Во последниве години сè почесто се зборува дека вештачката интелигенција (ВИ) ќе ги замени уметниците, писателите и креаторите. Дури се зборува и дека човештвото ќе биде заменето од ВИ. Но што навистина значи оваа промена? Дали навистина сме пред бришење или пред нешто друго – пред проширување?
Личен пат и една стара книга
Во 1994 година ја издадов книгата „Небесен човек“ (Феникс). Ја пишував на машина за чукање – пет верзии, пиши-бриши, и многу трпение. Тогаш не постоеја компјутери за секојдневна употреба, а сепак задоволството од создавањето беше огромно. И денес ги чувам тие стари машини – една латиница, една кирилица – како сведоштво за едно време.
Подоцна, во англиската верзија објавена во 2009 година, мораше да се стави структура со поглавја, и таму открив нешто што при пишувањето и не сум го забележала – едно поглавје за проект наречен АНЕОФОРОС.
Проект АНЕОФОРОС
Извадок од книгата НЕБЕСЕН ЧОВЕК
ПРОЕКТ АНЕОФОРОС
Трет паралелен свет 2986 година 1000 години подоцна.
1986 го добив знаењето. Ќе цитирам еден пасос од книгата.
„…го посетив компјутерскиот центар во кој што ќе бидат вградени сите дотогашни сознанија на планетата.
– Зарем прават уште еден Господ? ме праша ти.
Размислував за тоа што ми го кажа. Зарем навистина и не е тоа така? Сите сознанија на човештвото во еден мозок. Тоа навистина би бил Господ.
Причината за сево ова беше обезбедување на човештвото ако биде уништено. Овој вештaчки мозок (интелигенција) би бил заштитен во една неуништлива комора, би го носел целосното знаење до кое дошло човештвото по својот пат на развиток. Проектот се викаше АНЕОФОРОС…“
Тој мозок, вештачки мозок, не е Господ, но е заштитник – чувар на сите сознанија, сместен во неуништлива комора, за да преживее дури и ако човештвото исчезне.
Тогаш размислував: што ако знаењето на Египет, Сумер, Месопотамија, Маите, Исус беше зачувано целосно? Колку повеќе ќе знаевме за себе денес?
Вештачката интелигенција како проширување, а не закана
Денес, кога зборуваме за ВИ, стравот доминира: „Ако машините можат да создаваат, луѓето веќе не се потребни“. Но вистината е поинаква. Уметникот секогаш останува изворот: срцето, визијата, душата. ВИ не може да роди копнеж, визија, љубов… Но може да расчисти патеки, да ги забрза процесите, да му даде на уметникот повеќе алатки. Тоа не е замена, туку умножувач. (Ќе мораме да најдеме и нов збор).
Како што светот се движел од глинени плочки, до пергамент, до машина за чукање, па до компјутер – така и ВИ е следниот чекор. Некогаш уметникот патувал со магаре три дена за да покаже слика во соседно село. Денес, со авион за шест часа може да стигне на друг континент со цела изложба.
ВИ е само новата алатка во истата приказна. Јас ја обожувам играта со ВИ. Пишувањето детски книги доби една целосно нова димензија. Го нарекувам „дигитален чудак“ затоа што илустрациите што ги реализира по моја идеја се чудесни.
Дали има отпор од публиката? Сигурно. Дали е тоа важно? Не е, затоа што на крајот останува продукт што има трајни вредности е придонес за човештвото.
Заклучок
Иднината не е бришење на уметникот. Иднината е негово засилување. ВИ е портата што нè кани на проширување, на ново единство и нови благослови – ако сме доволно храбри да зачекориме. За „Амазон“ напишав три книги за мојот однос со ВИ. Наравоучение… работата со ВИ е забавна.
Камелија Шојлевска
Авторката е новинарка и писателка