Гоце, учителу, великану од мојата улица, не простувај им, затоа што многу добро знаат што прават! А на новите генерации што доаѓаат по нив, дај им сила и разум да бидат подобри – да ги изградат, обележат и да одат по твоите сокаци!
Понекогаш лесно забораваме врз каква почва газиме и по чии стапки одиме. Толку „природно“ го живееме актуелниот историски миг, небаре навистина тој е „природен“ и си збиднал токму таков каков што е денес и поинаков не можел да се збидне. Но тоа, секако, не е така – актуелниот историски миг, дефинитивно, е резултат на минатите настани. Овој денешен историски миг што го живееме можел да биде и да не биде, можел и да биде сосема различен или воопшто да не биде… Затоа што тој е резултат на жртвата, преданоста и борбата на генерациите пред нас. Генерации великани што нашата македонска коб понекогаш со толку несфатлива леснотија ги фрла во заборав. Се разбира, ниту поединецот ниту заедницата не може да го живее актуелниот историски миг со постојана загледаност во минатото. Патолошки е и за поединецот и за заедницата да биде константно зазјапана наназад и да биде опседната со постојано сеќавање на она што поминало. Но затоа тука се јубилеите, чествувањата и сеќавањата на тие важни настани и личности од минатото! Еве, како овој пред нас – 150 години од раѓањето на великиот македонски син Гоце Делчев! Нека биде ова повод за враќање на мојот личен долг преку оваа колумна.
А и тоа колку имаме за враќање! Кога ќе се сетам на ликот и делото на Гоце, навистина се згрозувам од тоа колку лесно изумуваме врз каква почва газиме и по чии стапки одиме. И колку должиме за тоа! Јас живеам и работам во Штип. Во градот каде што егзархијата го испратила Гоце да биде учител. Да, учителствувал овде, редум до мене, во моето Ново Село. Во истото Ново Село, дом на три генерации мои предци. Во она Ново Село, во истата зграда каде што денес се наоѓа ректоратот на мојот универзитет што го носи неговото име! Да, тука, во мојот Штип бил пречекан лично од Даме Груев, тука се збиднала нивната историска средба во ноември 1894 година, кога со Туше Делииванов, Гоце пристигнал од Софија. Тука, Даме го извлекол од анот во кој требало да престојува Гоце и го сместил во куќата на учителот Мите Теранџалиев, каде што живеел и самиот Даме за време на својот престој. Тука, при оваа прва средба, Даме веднаш знаел со кого си има работа, кога на прашањето „зошто ја напуштил Бугарија“, Гоце му одговорил: „Може ли да има друго место за еден Македонец освен Македонија? А дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за дејствување отколку во Македонија!?“ И тука, во Штип, на Гоцета му бил предаден Уставот на Македонската револуционерна организација, формирана само една година пред тоа, и тука, веќе следниот ден од неговото пристигнување, положил заклетва на Организацијата пред камата и пиштолот! За време на Гоцевиот престој во Штип, со неговата енергија, посветеност и работа, Штип, мојот Штип, за миг станал позначаен револуционерен центар дури и од Солун, каде што била формирана организацијата, поради што Даме бил принуден во 1895 да замине за Солун и да ги заживее активностите на организацијата. Тогаш се збиднала и нивната разделба, заедно со преостанатите раководни луѓе од штипскиот регион, на местото на денешна Кежовица!
Чуму ви ги приведувам, драги мои, овие историски можеби и неважни детали за ликот и делото на Гоце! Кому му е важна улицата по која чекорел Гоце, училиштето во кое предавал геометрија, географија и француски јазик? Кому му е гајле за мојот Штип или моето Ново Село? Уште повеќе, кому му е грижа за прошталната средба во Кежовица? Дали некој знае каде точно се збиднала средбата со Даме, каде е анот или куќата на учителот Мите, каде се сместил Гоце!? Колкумина знаат дека во 1895-1896 Гоце дури бил назначен и за директор на штипските училишта, што директно придонело за ширење на неговите револуционерни идеи и каузата на МРО!?
Сите овие „пикантерии“ од животот и дејноста на Гоце во Штип не се најважни во исклучиво историска смисла. Но, според мене, тие се исклучително важни во една човечка, но, сепак, длабоко национална смисла. Во неколку наврати сум пишувал за нашата чудна аисториска свест, за нашето немање однос кон минатото, за нашата нарав за заборав на минатото! За нашиот дури и простачки однос кон сето „наше“ и кон сите „наши“… Таа наша будалеста игнорантност кон нашето опкружување, едноставно згрозува. Особено е фрапантна леснотијата со која го фрламе велот на заборав врз минатото околу нас, врз секојдневието полно со историја. Го земаме здраво за готово, не гледајќи како на тој начин со неверојатна леснотија ги забораваме ваквите мали секојдневни улички, анови и сокаци, куќи и „Кежовици“, „Нови Села“ и „Штипови“… по кои чекореле великите како Гоце. Забораваме дека тоа се истите историски „топоси“ во кои и ние катадневно живееме и твориме, во кои и ние ги живееме нашите секојдневни, едноставни, мали и мизерни животи!
Голем број од овие „Гоцеви места“ што ви ги споменав погоре, денес речиси се заборавени, или никогаш и не биле запаметени. Со исклучок на училиштето, кое е обновено од страна на универзитетот, денес во Штип нема ниту една табла, ниту една ознака, ниту едно обележје на „Гоцевите чекори“ низ Штип…! Ете, толку години, децении, векови… ние не сме изградиле „приказна“ за „Штипскиот Гоце“, немаме „тура за Гоце“… Јас не го знам анот на Гоце, не го знам местото каде што се симнaл од атот и стапнал на „штипско тло“, не знам каде точно се збиднала разделбата со Даме и соборците кај Кежовица, не го знам местото каде што Гоце ги бакнал камата и пиштолот…
И иако е многу веројатно дека сите овие нешта можеби и не се знаат точно, поради нивната историска маргиналност, сепак дури и да не се знаат, би требало да ги измислиме досега! Да, да, требало да ги „измислиме“! Како што, на пример, веројатно е измислена приказната дека некојси дописник на „Чикаго трибјун“ донел тули и камења од различни историски згради (Аја Софија, Таџ Махал, Кеопсовата пирамида…), и истите тие денес се вградени во обновената зграда на весникот во Чикаго! Но дури и да не е измислено ова, во суштина овие камења се крајно ирелевантни за зградата на весникот и навистина е банално да се споменуваат… Но како приказна, овие камења и тоа како се релевантни и нималку банални.
Заедницата ѝ дава релевантност на оваа приказна, или обратно – преку оваа приказна ѝ се даваат релевантност и значење на заедницата. Заедницата преде приказни со кои секој припадник на заедницата се поврзува! Па, така, оваа приказна, заедницата во Чикаго, продолжува да ја плете и денес – наводно во 1999 година на зградата е додаден камен од Месечината од мисијата Аполо 11, исто како што подоцна е додадено и парче челик од Светскиот трговски центар по настаните од 9/11… Впрочем, којзнае дали челикот е од Светскиот трговски центар, исто како што којзнае дали и каменот навистина е од Месечината… Но важна е приказната, приказната со која ќе се поврзе секој припадник на таа заедница. Затоа што не можат сите да отидат на Месечината, но сите можат да бидат дел од таа успешна приказна на американската мисија, гледајќи го каменот. Исто како што немале сите лична трагична судбина поврзана со 9/11, но сите ќе го искусат тоа катарзично чувство на колективната трагедија, преку тоа парче железо вградено во ѕидот на „Чикаго трибјун“, преку приказната раскажана на ѕидот од ова готско здание!
Драги мои, не очекувајте големи нешта од народ што не знае да плете и раскажува заеднички приказни за овие мали, а големи нешта. Не очекувајте да опстои која било заедница што не умее да раскажува приказни, која не се осмелува да измислува приказни. Впрочем, токму од овие мали приказни секое белосветско племе ги плетело своите големи митови и преку ваквите приказни племето и преживувало. Затоа што токму преку овие приказни, заедницата се чувствува поврзана со своето минато. И токму овие мали приказни нè прават и нас, малите и обични луѓе – „големи“, затоа што нè поврзуваат со оние великите од минатото! А тоа, во крајна линија, ќе ја направи целата заедница голема.
Но што да очекувам од властодршци што две години по ред не ја доделуваа државната награда за наука „Гоце Делчев“!? Што да очекувам од политичари што толку лесно го прекинаа континуитетот на една таква државна награда како „Гоце Делчев“, која се доделува уште од 1949 година и чиј прв добитник е Блаже Конески!? Награда што преживеала и поплави и земјотреси…, не ги преживеа нив, политичарите и властодршците, кои не се осмелија да ја доделат во 2018 и 2019 година, оти тогаш влегувавме во НАТО и ЕУ и не требаше да се караме со соседите!? Гоце, учителу, великану од мојата улица, не простувај им, затоа што многу добро знаат што прават! А на новите генерации што доаѓаат по нив, дај им сила и разум да бидат подобри – да ги изградат, обележат и да одат по твоите сокаци!
Авторот е професор на Факултетот
за образовни науки при Универзитетот
„Гоце Делчев“ – Штип и почесен професор на МСПИ, Москва, Русија