат. Иако фактите се на наша страна, прифаќаме небулозни отстапки и ги затвораме очите пред вистината, која е водилка според која треба да се ориентираме, бидејќи вистината ќе нѐ ослободи нас, но и нив (нашите источни соседи). Оттаму, сметам дека треба во целост да ја промениме реториката во комуникацијата со нашиот источен сосед, особено со ваквите „лажни“ лингвисти, кои се осмелуваат да нѐ удрат по нашето најмило, најдраго, најсвето, единствено нешто што ни остана, а тоа се достоинството и идентитетот. Начинот на комуникација треба да се сведе на дискусија со реципроцитет, на навредите да се одговара со навреди, на убавите зборови со уште пораскошни комплименти и пофалби.
Ако тргнеме според ваквиот пристап на реципроцитет, на т.н. „професорка“ д-р Ана Кочева од Институтот за бугарски јазик би ѝ одговорил со неколку реченици за почеток. Имено, при проследувањето на историјата на македонскиот јазик може да констатираме дека тоа е јазикот којшто е основа за создавањето на старословенскиот јазик, а подоцна и на сите словенски јазици, меѓу кои: руски, српски, хрватски, црногорски, полски, чешки, словенечки…, но случајот со т.н. „бугарски јазик“ е различен и изведен според фалсификувана, туѓа историографија на јазикот. Кодифицирањето на другите словенски јазици порано од македонскиот јазик се должи исклучиво на подобрите услови коишто тие ги имаат на општествено-политички, економски и воен план, како и на наклонетоста којашто ќе ја имаат од Големите Сили, кои ја кројат судбината на сите народи во светот. Додека не се создаде (даде) државност, просто не постои можност да го озакониш (кодифицираш) својот јазик колку и да е татко/мајка (предок) на другите. Бидејќи Големите Сили од непознати причини се наклонети кон создавање на бугарската држава, дури и на дел од македонската земја, врз основите на старомакедонскиот јазик успешно се создава еден нов светски поддржан јазик, кој има за задача да ја ослабне македонската културолошка матрица и да ја разниша до точка на неможност за стабилизација. Врз основа на дијалектите на македонскиот јазик, голем број руски лингвисти го создаваат т.н. „бугарски јазик“, којшто претставува дијалектна регионална норма на македонскиот, тогаш сѐ уште неозаконет јазик, со јасни силни влијанија на руската лексика и преземени симболи/знаци од „руската гражданка“.

На историски план јасно може да се согледа влијанието врз т.н. „бугарска азбука“ од рускиот јазик, кој е мајка/татко/конструктор на истата таа, со изразено маркантна цел, слабеење на македонското културно и идентитетско јадро, важно за уништување на еден јазик од кој потекнуваат сите други словенски јазици, а тоа е старомакедонскиот јазик.
Дијалектната регионална норма на старомакедонскиот/македонскиот јазик, т.н. „бугарски јазик“ потпомогнат од руските светски признаени лингвисти успева некако да земе дел од славата на македонизмот и да им се спротистави на фактите коишто јасно стојат на страната на Македонија и на македонскиот јазик, но сепак вистината е како шило, кога тогаш излегува на виделина. И денес т.н. „бугарски јазик“ е под силно влијание на руската јазична норма, но и на руската лексика, којашто сочинува повеќе од половината во регионалната дијалектна норма на македонскиот јазик, „бугарскиот“. Сепак, поради силната и целосна поддршка од Европската Унија, на современ план „бугаризмот“ без никаков срам, морал, етика и сочуство отворено врши кражба на историјата на јазикот, на културно-историските споменици, па дури и на објектите од различни епохи коишто безобѕирно ги приграбуваат и ословуваат како „бугарски“. Благодарение на Марин Дринов, кодификаторот на т.н. „бугарскиот јазик“, се „озаконува“ азбуката со 32 букви, која била прифатена во 1878/1879 година, а кој засведочено говорел на сѐ уште неозаконетиот македонски јазик, односно неговите југоисточни дијалекти, оние врз чијашто основа се создава хибридно-регионалната норма на македонскиот јазик, т.н. „бугарски јазик“.
Се надевам дека македонските лингвисти ќе започнат на ваков начин да го третираат јазикот на нашиот источен сосед, како одговор на непризнавањето и дрскоста на лажните „лингвисти“, бидејќи вистината што нѐ просветлува е на наша (македонска) страна и немаме потреба да ја премолчуваме само поради добрите односи со нашите источни соседи.

Проф. д-р Михајло Марковиќ

(Авторот е професор на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Универзитетот во Тетово)